Blog Archives - Europe House

Ника Гавровска: Моите основни стравови ги генерираат моите приказни

Разговараше: Наташа Атанасова

Годинава, на Саемот на книгата во очи ми падна „Ветерната приказна“, една прекрасна книга – прво како предмет, а потоа, за среќа, и содржински ми ги оправда високите очекувања.

Со оглед на тоа што како човештво си го живееме сечењето на планетарната гранка на којашто седиме, има многу книги за деца што се занимаваат со оваа тематика. Меѓутоа, оваа книга со толкава суптилност и вештина ги пренесува најважните еколошки пораки до децата, поканувајќи ги да ѝ се придружат во авантурата на Верта, девојчето кое тргнува да го врати ветерот и да го спаси својот свет од замирање, што едноставно плени.

„Ветерната приказна“ е дело на Ника Гавровска со илустрации на Наташа Андонова и е издание на малата издавачка куќа „Гаврош“, во сопственост на Ника. Бидејќи Ника со години е дел од издавачката сцена – како уредник, дизајнер, автор…, а е и издавач со специјализирано издавачко образование, разврзавме муабет на авторско-издавачко-детско-еколошки теми, сите важни за нашата иднина.

Ника, ти си една од двајцата во Македонија за кои имам слушнато дека студирале издаваштво. Како дојде до таа одлука и какво искуство ти беа постдипломските?

Многу, многу одамна, сакав да студирам драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. И додека чекав да се отвори класа, а за да не си го арчам времето, се запишав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и почнав со студиите по Француски јазик и книжевност, а наместо јазик под Б, одбрав предмети од катедрата за Историја на уметност т.е. византиска уметност. Имав фантастични професори, луѓе кои ми го променија животниот пат: Калиопа Петрушевска, Илинка Митрева, Елисавета Поповска, Драги Михајловски, Анета Серафимова, а подоцна и Владимир Мартиновски и Лидија Капушевска-Дракулевска… Кога го открив книжевниот превод не сакав да го напуштам. Од оваа перспектива гледам дека тој афинитет кон мешаниот дискурс, амалгамот од текст и слика бил присутен и за време на студиите. Јас немав дилема дека сакам да се занимавам со книжевност/текст/раскажување, ама во тој период ни оддалеку немав идеја дека ќе се занимавам со издаваштво. Можеби токму тој креативен процес во преведувањето, читањето и препрочитувањето, пишувањето и препишувањето е налик уредничката и редакторската работа. Едновремено, додека бев студент, моите родители го водеа бифето на Мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија, и во тој период тој простор вдоми многу настани од сферата на културата. Во тој амбиент, функционираше книжарницата на „Или-Или“, а Игор Исаковски редовно правеше промоции на проектите од неговата издавачка куќа „Блесок“. Тие спомени за мене се бесценети зашто тогаш за првпат имав можност да ѕирнам зад завесите на една издавачка куќа. Можеби токму тоа било некој прв импулс.

Постдипломските за издаваштво во Лориен, Бретања беа овозможени со стипендија од Француската влада. Главниот корпус  предмети беа од типот: француска и франкофонски книжевности, превод, типографија и ликовно обликување, авторски права, уредничка политика итн.., а повеќето предавачи вклучени во образовниот процес беа луѓе од светот на издаваштвото. Од тој аспект, искуството беше незаменливо поради тоа што имавме ексклузивна можност да поминеме низ сите алки од синџирот на издавачката индустрија, а и поради тоа што како група бевме спој на луѓе од различни места во светот – секој беше дојден со сопствениот багаж од својот контекст што дополнително ја збогати размената на искуства.

А, времето поминато во Бретања на крајбрежјето на океанот, пределот на ветерниците, несомнено оставило свој печат на опустошениот пејзаж од почетокот на „Ветерната приказна“.

Во секој случај, Франција е една од земјите кои се колевка на современото издаваштво во Европа. И од тој аспект, привилегијата на студирањето токму таму беше преносот на систематизираните знаења за издаваштвото, кое кај нив функционира како совршено разработен и дефиниран систем.

Лориен, Бретања (фотографија од архивата на Ника)

И, потоа, се врати во Македонија. Колку од знаењето што го стекна е применливо тука?

Применливо дефинитивно не е. Затоа што работите тука ни одблизу не наликуваат на тој амбиент таму. Ајде да појдеме од тоа дека ние немаме дистрибуција. Немаме агенти за авторски права и правници кои се занимаваат само со таа област, па сè уште постои сива зона на што-кој-како. Потоа, зад секоја книжарница стои одредена издавачка куќа, значи немаме независни книжарници и сè дури тоа е така ние имаме проблем. Франција е како Левијатан од издавачи. Пазарот е многу поголем, во и надвор од неа, а и читателската култура е на многу високо ниво. За време на студиите неслучајно избрав пракса во мала издавачка куќа ФЛБЛ (FLBLB) во Поатје, оти бев свесна дека ќе се вратам тука и сакав да направам реална паралела со издавачка куќа кај нас, во случајот, со „Или-Или“.

Сепак, применливо не е, дури понекогаш мислам дека и е недостаток. Ниедни студии не можат да те опремат за овој див амбиент тука, каде треба да научиш како да се бориш против ветерници. Да не се лажеме, фрустрации и проблеми имаат и издавачите во Франција, не станува збор за идеализирање на тоа таму, едноставно амбиентот е стимулативен, додека оваа наша стихија како жив песок те вовлекува да потонеш, заедно со секоја добра иницијатива, каква што беше онаа за Агенцијата за книга. Не знам, можеби тоа ќе биде улогата на „Гаврош“, да даде стимул и верба дека можеме да го промениме нашиот пејзаж. Нѐ чека работа.

Кога и како ти се роди идејата за „Гаврош“? И зошто баш „Гаврош“?

На „Гаврош“ му требаше време да созрее и како идеја, но и јас да се почувствувам подготвена да се нафатам на таа авантура. Инаку, името „Гаврош“ нема никаква врска со моето презиме😊. Секој што го читал романот „Клетници“ од Виктор Иго не може a да не го памети ликот на Гаврош, парискиот гамен, кој не само што е симбол на заборавените деца од улица, оние коишто секојдневно ги игнорираме, туку е и симбол и жртва на Француската револуција. И, се разбира, тука е и основната идеја дека издавачката куќа ќе се занимава со детска книжевност.

Изданијата на „Гаврош“ на Саемот на книгата 2023

Изданијата на „Гаврош“ од естетска гледна точка се книги што би посакал да ги има секој библиофил. Како успеваш да најдеш средства за нив и дали е самоодржливо твоето издаваштво?

Во формирањето на „Гаврош“ си поставив критериуми од кои решив дека нема да отстапам. Кога станува збор за книгите за деца, ниеден избор не е случаен. А книжевноста за деца е онаа која го поттикнува секојдневниот ритуал кој се остварува меѓу читачот и детето, читателот во зародиш. Сликовницата, тој квадратен предмет е оној што го овозможува преминот во светот на фикцијата.

Изданијата на „Гаврош“ не се пркос на електронските изданија, кои се тука, ќе постојат и ние не можеме да избегаме од нив. Тие се повеќе одговор на масовната продукција каде што се стимулира и симулира еден тотален дисреспект на читателското око.

А каде се наоѓаат финансии? Јас секоја година конкурирам во Министерството за култура и во Град Скопје. Меѓутоа, ние не можеме да се потпреме само на таа поддршка и голем дел од овие изданија се самофинансирани. Затоа што сметам дека тоа е единствената можност да ја реализираш сопствената визија – колку што можеш, колку што ти држи чергата…

„Бел“ (фотографија и скица)

Одвај чекам да поразговараме за „Ветерната приказна“, која беше и повод за овој разговор. Но, пред тоа, кажи ми збор-два за другите книги што ги имаш напишано и кои ти се најдрагите изданија на „Гаврош“?

„Бел“ е љубовна приказна меѓу детето Бел и Месечината, којашто еден ден ќе го здогледа во паркот и ќе тргне по него и практично никогаш повеќе нема да го напушти. Ќе го набљудува и оддалеку. На некој начин е приказна за неприкосновената љубов каква што е мајчинската.

И во „Бамбино“ е видлив твојот родителски порив за пишување на приказната.

Можеби, „Бамбино“ навистина има врска со раѓањето на син ми Никита, кога ми стана јасно дека нашата навидум еманципирана средина сепак има одредени очекувања од машкото дете. Дека сѐ уште постои поделба како и во родителскиот пристап, така и во околината. Па така, „Бамбино“ стана приказна за односот меѓу таткото Брада и малиот Бамбино и строгите татковски очекувања дека во даден момент тој треба да престане да биде дете и да го подготви да стане „маж“. За среќа, Брада ќе се разбуди од длабокиот сон на тагата пред да биде доцна.

Во „Бамбино“ ја обработуваш и темата за смртта на мајката, тема која во нашава презаштитнички настроена современост пред децата често се одбегнува или се ублажува…

Првото издание на „Гаврош“ е мојата најдрага сликовница – „Сигрид и ноќта“, на шведскиот автор Јонс Мелгрен, во која основната тема е загубата и тагата по загубата. На промоцијата во Скопје во тогаш постоечката „Менада“ имаше реакции од публиката токму за ова што го зборуваш, дека нашиот менталитет, нашата култура е таква што практично ние тие теми ги одолговлекуваме, ги заобиколуваме, го заштитуваме колку што можеме повеќе детето. Дури ни јас не се сеќавам дека сум била на погреб како дете. Одговорот на Јонс беше дека во нордиските земји тие не само што не ја избегнуваат таа тема, туку се обидуваат колку што е можно повеќе да биде застапена во книжевноста за деца. Зарем нема деца кои не загубиле некого? Макар тоа да е и милениче. И тогаш кога детето се чувствува осамено во својата несреќа, мисли дека само нему му се случува вакво нешто, тогаш во својата книга ќе открие и препознае дека и некој друг поминува низ истото и тоа е неверојатна утеха.

П.С. Во „Бамбино“ не е нагласено дека мајката е почината, туку дека заминала. За мене беше важно нејзиното отсуство и неможноста да го заштити своето дете од строгиот татко. Колку што таа беше присутна во „Бел“ и секогаш е тука за него, дури и од сенка, тука ме водеше стравот од тоа, а што без „мене“ кога двајцата ќе бидат препуштени еден на друг. Се разбира, не појдов од тоа да го осудам Брада за неговата суровост, само да ја разберам. 🙂

„Ветерната приказна“

„Ветерната приказна“😊. Ова е една прекрасна книга, како предмет, но и книга со моќна приказна преку која децата заедно со Верта на еден волшебен начин ги откриваат еколошките предизвици на нашето време и начинот на кој можеме да се соочиме со нив како индивидуалци и како колектив. Како течеше целиот процес на креирање на книгата, која е дел од еден поголем проект, именуван The Ways of The Heroes?

„Ветерната приказна“, како приказната за Верта и нејзиниот дедо во светот без ветер и китот Гра е приказна која живееше во мене многу одамна, долго пред постоењето на „Гаврош“. Проектот „The Ways of The Heroes“ е мозаик од седум партнери, а предводник е Македонскиот народен театар. Кога беше одобрен од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија, се договоривме дека работата ќе оди верижно. Идејата на партнерите од Србија „Ехо Анимато“, беше да се снимат 12 кратки документарни филмови за 12 поединци, по двајца од секоја од шесте земји – поединци кои прават промени на микроплан, кои можат да инспирираат и во чии дела и јас и ти би можеле да се препознаеме. Процесот на селекција беше долг, снимањето траеше цела година и јас и Наташа Андонова сфативме дека не можеме да чекаме да завршат, па тргнавме полека да го конструираме светот на фикцијата.

Илустрации од „Ветерната приказна“

Ама низ приказната има и изјави од снимените видеа…

Да. Со Наташа појдовме од тоа да го изградиме светот на „Ветерната приказна“, а потоа во него ги внесувавме 12-те ликови. И беше многу ризично – дали овие луѓе кои постојат во реалниот свет ќе успеат да го вдишат светот на фикцијата и дали ќе функционираат во светот на Верта, дали ќе успеат, секој на свој начин да ѝ помогнат во нејзината авантура…

Процесот беше обратен и беше прашање на експеримент. Практично, јас се запознав со моите ликови кога излегоа кратките документарни филмови, и тогаш ги внесов нивните цитати во приказните. Потоа, откако излезе книгата, за време на промоциите на изданијата во сите партнерски земји, и кога ги запознав овие ликови од фикцијата во живо тоа беше тотално надреално искуство. Јас живеев со нивните видеоинсерти додека ја пишував приказната, а кога ги запознав вистинските Кристина, Силво, Елмедина… не можев а да не ги перципирам како ликови од приказната.

А како тие се доживеаја себеси како ликови од приказната полна со „мит и магија“?

Многу, многу интересно. И со сите има по некоја интересна анегдота. На пример, шивачката Маја Модријан од Словенија, илустраторката Наташа реши да ја претстави со фустан со милион фиоки. И кога Маја ја доби книгата, вчудоневидена нè праша „од каде знаевте дека имам опсесија со фиоки“ за потоа да ни испрати фотографии од нејзината колекција на мали фиоки. Силво Рожман од Словенија пак, којшто ѝ го дава јаболчето што на крајот ќе го спаси светот на Верта, дојде на промоцијата со неговиот сок од јаболка и верувајте дека тоа беше најубавиот сок што во животот го имам пробано. И така натака…

Колкав предизвик беше „Ветерната приказна“ за илустраторката, а и од уреднички аспект?

Наташа Андонова направи повеќе од триста цртежи во јаглен техника, на различни хартии. Нејзиното ателје во еден момент беше преплавено од хартии. Овие цртежи потоа ги скениравме еден по еден, ги чистевме дигитално еден по еден и тоа беше можеби најмачниот дел од работата. Ризикот се состоеше во тоа како јагленот ќе се однесува на хартијата за печатење по дигиталниот пренос и затоа многу внимателно ја биравме и хартијата на којашто требаше да биде испечатена книгата. Првенствено идејата беше приказната да се печати на многу поголем формат и книгата да има многу помалку страници, но откако „забегавме“ – и јас со приказната, и Наташа со илустрациите што го следеа дејството, форматот мораше да се смали.

Настрана од пишувањето на приказната, најубавиот дел беше создавањето на книгата. Создавањето на една илустрирана книга се случува токму во моментот кога се спојуваат сликата и текстот на страниците. Практично кога се прави преломот. Имено, јас уживам во тој процес многу повеќе отколку во пишувањето на приказната и се чувствувам најкомотно, исто како да се наоѓам во студио за монтажа. Токму тука се создава ритамот на раскажувањето, вербално и визуелно и тука се раѓа магијата на книгата.

А од аспект на уредништво, ова беше на ниво на докторат, затоа што изданието е преведено и на сите партнерски јазици. Проблемот се состоеше во тоа што проектот „Патишатата на хероите“ е пишуван две години пред почетокот на пандемијата и никој ни насон не можеше да предвиди колку ќе порасне цената на хартијата. Па затоа, додека работев со петмина преведувачи паралелно, книгата се преведе на српски, словенечки, грчки, италијански и босански, меѓутоа испечативме многу помали тиражи од предвидените, симболични тиражи.

Страници од „Ветерната приказна“

Една од важните теми во книгата, настрана од еколошките, е темата на заборавот. Зошто ѝ даде особено место и кои се другите теми што тебе ти се важни, а кои можеби толку не доаѓаат до израз?

Во голема мера, „Бел“, па и „Бамбино“ и „Ветерната“ се приказни коишто кружат околу стравовите. И ако треба да го лоцирам основниот генератор за овие приказни, тоа се моите основни лични стравови.

Во релацијата меѓу Верта и дедо ѝ е вплотена таа интимна тема, темата на заборавот, на деменцијата. Неименуваниот дедо секој ден заборава сè повеќе. Оттука, основниот мотив на Верта да тргне во потрага по ветерот е од многу лична природа.

Се разбира, стравот од заборав ја подразбира борбата да се сочуваат спомените. Често, спомените се единствената утеха за загубата и стануваат тајно прибежиште во кое одиме секојпат кога реалноста станува неподнослива.

Од еколошка гледна точка, кои ти се најголемите стравови?

Ми се чини како заблуда дека најмрачните стравови околу уништувањето на оваа планета сѐ уште да ги врзуваме за некоја далечна иднина. За жал тие ги живееме и денес, скриени зад сечиј несовесен потег. Вистината е дека два дена несобраното ѓубре во главниот град среде лето беше краток трејлер за можното сценарио за една еколошка катастрофа во нашето зацементирано и урбанизирано легло. Ми се чини дека основниот проблем е сфаќање на одредени состојби здраво за готово. Пандемијата ги разбуди моите најдлабоки стравови, ама ја разбуди и мојата фантазија. Никогаш не сум мислела дека носењето на маска ќе ми понуди удобност. А сепак, светот на Верта без ветер исполнет со магла, го живееме речиси секоја зима, по неколку денови, а некогаш и подолго.

Ние возрасните ај што ги ставаме работите под тепих, ама од друга страна, се плашам дека на децата, уште не влезени како што треба во светот, им накалемуваме преголем товар дека е нивна задача да ги средуваат еколошките проблеми што упорно ги натрупуваме.

Товар или мисија, зависи како ќе го именуваме. Секоја генерација со своето бреме. Можеби бремето на оваа генерација што доаѓа е, имено, да се износи со консеквенциите од нашето несовесно делување. Така што, тоа може да биде и мотивација за многу млади луѓе. Подигањето на свеста околу тие прашања не мислам дека е товар, туку можеби најголемиот дар што можеме да им го дадеме. Практично, еден од главните предизвици на „Ветерната приказна“ од самиот почеток беше како овие теми кои можат да бидат товар или бреме, да ги адаптираме на начин на којшто приказната ќе ја разбуди свеста, без да се наметне дидактика по секоја цена – немој вака, зошто така… Затоа што, преку метафората за отсуството на ветерот и она патување низ светот, колку и да е бајковит и нереален оној свет на Верта, може да се види широката слика – дека сечењето на една шума не го засега само ветерниот залив, го засега целиот свет, дека постои поврзаност помеѓу сè.

И, за крај, уште едно прашање за една приказна што некако прерано заврши. Што се случи со твојата кафе-книжарница „Гаврош“?

 

Понекогаш, за судбината на некои проекти постои и факторот на force majeure. Еден незавршен проект на „Гаврош“, делумно неуспешен заради почетокот на пандемијата, беше кафе-книжарницата „Гаврош“, што функционираше многу кратко, само една година, и беше обид за книжарница специјализирана само за илустрирана книжевност, со предност на детската книжевност. Во моментот не бев подготвена да се износам сосема со таа приказна, а почетокот на пандемијата практично си го направи своето, па поради неизвесноста на ситуацијата бев принудена да се повлечам од просторот. Меѓутоа, тоа не е завршен проект, туку проект ставен на пауза и се надевам дека во некоја блиска иднина ќе може да му се вратам.

БИТОЛА НИЗ КУЛТУРЕН И ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТИВ

Градот со многу имиња: Манастирски град, Градот на клавирите, Градот на конзулите, Градот на Широк сокак, Хераклеја…
Постојат повеќе приказни и легенди околу настанувањето на зборот Битола и консеквентното именување на градот. Етимолошкото потекло на зборот Битола доаѓа од старословенскиот збор обител[1], чие значење упатува на средновековниот назив на монашки заедници и манастири. Градот под планината Пелистер изобилува со богато културно и историско наследство, имајќи предвид дека претставува административен, културен, индустриски и образовно-научен центар.


Османлиска разгледница на Битола од 1902 година на која е прикажана реката Драгор.

Секое мало сокаче, уличка, секое скриено дуќанче на Битола исцртува величествен мозаик на една историска приказна.  Градот е поставен на најславниот римски пат, Вија Игнација, а патописните записи од 15 век на Евлија Челебија говорат за богатата цивилизација и космополитскиот дух на градот Битола уште векови наназад пред неговата модернизација. Гледано историски наназад, голем дел од конзуларните претставништва во земјта се наоѓале токму во овој град, додека денес Битола располага со тринаесет конзуларни претставништва со чија помош ги придобива европскиот дух и културата. Оттука, Битола го добива својот дипломатскиот атрибут „Градот на конзулите“ – уште еден од неколкуте називи на градот.

Градот располагал со многу школи, меѓу кои и познатата воена академија, која ја посетувал славниот основач на Турската Република, Кемал Ататурк. Во историскиот период на крајот од 19 век населението на Битола непрестајно се зголемувало и паралелно се проширувала индустриската дејност со отворање на различни фабрики, дуќани и занаетчиски работилници. Истовремено, во овој период се развива фотографската дејност благодарение на првите снимени фотографии и филмови на браќата Манаки, основоположниците на балканската кинематографска дејност. Колоритноста на Битола најмногу доаѓа до израз за време на престижниот меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година и истовремено е првиот светски фестивал посветен на визуелното уметничко творештво на кинематографите.


Центарот на Битола

Град како никој друг

Многу градови, села пројдов,
Како тебе Битола, нигде не најдов.
 – Ајри Демировски (1927 – 2009), Битола, мој роден крај

Хронотопот на Битола го среќаваме во многу песни, раскази, стории, во модерната музика и уметност, а најмногу впечаток ни остава битолската архитектура, која предизвикува безвремено чувство на естетски вознес кај посетителите и туристите ширум светот. Покрај архитектурата, во Битола се наоѓаат многу музеи, галерии, театри, што го претставуваат културниот пулс на градот. Еден интересен податок за градот е тоа дека во повоениот период во Битола биле избројани 1.500 клавири во сопствеништво на битолските семејства, што подоцна ќе стане инспирација за ново именување на градот како „Градот на клавирите“. Поседување клавир во овој временски период значело поседување богатство, бидејќи клавирот бил симбол за имашливост и висок статус.

Ако направиме една прошетка низ Битола…

 Ритамот на градот најмногу може да се почувствува при амбиенталните прошетки на Широк сокак, некогашно корзо, а сега една од најпрометните улици кај нас. Оваа улица ја красат колоритни дуќани, бутици, некогашни занаетчиски продавници, пекарници, а сега и кафулиња и ресторани налепени во приземјата на старите архитектонски градби останати од предвоениот период. Живописните куќи, камените мостови и цветните балкони совршено се спојуваат со современите кафетерии, галерии и ресторани. Широк сокак неслучајно е најпозната амбиентална улица во Битола, која романтично го доловува духот на градскиот етос.

 
Широк сокак некогаш…


…и денес.

Повеќе од 130 објекти во Битола се под заштита на државата и се сметаат за историско и (мулти)културно наследство на градот. Покрај Широк сокак, во Битола можат да се посетат и други знаменитости, меѓу кои и битолската Саат-кула, зад која се крие фантастична легенда за нејзиното создавање. Имено, станува збор за процесот на градење на кулата во периодот помеѓу 16 и 17 век, кога со доаѓањето на османлиските власти во градот, Турците собрале над 60.000 јајца од околните села и направиле смеса од малтер со којашто ги ѕидале ѕидовите на кулата.

Потем, во градот изобилуваат и голем број цркви и џамии (Јени џамија, Исак џамија, Ајдар-кади џамија) поради различните верски припадности на населението. Тука е и безистенот, односно покриениот пазар во центарот на градот во кој изобилуваат најразлични дуќани и продавници, како и Старата битолска чаршија, која се смета за дамарот на градот и вклучува околу 900 дуќани.

Кога правиме прошетка во Битола не можеме да го заборавиме античкиот локалитет Хераклеја, некогашниот антички град посветен на грчкиот херој Херкул, основан во четвртиот век пр.н.е. од страна на Филип Втори. Со секој изминат чекор во Хераклеја Линкестис можеме да почувствуваме како историјата станува жива, да го почувствуваме нејзиното дишење кога ги оживува спомениците на минатото, амфитеатарот, термалните бањи и уникатните мозаици. Можеме да ја проследиме историјата на археолошкото наоѓалиште – од древна грчка колонија, римска провинција до византиска културна грамада и да ја потврдиме дека Хераклеја ги носи митските остатоци од времето. Некогашните тесни улички денес се божествен печат за историјата на еден народ и историјата на една цивилизација. Сите овие прекрасни знаменитости го одразуваат многувековниот процес на развој и изградба на она што денес претставува модерна Битола.

Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис

Битола ја краси и познатата градба-споменик на Офицерскиот дом или уште позната како Сарајот на Абдулах Керим-паша од турско време – како едно од најголемите архитектонски обележја на битолската и македонската архитектура воопшто. Неодамна, просторот на Офицерскиот дом стана домаќин на Europe House и отвори многубројни перспективи и услови за младите поединци, кои отсега ќе имаат можност да го развијат својот креативен потенцијал и да бидат дел од дискусијата за клучните теми и прашања на Европската унија. Во следна прилика, посетете го просторот на Europe House Битола и запознајте го младиот тим на Europe House, со кој ќе можете да се инспирирате за мултикултурните теми на денешницата и да продискутирате за актуелните настани во нашата земја и во светот – или, накратко, дојдете да уживате во креативната енергија што ја нуди просторот на Europe House Битола. 

Europe House Битола

Универзалната раскрсница на времето

Градот Битола низ времето бил сведок на големи историски пресврти, војни, поделби и реставрации, но никогаш не престанал да биде исполнет со културни и историски сокровишта на многувековната традиција. Битола е дом на различни религии, култури и јазици, на голем број културни настани, дом на првата жена-фармацевтка во нашата земја, Рајна Алексова (1882 – 1959), на првиот Македонец-алпинист кој се искачил на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато (1953 – 1989), дом на браќата Влатко и Горан Стефановски, дом на Кирил Македонски, Јонче Христовски, Драги Михајловски, дом на многу креативни луѓе кои оставиле траен печат во македонската културна и научна традиција.

Битола денес не ги крие своите млади таленти, чии интереси се движат во насока на визуелните уметности (веб и класични), моден дизајн, внатрешен дизајн, архитектура, книжевност, филм итн. Уметничкиот порив не замира во новите генерации на младите битолчани, кои мошне умешно знаат да го доловат духот на својот град во нивните инвентивни креации. Битолската авангарда е исполнета со свежи идеи на млади и креативни умови, чии аспирации и имагинации го сочинуваат мозаикот на новата, модерна слика на Битола.

Од античкиот период до современоста, Битола претставува вистинска универзална раскрсница на времето. Тука, на едно место, можат да се најдат слоеви од различни идентитети и цивилизации што заемно се испреплетуваат во еден безвремен амалгам на историја, уметност и култура.

 

[1] Зборот обител со текот на времето го губи гласот „о“ и станува она што денес го нарекуваме Битола. Овој збор сѐ уште можеме да го сретнеме во хрватскиот јазик, но со друго значење. Според приказните на Марко Цепенков, како и оние на старото население околу битолскиот крај, се раскажува за постоењето на голем број цркви во околината на Битолското Поле, што подоцна станува причина градот да биде нарекуван Манастир. За сите овие трансформации на топонимскиот назив постојат физички докази (Битолската плоча од 1015 година) од средниот век што упатуваат на постоењето на името на градот.

Музиката е моќна алатка на уметничката експресија

Младите го држат клучот за нашата иднина, а нивниот ангажман со уметноста, вклучувајќи ги музиката и книжевноста, игра главна улога во обликувањето на нивните сознанија и перспективи за реалниот свет и истовремено во обликувањето на судбината на Европа. Уметничката експресија е моќна алатка преку која младите ги изразуваат своите ставови за светот што е во постојано движење. Уметничките изрази веќе долго време се медиум за општествено размислување, а врската на актуелната генерација со уметноста, книжевноста и музиката обезбедува нишка преку која тие љубопитно ги откриваат универзалните прашања.

Младите и современите уметнички медиуми

Денешната младина сè повеќе се поврзува со различни форми на уметност и музика поради широката достапност на дигиталните платформи и социјалните медиуми. Тие ги користат овие медиуми за да ги изразат своите ставови, знаења, чувства и грижи за светот што ги опкружува. Нивниот допир со светот е динамичен, брз и променлив. Книжевноста, музиката и визуелната уметност служат како моќни алатки за пренесување пораки, стимулирање на критичкото размислување, поттикнувајќи интелектуални разговори како што се сегашните актуелни теми за иднината и промените на животната средина. Со вклучувањето во овие уметнички медиуми, младите поединци стануваат активни учесници во обликувањето на интелектуалното ткиво што подоцна ќе прерасне во критички извор на новата генерација.

„Музичари или Концерт на младите“ (1595) од Караваџо

Интересот на младите длабоко понира во различни уметнички медиуми, создавајќи длабока врска што ги обликува нивните идентитети, перспективи и аспирации. Од визуелна уметност и литература до музика и филм, уметничките изрази служат како ескапизам за младите да ја истражуваат својата креативност, да ги изразат своите мисли и со тоа да им се овозможи слободно придвижување и маневрирање со светот. Преку уметничките медиуми, младите наоѓаат патишта за самоизразување, како и платформи за предизвикување на општествени норми, критичко размислување и застапување за општествени промени. Имајќи предвид дека се наоѓаме во епоха на невиден технолошки напредок, дигиталниот пејзаж дополнително го засилува ангажманот на младите со различните уметнички медиуми, овозможувајќи им да се поврзат и да ги споделат своите идеи и мислења на глобално ниво. Со искористувањето на моќта на уметничките медиуми, младите продолжуваат да ги обликуваат сопствените наративи, да ја редефинираат сликата на културата и да поттикнуваат чувство на обединување што го засилува нивниот стремеж за поинклузивна и поавтентична иднина.

Музика: безвременски израз на младешки дух

Иако музиката и уметноста ја делат заедничката цел на уметничко изразување, тие сепак нудат различни гледишта за креативна експресија. Музиката, преку својата аудитивна природа, поседува моќ да предизвикува емоции и да создаде заедничко афективно искуство помеѓу слушателите. Може да послужи како катализатор за колективна акција, обединувајќи различни поединци под една заедничка кауза. Низ историјата, особено во 20 и 21 век, музиката видно се издвојува од другите уметности и се покажува како моќна сила способна да изврши големо влијание врз промените во светот.

Така, можеме да ја земеме џез-музиката, со своите живописни ритми и импровизирачката природа и да ја поврземе со енергијата и динамичниот дух на младите. Вкоренет во афроамериканската култура, џезот како жанр влегува во новите модерни хибридни жанрови што стануваат сѐ повеќе дел од креативниот идентитет на младите генерации. Способноста на жанрот да се адаптира и да иновира ја одразува суштината на младоста, односно го одразува тој аспект на поместување на границите и прифаќање на промените. Имагинацијата на младите слушатели оди чекор подалеку кога нивните интереси во музиката почнуваат да надминуваат какви било жанровски определби и не се плашат да експериментираат со музичкиот репертоар што е моментално понуден на сцената. Уметноста, но поконкретно музиката отсекогаш била стожерната алатка за експресија кај младите и токму со експериментирањето денешните музички автори стануваат сѐ поблиски до својата публика и отвораат теми што тангираат лични или колективни идеолошки ставови. За разлика од музиката во минатото, современата музика е во постојан чекор со модерните трендови и служи како средство за емоционално ослободување, поттикнувајќи чувство на припадност и емпатија кај младите кои наоѓаат утеха во стиховите и мелодиите на песните.

Музиката надминува секакви возрасни, родови, идеолошки и етнички граници, а нејзиното влијание најмногу може да се следи низ објективот на помладите генерации. Таков пример имаме со најпознатиот англиски рок-бенд, „Битлс“, кој се појави како културен феномен во шеесеттите години на минатиот век, оставајќи неизбришлива трага во општеството. „Битлс“[1] и другите влијателни уметници од нивното време ја искористија својата платформа за да ги предизвикаат општествените норми и да ја подигнат свеста за важни прашања, како што се граѓанските права, војната и зачувувањето на животната средина. Меѓутоа, ефектот на „Битлс“ не престана да се шири и во поновите музички форми и во музиките на младите артисти. Кога ќе се споредат денешните актуелни песни со оние од минатото, ќе се увиди дека денешната музика алудира на аспектите од современото општество, односно е креирана во контекст и во постојан флукс. Музиката, денес, негува едно прекрасно чувство на заедништво, нуди медиум за самоизразување и служи како водич за младите поединци додека се обидуваат да го најдат своето место во модерната доба.

Денешната младина, преку нивниот ангажман со музиката, книжевноста и уметноста, активно го обликуваат своето разбирање за светот и влијаат во обликувањето на иднината. Динамичноста на музиката се идентификува со младешкиот дух на новите генерации и на тој начин ја доловува суштината на нивната креативна енергија и го поттикнува индивидуалното изразување без никакви ограничувања. Понатаму, спротивставените патишта на изразување обезбедени од музиката и уметноста им овозможуваат на младите поединци да се вклучат во еколошките прашања од различни перспективи. Како чувари на иднината, од големо значење е младите да продолжат да го истражуваат безвременото знаење што го нуди уметноста и да не престанат да експериментираат користејќи ја својата креативност за да инспирираат позитивни промени во светот. Со тоа, тие ја имаат моќта да ја трансформираат нашата колективна иднина и да изградат одржлив свет за генерациите што доаѓаат.

Доротеа Огненовска

[1] Нивната музика не само што ги освои срцата на милиони луѓе туку стана и средство за општествени и политички промени. Песните како „Imagine“ од Џон Ленон станаа химни на мирот, залагајќи се за свет ослободен од сите поделби и (воени) конфликти. Нивната музика стана собирен крик за една генерација, која копнее за промени, истовремено инспирирајќи активизам за обликување на колективната свест на младите.

Крушево: Скриен скапоцен камен

Работната недела ја завршивме во посетата #EUwithYou на Крушево – шармантниот и историски град сместен во живописните предели на нашата земја, а годинава и прогласен за Град на Културата!

Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува највисокиот град на Балканот. Додека талкате низ улиците на овој планински скапоцен камен, ќе откриете место богато со култура, глетки кои одземаат здив и топло гостопримство.

 

Започнете го вашето патување во срцето на Крушево, каде што главниот плоштад, ве чека со својата уникатна атмосфера. Плоштадот е опкружен со традиционални камени куќи кои се симбиоза на влашката (епирската) и мијачката (галичката) архитектура и симпатични кафулиња, совршени за уживање во шолја турско кафе и во вкусните локални слатки (локуми, пуслици/целуфки, слатко од аронија).

 

Вљубениците во историјата ќе уживаат во истражувањето на наследството на градот. Не пропуштајте го Музејот на Никола Мартиноски, големиот македонски сликар.

Посетете го Мечкин Камен, каде се наоѓа и полетувалиштето за сите љубители на летањето со параглајдери.

Љубителите на природата ќе бидат маѓепсани од недопрените предели околу Крушево. Врзете ги планинарските чизми и тргнете на патување низ планината Баба, која нуди плејада на патеки за сите нивоа на вештини. Потопете се во спокојството на шумите, вдишете го свежиот планински воздух и уживајте во спокојството на недопрената дивина.

Ниту една посета на Крушево не би била целосна без уживање во локалната кујна. Искусете ги традиционалните македонски јадења како тавче гравче, ајвар и пастрмајлија. Градот е познат и по одличното вино, па не заборавајте да го поврзете вашиот оброк со чаша локално произведено вино.

Зад секое сокаче Крушево крие уште една нова приказна! Затоа испланирајте го Вашиот следен викенд во Крушево.

Ласко Џуровски: Македонската кирилица заслужува бескрајна почит од сите нас

Јазикот е жива материја која го одразува начинот на кој живеат луѓето што го зборуваат. А јазикот, во денешно време, со развојот на дигиталните технологии, својот живот повеќе од кога и да е порано, го живее како текст, преку писмо. Затоа, односот кон писмото, кон нашето македонско кирилично писмо и неговиот изглед во медиумите – печатените, телевизијата, електронските е одраз на односот и почитта што ја имаме кон нашиот јазик и кон тоа што сме.

Човек кој со децении се грижи за зачувување, негување и развој на македонското кирилично писмо е Ласко Џуровски. Неговата работа во областа на крајно маргинализираната дисциплината на графичкиот дизајн, типографијата, е посветена и на создавање писма и фонтови на македонска кирилица, што во овој период на негирање на македонскиот јазик, добива значење поголемо од кога и да е.

Како оддавање почит за неговото дело што непроценливо ја збогатува нашата култура, ова последно интервју во 2022 година го правиме токму со него.

Разговараше: Наташа Атанасова

Како се доживувате себеси повеќе – како графички дизајнер или како типограф?

Всушност се доживувам како „две во едно“, графички дизајнер и типограф. Тие две области се нераскинливо поврзани, испреплетени, едната не може без другата. Нема добар графички дизајн без добра типографија и обратно, нема добра типографија без добар графички дизајн.

Користен фонт: Croma © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Што претставува за Вас типографијата?

Типографијата е уметност на дизајнирање букви со кои пишуваме текстови што пренесуваат визуелно оформени информации. Таа ги вклучува во себе различните стилови на фонтови, преку кои создава изглед и структура што пренесуваат емоции и испраќаат визуелни пораки. Накусо кажано, типографијата е она што на текстовите им вдахнува живот.

Користен фонт: Ganger © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Од периодот кога имате почнато да се занимавате со типографија до денес, кои се најзначајните и за Вас најинтересни фази низ кои има поминато оваа дисциплина на графичкиот дизајн?

Тоа е фазата на премин од класичната типографија која користеше излиени оловни букви, во дигиталната типографија која направи своевидна револуција во визуелизацијата на текстовите. Вистинска графичка револуција! Дигиталната типографија отвори нови хоризонти во сите области, како во софтверските компании кои креираа интуитивен софтвер за изработка на фонтови на многу софистициран начин, така и во областите на издаваштвото, дизајнот на амбалажа, на медиумите, буквално во сите области кои се базирани на визуелна комуникација. Одеднаш типографијата вплови во рајските води на креацијата кои овозможија она што до вчера не можеше да се замисли да стане реално, опипливо, применливо. Дигиталната типографија потполно го промени светот на презентација на текстовите и отвори некои нови видици кои тежнеат кон совршенство, кое пак, во типографијата, како и во другите области, е недостижно.

На илустрацијата се користени авторски фонтови на Ласко Џуровски

Постои ли пишана историја за типографијата и типографите низ минатото на македонското поднебје? Дали Ве интересирале, дали сте барале вакви информации и што би споделиле од нив како значајно/интересно?

Јас не сум сретнал досега такво нешто, барем не во форма која е потполно и студиозно посветена на македонската типографија, односно на македонското кирилично писмо. Секако дека ме интересираат нејзините корени, постојат илјадници страници пишани документи кои се неизбришливо сведоштво за нашата писменост, за нашиот идентитет, за нашата напатена Македонија и нејзината вековна борба за културна рамноправност во светот на цивилизираните народи. Верувајте, во тој свет на културен натпревар меѓу народите, ние поседуваме многу уникатни пишани документи и предмети кои се сведоштво за она што сме биле и претставуваат насока и основа за она што се стремиме да бидеме, во секој поглед. Зарем постои нешто што посилно ги растреперува дамарите во нашите гради од безвременските стихови кои се вградени во генетскиот код на секој Македонец, како што се: „Зурли штом диво ќе писнат…“, „Откако Ленка остави кошула тенка, ленена…“, „Зајди, зајди…“ и сл.

Користен фонт: Altan © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Каков е нашиот однос како индивидуалци кон нашата македонска кирилица денес? А што е со институциите – постои ли грижа за зачувување, негување и развој на нашата кирилица од нивна страна?

Никаков. Жал ми е што морам тоа да го кажам. Кирилицата е оставена на забот на времето кој ја нагризува од сите страни, особено во ова време кога се негира сѐ што е македонско, но попусто, кирилицата е безвременска, бесмртна, ВЕЧНА. Можат да се потпишуваат договори, хартијата трпи сѐ, но никој не може да го избрише она што ни е запишано во душата. Македонската кирилица ќе постои и кога нас и многу генерации после нас ќе ги нема, таа е основната нишка вткаена во нашиот генетски код. Зар може да постои народ ако не остави трага, пишано сведоштво за своето постоење? Кога го велам ова мислам на пишаните патеки кои ги трасирале нашите преродбеници, нашите првоучители – Кирил и Методиј. Таа трага која ја оставаме во времето е напишана со наша, македонска кирилица која заслужува бескрајна почит од сите нас за да ја поставиме на исто рамниште со сите светски писма како неизоставен дел од светското културно богатство.

Што се однесува до институциите, не гледам дека кај нив постои загриженост за македонската кирилица, особено за нејзината егзистенција во дигиталната типографија која незапирливо оди напред отворајќи неограничени можности за кои нашите институции воопшто не се свесни дека постојат. Тие, со својот инертен однос оставаат македонската кирилица да чмае закопана длабоко во минатото наместо да засвети со сета своја раскош и богатство содржани во нејзината едноставност – секој глас една буква. Би бил најсреќен ако некоја од нашите институции може аргументирано да го демантира ова мое тврдење.

Изрека од серијалот „Муабетите со дедо ми Наце“ кој се објавува на профилот на Ласко Џуровски на Фејсбук. Користен фонт: Clone Serif © Rosetta

Но, затоа, Вашиот личен ангажман на ова поле е огромен. Водите ли евиденција, можете ли да ни кажете како изгледаат писмата и фонтовите што ги имате направено во бројки?

Не водам евиденција, тоа изискува премногу време со оглед на сложеноста на она што го работам. Решив дека сепак е поцелисходно тоа време да го посветам на изработка на фонтови кои зборуваат самите за себе. Ќе споменам само еден податок, мојот фонт SkolaSans почнувајќи од неговата промоција во 2013 година па сѐ до денес е преземен од интернет повеќе од милион пати, зборувам во светски рамки, што ме прави особено горд затоа што мојата креација ја употребуваат огромен број корисници. Ако веќе им препуштиме на фонтовите сами да зборуваат можам да го кажам следново: мојот фонт Clone Rounded е дел од типографската понуда на Adobe (https://fonts.adobe.com/fonts/clone-rounded), поставен е таму рамноправно со фонтовите изработени од најголемите имиња на светската типографија како што се Ерик Шпикерман (Erik Spiekermann), Метју Картер (Matthew Carter), Зузана Лицко (Zuzana Licko), Гзавие Дупре (Xavier Dupré), Давид Брежина (David Březina)… Тоа ми причинува огромна чест и задоволство. Clone Rounded се дистрибуира во светски рамки преку компанијата која е посветена на изработка и дистрибуција на мултијазични фонтови на светскиот пазар, Rosetta (https://rosettatype.com/CloneRoundedPE). Овој фонт во 2016 година беше избран меѓу најдобрите 20 фонтови во светот од страна на Typographica (https://typographica.org/typeface-reviews/clone/). Еве, ексклузивно за вас ќе откријам и една тајна, годинава започнав да работам на надградена верзија на овој мој најуспешен фонт кој прераснува во типографски систем составен од 72 фонтови. 🙂 Clone Serif, на кој работам во моментов, е „најмладиот“ член на овој типографски систем и тој ќе биде интернационално промовиран во 2023 година. Инаку, досега имам креирано повеќе од 500 авторски фонтови.

Изрека од серијалот „Муабетите со дедо ми Наце“ кој се објавува на профилот на Ласко Џуровски на Фејсбук. Користен фонт: Clone Serif © Rosetta

Каде наоѓате најмногу инспирација за создавање нови фонтови?

Насекаде околу нас, од книгите, од графитите, од фирмите напишани на дуќаните од старите мајстори фирмописци, од типографијата присутна на ѕидовите во црквите, на иконите, од оригиналните ракописи на нашите поети, писатели… Типичен пример за тоа е фонтот Аманет кој настана врз база на фотографија од напис на ѕидот од една македонска црква во околината на Прилеп. Аманет содржи оригинална и специфична типографија во која е вткаено богатството на форми и орнаменти карактеристични за нашево поднебје. Тој фонт е бесплатен и секој кој е заинтересиран за негова употреба може да го преземе од овој линк.

Фотографија користена како референца за креирање на фонтот Amanet © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Пред повеќе од година го објави твојот фонт направен според ракописот на Рацин, кој го имам видено веќе како живее во една книга („Збор по збор“, во издание на „Гаврош“) – што е супер! Кажуваше дека правиш фонтови и според ракописот на Конески, Вапцаров… Кои други писатели/поети „се во игра“ да добијат свој фонт? 😊

Да, Рацин е еден од фонтовите кој го креирав со многу љубов и огромна почит кон делото на Коста Солев Рацин, „црвениот поет“, кој знаеше на уникатен начин да ја наслика со зборови македонската душа. Се надевав дека ќе добијам можност да гостувам на манифестацијата Рацинови средби во Велес, со цел да им го подарам овој фонт за да ги публикуваат Рациновите песни напишани со него. Исто така, тој би бил достапен за слободно преземање од нивната интернет страница. За жал, таа моја желба никогаш не се оствари. Сепак, фонтот Рацин си го доби заслуженото место во македонската типографија. Сведок сум на прекрасни дела во кои тој се употребува, на мое големо задоволство. Како потврда на ова осамна мурал насликан на потпорниот ѕид, во близина на Саат кулата во Велес, на кој се испишани стихови од „Ленка“, со мојот фонт креиран врз база на Рациновиот ракопис. Автор на муралот е уметникот Бранкица Јордановска. Сосема е „нормално“ во нашава Македонија вакви работи да поминуваат незабележано, за жал. Инаку, пред извесно време започнав да работам на фонт базиран на ракописот на Блаже Конески, обезбедив доволно материјали и изработката е во тек. Не можам да кажам кога точно ќе биде завршен. Кога се работи за креирање на фонтови врз база на ракописот на некоја личност многу е значајна базата на пишани документи која можете да ја обезбедите, колку повеќе оригинални документи се достапни, толку е полесно да се генерира дигитален фонт базиран на оригиналниот ракопис.

Мурал во Велес на кој е користен фонтот Racin © Ласко Џуровски, TOTEMtype

Издавачкиот центар „Три“ во поновите книги истакнува кога користи Ваш фонт, што е практика за пофалба. Го следите ли македонското издаваштво? Што би можеле да кажете за изгледот на внатрешните текстови и за типографијата на кориците?

Да, оваа практика е за вистинска пофалба. Издавачкиот центар „Три“ исклучително го почитувам заради професионалниот однос кон употребата на типографијата во нивните изданија. Мислам дека оваа практика би требало да ја следат и другите македонски издавачки куќи. Што се однесува до типографијата на кориците од изданијата на македонските издавачи ситуацијата е „шарена“, сведок сум на извонредни типографски решенија но исто така и на сосема разочарувачки. Се надевам дека ситуацијата во тој поглед ќе се подобрува, се разбира, ако на типографијата ѝ се посвети вниманието кое го заслужува, особено на македонската кирилица.

Неколку книги во издание на „Три“ на чии корици се користени фонтови на Ласко Џуровски

Има ли на повидок помлади наследници дизајнери навлечени на типографија со кои заеднички може да се продолжи да се збогатува македонската кирилица?

Има само обиди, не сум сретнал некој кој навистина сериозно сака да се занимава со оваа работа. Во 2013 година јас организирав типографска работилница, „Типокујна“, на која се обидов да го пренесам моето знаење за креирање фонтови на неколкумина дизајнери кои учествуваа на неа. И покрај успешните резултати и креирањето на десетина кирилични фонтови кои сѐ уште се користат, ниеден од учесниците не продолжи посериозно да се занимава со типографија. Што се однесува на Вашето прашање за „збогатувањето на македонската кирилица“, тоа е приказна сама за себе. По мое мислење, грижата за македонската кирилица треба да биде еден од приоритетите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација. Овие институции немаат воопшто никаква иницијатива ниту пак програма за едукација во областа на дигиталната типографија и македонската кирилица како дел од неа. За да се уверите во ова мое тврдење ве охрабрувам да се јавите во која било од спомнатите институции и да побарате писмен документ на кој е детално претставен изгледот на македонските кирилични букви на еден од стиловите кои постојано се користат на дигиталните медиуми, еве, на пример, нека биде тоа Slab Serif фонт. Пред тие да ви одговорат, а бидете сигурни дека воопшто нема да ви одговорат, ќе ве игнорираат, ви кажувам што ќе добиете како одговор—НИШТО. 🙁 Тажно. Затоа, би го зaвршил овој разговор со апел до сите Македонци, насекаде во светот: развојот на технологијата ни дава можност и моќ, ние самите, да се избориме македонската кирилица да биде рамноправна со останатите светски писма, кирилични и латинични. Македонскиот јазик и македонското кирилично писмо се наше непроценливо културно богатство. Тие се загрозени пред сѐ од самите нас, кога зборуваме и пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, да ги употребуваме правилно, да ги афирмираме и потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација која заслужува почит и поклонение.

Користен фонт: Shaker © Ласко Џуровски, TOTEMtype

БОНУС-ПРАШАЊЕ: Во ракописните исписи наменети за социјалните мрежи ракописното „ш“ го пишувате со цртичка. Еднаш имаше и дебата на Ваш пост за тоа дали треба да се пишува со или без цртичка. Каков е Вашиот став и Вашето образложение?

Технологијата сама го даде одговорот на ова прашање и секоја понатамошна дебата на оваа тема станува беспредметна. Имено, Open Type фонтовите содржат опција (Features) која овозможува секоја буква (карактер) да има повеќе верзии. Тоа ни дава можност да креираме алтернативен карактер за малата ракописна (script) буква „ш“ кој ќе содржи долна црта. Значи, фонтот содржи две различни решенија за истата буква – едно без долна црта и друго со долна црта. Употребата на малата ракописна буква „ш“ со долна црта го решава проблемот на нечитливост кога таа ќе се употреби до малата ракописна буква „и“ или помеѓу две букви „и“, на пример во зборот „напиши“. За да ја избегнеме оваа несакана ситуација, можеме да програмираме постапка која потполно автоматски ќе ја замени буквата „ш“ без долна црта со буквата „ш“ со долна црта, и тоа само на оние места каде што таа се наоѓа пред, помеѓу или после малата буква „и“. Вака, проблемот се решава на сосема едноставен и елегантен начин. Ова е само еден сегмент во кој технологијата за креирање дигитални фонтови ги решава тековните проблеми и недоследности кои се јавуваат при употребата на македонската кирилица на дигиталните медиуми. Но, тоа е веќе друга тема која бара многу повеќе простор за нејзино детално елаборирање.

Користен фонт: LobsterMK © Ласко Џуровски, TOTEMtypе

Насловна фотографија: Жарко Чулиќ

Оливера Ќорвезироска: Критиката е патоказ на книжевноста во времето и просторот

Разговараше: Наташа Атанасова

Кога пред три години, по повод излегувањето на романот „Аб’т“ правев интервју со Оливера Ќорвезироска, прашањата кои ги имав за неа како критичарка, ги оставивме за некој следен разговор.

И, сега, кога ја видов излезена од печат нејзината најнова книга со критички текстови „На полпат (критика или молк)“, знаев дека дојде времето за тој разговор.

Во книгата се сместени текстови за последните дела на триесетина современи македонски, девет истакнати регионални писатели и за последниот роман на Арундати Рој. Напишана со препознатливиот стил на Ќорвезироска, „На полпат“ ќе ве натера да се присетите и уште еднаш да размислите за книгите што сте ги читале или, ако не сте ги читале, ќе ве заинтригира да ги земете за да видите дали би се согласиле со нејзините критички ставови. Во мојот случај, книгата уште еднаш ми потврди дека книжевната критика ни е неопходна, исто како што ни се неопходни и разговори за неа.

Колку е значајна книжевната критика за една културна средина, а колку за самата книжевност?

Мошне е значајна, или барем треба да биде, и во едната и во другата сфера. На поширок општествен план, критиката е значајна за да ја позиционира книжевноста што поцврсто како неодминлив сегмент на културата воопшто; а на потесен план, на планот на самата книжевност, критиката е значајна, или барем треба да биде, за да ја поддржи и да ја трасира вистинската творечката енергија кон вистинскиот пат, а помалку вистинската творечка енергија кон споредните патишта. Критиката во идеални услови треба да функционира како патоказ, како сигналитика на книжевноста во одреден простор и одредено време.

 

Верувам дека критиката треба секогаш да остане во сенката, во дебелата ладовина на добрите приказни, дури и тогаш кога сенката се издолжува и станува идентична на таа што ја создава.

(„На полпат“, стр. 69)

Мојот впечаток за ситуацијата со книжевната критика кај нас во моментов е дека од една страна ја имаме професионалната академска (и елитна) критика која се прашувам дали некој ја чита, а од друга страна „рецензиите“ на интернет, чија крајна цел најчесто е продажба: продажба на книгата како предмет или продажба/самопромоција на човекот што го напишал текстот. Дали идентитетот на книжевната критика, онаква каква што ја знаевме до пред дигиталната доба, е во криза?

Можеби, но не знам на што точно мислите кога велите „идентитет на книжевната критика“. Книжевната критика не е нешто трајно и конечно, таа, како и сѐ друго, е менлива, а она што треба да остане како нејзин императив или цел, е поврзаноста / блискоста со книжевноста. Треба истрајно, дури и настојчиво, да се работи на симетријата во нивниот однос. Академската критика е важна, таа си постои и е читана од тие на кои им е наменета. Највидлив е недостигот на новинската книжевна критика: брзата, смела и верна критика што им оди зад петиците на книгите, што им помага на читателите да се ориентираат во преобемните и честопати недоволно јасни книжевни продукции, но и да го дооформат својот вкус. „Рецензиите“ што ги спомнувате вие, ставајќи го зборот во наводници, се нешто сосем друго и воопшто не мислам на нив во овој контекст. Тие најчесто се гол, бесрамен маркетинг, самопромоција, калкулација, умилкување на потенцијалните, непрофилирани читатели, наместо нивен коректив.

На средина од ситуацијата што ја наведов во претходното прашање би требало да се најде издржаната критика наменета за поширока публика, на приемчив јазик и достапна преку масовен медиум. „На полпат“ е книга со издржани критички текстови, напишана со прекрасен јазик и чие читање е уживање. Останува уште прашањето дали книгата денес (имајќи ги предвид малите тиражи кај нас) е соодветен медиум за таквата критика да стигне до широката публика?

Мора да признам дека не се оптоварувам со тиражите на книгите, главно сум фокусирана на нивната вредност. Борбата за тиражи испреврте сѐ пред себе и ги доведе книжевните „работи“ во безредие. Поради сето тоа, важно ми е она што го мислам за актуелните книги дома и во регионот, да го кажам преку текстови и анализи, преку претставувања и согледби, а не со прокламативни општи зборувања, предефинирања и преобјаснувања. Она што го правиме, по дефиниција, многу подобро нѐ претставува од она што го зборуваме, зборуваме, зборуваме… Постојано читам, често пишувам за прочитаното, објавувам на постојните портали со кои чувствувам естетска и културна припадност, во книжевната периодика, или, едноставно го собирам напишаното и го објавувам во книга. Порано, кога постоеја вистински дневни весници и вистински културни редакции, објавував рецензии на неделно ниво (во „Вечер“, „Утрински весник“, „Слободен печат“…), што значи за една година рецензирав и по повеќе од педесет книги. Тоа беше мошне напорно, но сметам и мошне корисно.

Суштински гледано, ваквата постапка на објавување критика или проза на сопствен приватен профил е исто како шивачка да излезе сосе својата машина од работилницата и среде плоштад да крпи, шие, коригира што кому му треба. Излегувањето на занаетот од дуќанот е сериозен проблем за професионализмот во нашата земја. Како едноставно веќе да го нема. Секој е стручен за сè, никој од нас не живее од она што вистински го знае.

(„На полпат“, стр. 197)

Што значи да се биде (и да се остане) критичарка кај нас? А плус да се биде и писателка? 

Не знам што значи да се биде, ниту што значи да се остане. Јас само го работам со страст она што го сакам и, се надевам, она што најдобро го знам.

Професорката Елизабета Шелева во еден труд за критиката вели дека во нашата книжевна средина владее изместен бонтон и прилично лицемерна култура на незамерување со цел избегнување на некој иден судир на интереси. Каков е твојот став за ова тврдење, а во однос на книжевната критика кај нас?

Не се занимавам премногу со такви нешта. Ниту создавам ниту расипувам пријателства со критика. Сериозно следам домашна и регионална книжевност и се обидувам да го коментирам она што го читам, брзо и прецизно. Исто така се обидувам актуелната домашна продукција да ја ставам во поширок, барем регионален контекст, да повлекувам паралели. Следствено на тоа, во „На полпат“ од вкупно 44 текстови, 32 се за конкретни наслови од домашни автори (добитници на најзначајни книжевни награди, но и млади книжевни гласови), 11 за наслови од регионални автори, главно препораки за превод, и еден текст за новиот роман на Арундати Рој, намерно, за да се поврзат домашната и регионалната книжевност – со светската. Додека ја подготвував книгата за печат, речиси сите наслови од регионалната книжевност што ги препорачував за превод, веќе се преведоа на македонски јазик (Дарко Цвијетиќ, Лана Басташиќ, Кристијан Новак, Дамир Каракаш…) и си дозволувам да помислам дека барем малку сум придонела за тоа.

Дали си имала непријатни ситуации како резултат на твоите критички ставови со авторите на делата за кои си пишувала? И дали ти се јавува(ла) потреба за автоцензура? На кој начин се бориш со неа?

Не. Не сум имала непријатни ситуации, барем не толку непријатни за да ги помнам. Не се борам, не се плашам од туѓи реакции, се трудам да бидам доследна на сопствените принципи, аргументирам, пишувам јасно и недвосмислено, не се кријам зад кажаното, не се додворувам, не манипулирам со своето книжевно мислење и тоа што немам непријатни ситуации си го припишувам себеси како стекната заслуга. Кога не сакам да пишувам за нешто – молчам. Дури и кога нештото ми се допаѓа… Молкот е тешка вештина. Понекогаш дури и потешка од зборувањето и пишувањето.

Критиката сака да интерпретира, таа не сака да сака; сака да коментира, не сака да меморира. Меморирањето е сакање. Нема интерпретација на песна ако таа веќе ви се вовлекла под кожа или ви се забила в срце; нема интерпретација на песна, ако сте ја запомниле без намера и напор да го сторите тоа.

(„На полпат“, стр. 164)

Секоја критика, колку и да претендира на објективност, не може да ја избегне субјективноста. А каде што е субјективноста, таму е и егото. Колкава е одговорноста на критичарот да го заузда своето его давајќи вредносни судови?

Ова е прашање за помлади луѓе кои почнуваат да се занимаваат со критика. Ваквите недоумици се далеку зад мене. Не постои апсолутна објективност, ниту објективност без ронка субјективност, но постојат и правила за односот помеѓу едното и другото. Постојат и покуси и подолги јажиња, синџири,.. свилени врвци за нашите лични вкусови. Едно е книжевен вкус, друго – книжевна компетенција.

Како долгогодишен критичар, кои тенденции во современата македонска книжевност би ги истакнала како најрелевантни за времето во коешто живееме, а кои како највозбудливи за тебе лично?

Помодноста во книжевноста што нѐ заплиснува во бранови не ја сметам за голема опасност, ниту за сериозен ризик. Секој бран остава зад себе и по некоја прекрасна школка. Бисер. Последните години имав чувство дека сите пишуваат кратка проза. Поети, прозаисти,.. почетници, водечки писатели, книжевни класици, доајени во сосем други жанрови. Еве, на пример, во антологијата на микрофикции „Џинџуџе во земјата на афионите“ што годинава ја објави „Темплум“ (приредувачи се Никола Гелевски и Владимир Мартиновски) има дури 73 застапени македонски автори кои работеле или работат во овој жанр. Ако ги има во толкав број во антологија, замислете колкумина реално пишуваат микропроза. Би го спомнала и трендот/бранот на куси романи, повести или дури и новели меѓу кои имаше и такви кои ги понесоа најзначајните награди за роман во земјава. Трендовите пребрзо ја матат водата, но тоа, пак, исто така мошне брзо помага да испливаат на површина и многу други нешта. И најлоши, но и најдобри. Последнава година во регионот сѐ почесто се појавуваат мошне екстензивни романи, како некаков тренд на навраќање на „големите дела“ од претходните векови и книжевни формации. Не би ме изненадило тоа да им се „случи“ и на македонските автори веќе во наредната година, веќе во наредните книги. Брановите, дури и книжевните, пред да остават школка, бисер зад себе, несомнено првин нѐ освежуваат.

THE PRESPA REGION – THE RENAISSANCE OF THE SOUL

Resen is a bustling city, snug between the Prespa and Ohrid Lakes, where you begin to feel the smell of the Mediterranean and the surrounding colourful landscape. Resen, surrounded by the tranquillity of the water and the tempting succulent scent of crisp and juicy apples, tells us a story that heightens all our senses and brings us back to ourselves, to the rebirth of our spirit, to the Renaissance of the soul.

Resen is a small and charming town with significant cultural landmarks, such as the “Drаgi Tozija” Cultural House, which was built from 1905 to 1912 as the saray-palace of Ahmed Niyazi Bey, one of the leaders of the Young Turk Revolution. Today, it houses the Resen ceramic colony, home to many world-famous ceramic artists, and the permanent exhibition of the artwork of the Macedonian painter Keraca Visulcheva. The architecture of the palace is breath-taking. The locals are doing everything they can to protect the rich historic fabric and withstand the ravages of time. On your way out of the saray-palace, you cannot stop thinking how the city has an exceptionally rich heritage of historic buildings, still unknown to many, and how the locals care deeply about their little town.

Leaving Resen, you head off on a fascinating drive through a spectacular landscape conveying all the hues of nature, mesmerized by the vast reflection of clouds drifting on the glass horizon of the Prespa Lake. From here on, the beauties of nature seem to feel uplifting and nourishing for the spirit.

First stop – the village of Kurbinovo and the 12th-century church St. George (Sv. Gjorgji), renowned for its fresco of the Archangel Gabriel, commonly known as ‘the Angel of Kurbinovo.’ Traces of the influence of the artistic mastery of the 12th-century Byzantine fresco-painting, later on, can be seen in the world-famous Italian Renaissance cathedrals of Tuscany. – This is a story the locals know by heart and share proudly with visitors. Not far below the country road, we were pleasantly greeted by a goat herd that seemed strikingly curious about our camera lens. They skilfully captured our attention and very soon became the stars of our travelogue.

Next stop – the village of Ljubojno. The beautiful village charmed us even more when we learned the two legends of how it got its name. The first legend tells a Shakespearean ‘Romeo and Juliet’ love story but with a happy ending: two feuding families forbade the romance of their two children, so the boy and the girl ran away and settled in a new neighbourhood, which they called Ljubojno (literally: feeling or showing love). The second legend is about Ljuba, the first innkeeper in the village, who served excellent wine. Customers would go into her inn and loudly say: “Ljubo, vino” (Ljubo, [give us] wine). Today, Ljubojno is a village with traditional architecture and several monasteries that you can only admire, holding the Prespa Lake in the palm of its hand.

Time seems to have stopped in these places, but when travelling through them, time seems to fly. Somehow, these tranquil little places leave a lasting impression on your soul, vividly reminding you of the rich cultural heritage of our country!

As Goran Stefanovski put it:

“You can’t ask me not to feel part of the deepest and oldest world when Heraclea is my home; when Ohrid is my home; when Via Egnatia, the only motorway that existed in Europe between the 5th and 15th centuries, traversed along my grandmother’s house in Bitola. You can’t say that everything is on your side and nothing on ours.”

 

*The visit to the Prespa region was organised within the scope of the EU with You in Resen Project.

„Чудо“: За Романија, Господ и жените

„Чудо“, второто поглавје од трилогијата долгометражни филмови на Богдан Џорџ Апетри, е филм кој е тежок за гледање, тежок за сумирање и тежок за критикување. Инспириран од Балзаковата „Човечка комедија“, Апетри раскажува три неповрзани приказни кои никогаш не се шират, но постојано се продлабочуваат.

Дејството во оваа тмурна мешавина од жанрови се одвива во родното село на режисерот во Северна Романија, а е поделено на два дела. На почетокот, централен лик е Кристина (Јоана Бугарин) – деветнаесетгодишна калуѓерка-почетник која еден ден го напушта манастирот под нејасни околности и никогаш не се враќа. Во втората половина, пак, „Чудо“ се претвора во полициски трилер и го следи детективот Мариус (Емануел Парву) во неговите обиди да разбере што ѝ се случило на Кристина, а и самиот да се соочи со тоа. Жанровската формула попатно се распливнува во чудни сцени на интимност, фантазии за одмазда, христијанско морализирање и несигурни расплети.

Апетри открива малку по малку и не секогаш тоа што гледачот најмногу го интересира. Пред сѐ, филмот ги истражува условите под кои човекот станува животно и релативната баналност на криминалот таму каде што владее масовна рамнодушност. Кристина е единствениот лик чии одлуки потекнуваат од самата неа и покрај тоа што тие никогаш не се објаснети. Можеби е мистериозна или можеби е уште еден „плиток“ женски лик – линијата меѓу двете е тенка. Поголемиот дел од времето таа е само објект кому му се нанесува зло, како во една аудитивно експлицитна сцена, која може да биде тешко поднослива за многу гледачи. Како и многу пати до сега во европската кинематографија, режисерското око на Аперти фрла скоро фетишистички поглед на женското страдање – традиција која малку режисери успешно ја избегнале, пред сè поради емотивната потентност на овие сцени.

Покрај сите профили кои ги гради Апетри, во „Чудо“ Романија е лик сам за себе: држава која сè уште живее во рушевините на некогашниот систем и која создала за своите жители, и за ликовите во филмот, општество кое ниту се распаѓа, ниту се движи напред. Дури и воздухот се чини застоен, а криминалот органски, давајќи му на гледачот ретка можност да проследи филм од Балканот кој не е направен за да шокира странска публика.

Сепак, „Чудо“ не го остварува целиот свој потенцијал. Апетри и овој пат не го предизвикува источноевропскиот формат, но е еден од ретките кои се стремат кон едноставност во својата работа. Наоѓајки баланс помеѓу форма и содржина, вистинското чудо е тоа што тој прави балкански филм кој е интересен дури и на второ гледање.

Севдалина Дамевска

Венко Андоновски: Со „Папокот на светлината“ сакав да го изгонам злото

На 1 декември, во четврток, ќе се одржи промоцијата на новиот роман на нашиот писател Венко Андоновски, „Папокот на светлината“. Иако насловот можеби наведува дека романот е продолжение на „Папокот на светот“, врвниот роман на Андоновски од пред 22 години, сепак, станува збор за поврзаност на многу поспецифичен начин, која вреди да се открие со и за своја душа.

Ако сте од оние најљубопитните читатели и сакате подготвени да го земете новиот роман в раце, додека деновиве го препрочитувате „Папокот на светот“, верувам дека со овој разговор уште повеќе ќе ви се разгори љубопитноста за тоа што се крие меѓу кориците на „Папокот на светлината“.

Разговараше: Наташа Атанасова

За некој ден на јавноста ќе ѝ биде достапен Вашиот нов роман, „Папокот на светлината“, кој ни го најавивте уште на почетокот на пандемијата. Денес гледаме дека тоа што тогаш се чинеше како груба скица, всушност, е многу јасен концепт до кој верно сте се држеле. Како и што работевте на романот во овој период?

Работев само на едно нешто: самопознание. Мислам дека секој добар роман е во суштина автобиографски (иако тоа не мора да се види жанровски), што значи дека мора да понуди пресметка со себеси. Себеси се предизвикувате на двобој, нема некој друг, лош, нема некој кој е виновен за вашата судбина. Свесен сум дека автобиографизмот како пристап кон романот денес не е во мода. Повеќето писатели денес пишуваат за нешто што не го ни виделе ни искусиле: за војни во кои не учествувале, за правата на лицата со инаква родова ориентација, а често самите писатели не ѝ припаѓаат на таа ориентација. Да пишувате за нешто што не сте го искусиле, тоа гарантира обично бестселер, зашто тие теми се во мода, ама јас не сум од тие автори: јас верувам во исповедна книжевност, верувам дека сепак човек треба да се познава прво најдобро себеси. Кога пишувате бестселер, а пишувате за нешто што не ви е познато, доволно е да кажете дека клоцата боли, затоа што тоа го знаете теоретски, од други книги. Сосема друго е кога пишувате исповед за една клоца која самите сте ја искусиле. Првото е теорија на клоцата, второто е сеќавање на една клоца. А сеќавањето е чувство, не слика.

Така што, во овој роман се занимавав со злото, прво во себе. Сакав да го изгонам. Не верувам дека сум успеал, зашто суетата е почеток и крај, и почетен вирус и метастаза на сите зла. Но, барем пробав. Но, бидејќи човекот е социјално суштество, романот стана и расправа за злото во светот. Како што запишав и во романот, злото еволуираше од средновековните претстави кои се негова прва материјализација. Средновековието беше невино и го замисли злото како човек со опашка и рогови, ама модерното доба го претвори него во релација, структура – идеологија, партија, тоталитарна држава. Тоа зло на крајот повторно се отелотворуваше во еден лик, ликот на Диктаторот. Најнакрај, по еден Хитлер или Сталин, во постмодерната доба, злото стана раствор, инфузија: тоа влезе во сите клетки и капилари на општествените дискурзивни практики. И сега не го гледаме, затоа што е насекаде. А медиумите се иглите на таа инфузија. Секој што е медиумски поврзан во мрежа (а денес секој човек е медиум, доволно му е само да има мобилен телефон со просечни перформанси за да биде медиум и да пишува статуси), пренесува (најчесто!) зло. И што е најтрагично: не сме ни свесни дека сме зли. Тоа е како човек да е болен, а да не знае дека е болен. Колку што мене ми е познато, човек од грип чувствува дека има грип; ама човек умоболен не знае дека е умоболен. Излегува дека денес злото трајно склучи брак со умоболноста и слабоумноста. Слабоумноста денес раководи со светот, за жал.

Она „јас“, тој престол на суетата, е толку силен што не можеме ни да умреме без страв дека ќе го изгубиме, зашто „јас“ е сè што поседуваме, најсилната лична заменка, најсилниот капитал на суетата без кој не се може…

„Папокот на светлината“, стр. 18

Човекот и неговите вечни животни прашања за љубовта и бесмртноста, за (не)верноста и смртта, за (не)постоењето на Бог и на Сатаната, за доброто и злото… се присутни и во „Папокот на светлината“, како и во останатите Ваши дела. Иако тука приказната сурфа на брановите на христијанското православно учење, таму оддолу како да ја носат и струите на источната, индиска философија. Би се согласиле?

Се разбира. Секоја религија денес е за почит, секоја духовност и мистика. Иако се залагам за духовен свет, и иако ѝ припаѓам на културата на православното христијанство, јас сум сепак уметник. А уметноста е апокрифна работа: таа служи да постави прашалник секаде каде науката, религијата и човекот поставиле извичник, во смисла: Sic! Јасно ми е! Да бидеш уметник значи да се сомневаш. Затоа и ја напишав на самиот почеток „Азбука за непослушните“, роман со видливо обожување на Христа, ама со изразен сомнеж кон сите кои се колнат во него. За мене останува важна онаа реченица од тој роман: „Оној кој вистински верува, ќе се сомнева во својата вера, зашто ако слепо верува, ќе му поверува и на нечестивиот, кој често ја зема маската на Христос“. Па дури и светогорските отци сведочат за своите падови во верата, кога им се чинело дека Христос ги напушта, дури и дека го нема; подоцна сфатиле дека чувството дека Христос ги напушта значи дека ги остава духовно да пораснат, како што татко мора да го пушти седиштето на велосипедот на своето дете кога го учи самостојно да вози.

Инаку, источната филозофија, посебно теоријата за реинкарнацијата, ја имаше во „Папокот на светот“. Овде не е јасно изразена. Попрво би се рекло дека овде ја користам астрофизичката теорија за паралелни вселени, што во теологијата би се препознало како СИМУЛТАНОСТ на сите времиња, во она прочуено ОНОЈ КОЈ БИЛ Е И ЌЕ БИДЕ. Ако тоа се однесува на Бога и Богочовекот (сепрезентен и сетемпорален), и ако човекот сака да му се доближи, тогаш и човекот би можел да биде оној кој бил, е и ќе биде, што значи постои во сите времиња, вечен е. Но не како род, туку како личност, како поединец, како сушто. Како душа.

„Фонтот е совршена облека на ѓаволот, наспроти ракописот“ – вели Јан во своето предавање по семиотика во романот. Поднасловот на вашиот роман, пак, е: „Роман во три фонта и еден светлински ракопис“. Во романот има есеистички дел посветен на фонтот и ракописот, при што раскажувачот ја брани страната на ракописот, додека писателот и издавачот, сепак, остануваат на страната на фонтовите 😊.

Се разбира, и јас користам фонтови, не сум калиграф од средниот век. Користам компјутер (иако сè прво пишувам на рака). Фонтот во мојот роман е само метафора за една страотна стилско-тематска унификација на книжевноста. Човек не треба да заборави дека тој владее со кодот, а не кодот со човекот; фонтот мене ми служи, не јас нему. Ако јас му служам на клишето, а не тоа мене, ќе се претворам во семиотички папагал кој подеднакво говори на различни јазици и користи најразлични „фонтови“ (клишеа, стилови). И ќе можам да пишувам занаетчиски добро во сите стилови и на сите теми (за да профитирам со слава, награди и пари), ама нема да знам кој сум јас во суштина, која е мојата сушност. За жал, денес, на теренот на книжевноста на дело е еден нов, западен соц-реализам: сите современи светски „бестселер писатели“ пишуваат исто. Нема персоналитет, нема личносност во тоа колективно пишување на исти теми кои гарантираат успех. И дури, пишуваат со ист стил – брутално, соголено, веристички опседнати од болното и патолошкото. Освен тоа, даваат само дијагноза за еден свет кој е болен, кој не чини. Па сите го знаеме тоа. Но има ли некој писател да понуди медикамент? Каде е тука лечебноста, куративната димензија на книжевноста? За мене книжевноста треба да лекува и да биде утешител, а не само да поставува дијагнози.

Јас, и кога користам туѓ фонт, како сега во моментов, испишувам мисли со свој ракопис. Ракописот воопшто и не е прашање на раката (тоа е само калиграфија), туку на душата.  Знаете како порано ги броеле мртвите на фронтот откако телата веќе биле изедени од црви и мршојадци? Според бројот на униформите, кои се потрајни од телата што ги носеле. Униформите се фонтот. Така ние набргу според фонтот, според стилското клише, според жанровскиот „рецепт“ ќе ги броиме покојните „големи“, „светски“ писатели на бестселери. Ги има насекаде. Ги има и кај нас, во Македонија, и се занесуваат дека се нешто недостижно.

И така, барајќи сè нови и нови метафори си поредби за „брзина“, ќе ти се случи од она поле зборови кои ја означуваат брзината на светлината, да влезеш во она мрачно поле од јазикот, со зборови кои ја означуваат брзината на темнината. Сите знаеме колку изнесува брзината на светлината, ама само Лукавиот ја знае брзината на темнината.

„Папокот на светлината“, стр. 175

Јан е писател, професор по семиотика и наратологија, пишува сценарија и во многу други работи неговиот лик се поклопува со Вас како личност. Јан и греши и континуирано се преиспитува и се себеспознава.  Каков беше за Вас овој процес на понирање во длабините на Вашата душа создавајќи го ликот?

Нема потреба да кажам низ што поминав: се погледнав себеси отстрана, како да сум некој друг. Сакав да знам каде сè сум згрешил во животот, па на крајот излезе – а каде НЕ сум згрешил?! Јас не бегам од себе и своите „согрешенија“. Сакам да бидам подобар човек. Ги имам сите дипломи што ми се потребни, само една ми недостига: „Дипломиран добар човек“. „Папокот на светлината“ е желба за таа диплома. Уште не сум дипломирал, знам. Веројатно сум апсолвент. Имам уште грешки за исповедање пред себе. Но, за тоа ќе читаме во „Папокот на тишината“, кој, ако даде Господ, треба да ја затвори оваа папок-трилогија.

Лела, еден особено важен лик од романот, пишува „Книга за книгата“, а нејзината другарка Ања, која знае и да ѝ замери што премногу е навлезена во светот на книгите, ќе каже: „го сетив оној добропознат мирис на стари книги, што смирува како капки валеријана или како темјан на литургија“. Се препуштаме ли ние, Македонците, доволно на мирисот, допирот и вкусот на книгата?

Се препуштаме. Знаете што: кога се појави „Папокот на светот“, еден мој пријател, искусен издавач и добар, солиден писател, ми прогнозираше 200-300 продадени примероци, поради „тешкиот стил“ и „архаичниот јазик“ во првиот дел. Романот до сега има над 18.000 печатени примероци, а не е во задолжителната лектира. Гоце Смилевски направи „лом“ со „Спиноза“ и „Сестрата на Сигмунд Фројд“. Тоа не се „лесни“ дела. Блаже Миневски одлично минува кај читателите, иако неговите дела бараат навистина труд од читателот: тоа се интелектуални етиди. Се читаат и млади писатели, одлични и не лесни за читање: Петар Андоновски, Живко Грозданоски, Наташа Сарџоска. Да не говорам за поетите (кои секогаш се помалку читани): Никола Маџиров ви е веќе класик, Виолета Танчева-Златева е блиску, Елена Пренџова е сјајна, Димитар Арнаудов допрва доаѓа. Ве молам не лутете се вие, млади мои пријатели лепословци, што не сте спомнати: не можам во моментов сите да ве набројам! Сјајна и богата е (по)младата македонска литература денес, треба да се гордееме со неа. Иако се читаат (и за жал се наградуваат во Македонија) и „лесни“ автори, ние Македонците, сепак не сме за фрлање како читатели. Доволно време живеев во Србија за да можам да ви кажам – Србите помалку си ги ценат вредните писатели од нас. Една моја пријателка, Србинка, која присуствуваше на „Деновите на Маџунков“ во Струмица не можеше никако да сфати како тоа салата, три вечери по ред е полна, со 500 луѓе, во мал град, за чест и почест кон еден писател?! Кај нив тоа одамна не постои. Дваесет луѓе во публиката е полн погодок, за класици како Ќопиќ, Павиќ, Ќосиќ!

Читателите во „Папокот на светлината“ се присутни на еден интересен начин, преку игривите забелешки на маргините, кои се всушност и единствени реченици испишани со „ракопис“, што отвора сосема нова димензија во комуникацијата меѓу романот и читателите, меѓу читателите и писателот. Како ги доживувате Вие овие ракописни забелешки?

Па, јас ги смислив. Сакав да ги охрабрам читателите сè почесто да читаат со молив. Сите мислат дека со молив се пишува, а јас со молив читам; кога пишувам, најпрвин пишувам без молив, во главата, потоа на хартија. Сакав да ги мотивирам читателите да бележат свои мисли на маргините. Да му се спротивставуваат на Големиот Писател. Или да го пофалат кога заслужува, да бидат вистински и најискрени, непотплатени книжевни критичари.

Сè додека има по библиотеките книги со подвлечени пасуси и книги „исчкртани“ по маргините, ќе има и комуникација на релацијата писател-читател. Треба да нè радуваат исчкртаните книги. Тоа се прочитани книги. Но, познавав и библиотекари кои беа хипохондрици во таа смисла. Казнуваа ако чкрташ по книгата. Само стерилните колекционери на книги се лутат на белешки оставени на маргините. Затоа се и само колекционери. Луѓе кои сакаат книги, собираат книги, ги каталогизираат и педантно ги редат по полиците според бојата и форматот, ама не водат љубов со книгата.

Навредата е најголема јадица за чесниот човек: со неа, оној кој навредува го поробува навредениот, кој самиот доброволно останува на јадицата на навредувањето.

„Папокот на светлината“, стр. 35

Во повеќе наврати низ романот ја споменувате важноста на нашата писмена и духовна традиција, имате алузии на Горан Стефановски, кој длабински го истражуваше нашиот идентитет. Што значи во ова време кога владее еден општ презир кон тоа што сме, да си ја познаваме, почитуваме и надградуваме традицијата?

Драго ми е што го спомнавте Горан Стефановски. Тој е наш, а светски драмски автор. За жал, Запад не го препозна доволно, затоа што Горан инсистираше на етноидентитетот на Македонците и посебно на неговото Дебар Маало, како Маркес на своето Макондо или Чинго на својата Пасквелија. А за Македонците Запад веќе имаше изградено клише: не се многу битни за светската историја.

Мојот став за нашиот идентитет е познат: Македонија не е од вчера, не е од АСНОМ наваму. Македонија е просветителско-светлински проект од Библијата до денес. Македонија е република во воздух, која постои расеана по светот, интерконтинентално, по ербаси и боинзи со кои патуваме кај нашите роднини-иселеници. Македонија е писмо, слово, Логос од првиот словенски универзитет до денес. Мене не ме интересира „историјата на иднината“ (слоган на нашите брзозачевлени Европејци, регрутирани во владејачката партија преку рурални партиски организации), мене ме интересира иднината на историјата. Кој нема историја, тој не е човек, туку предмет. Масата во мојата дневна соба нема историја, јас имам. И уште нешто: ние, под влијание на деконструкцијата и Дерида, а имајќи го Ферида (Мухиќ), кој не го препознавме и вреднувавме доволно во Македонија (како што Европа не го препозна доволно Стефановски), претеравме со тврдењето дека нема стабилни идентитети, дека сите идентитети се „распрснати“ и „ли(з)гави“. Притоа не разликуваме идентитет од столб. Столб и идентитет не е исто. Земете ја за пример архитектурата. Градбата ја држат столбови, не ја држи идентитетот: без разлика дали градбата е според идентитет училиште, болница или црква, таа ќе опстане само ако има столбови. Затоа, не смее да се поништи разликата меѓу столбовите на доброто и злото, машкото и женското, срамното и бесрамното, невиното и грешното, природното и неприродното. Тука сум „конзервативен“ (како и Мухиќ), ама во ова време на толку умножени авангардисти, да бидеш конзервативен можеби значи да бидеш авангарда пред авангардата. Идентитетот е јасна работа: не може нешто во исто време да биде и А и не-А. Не може да биде и жирафа и не-жирафа. Така, едно нешто не може во исто време да биде и Македонец и не-Македонец. А тоа се бара од нас, како услов за влез во ЕУ, под притисок на Бугарија. А ние наивно веруваме дека Европа е една и обединета. Треба да се прашаме: постојат ли единствена европска култура, единствена европска политика, единствен европски морал? Не. Никогаш и не постоеле. Европа е поим како „овошје“. Не можете на продавачот да му кажете „Дајте ми 600 грама овошје“. Можете да кажете „дајте ми 200 грама банани, 200 грама портокали, 200 грама јаболка“. Земјите на Европа не се единствени по ниедно прашање, освен по прашањето дека Балканот е „слепо црево“ и „темно петно“ на светот, за што Јулија Кристева напиша одлична книга, во која им одговори дека нивното гледање на Балканот е само нивна нечиста совест, црна потсвест за она што самите го правеле: крвопролевање и војни. Европа е денес балканизирана, повеќе и од Балканот.

Ако „папокот на светот“ беше една широка метафора, која ако се обидеме да ја збиеме би можеле да кажеме дека се сведува на метафора за животот, да им откриеме ли на идните читатели на новиот роман која е метафората што се крие зад „папокот на светлината“?

Самите ќе сфатат. Светлината е смисла. Кандило запалено од небесата и пренесено во чесниот и свет Дом, со деца-ангели и пород. Толку е тоа, нема други зборови за тоа. А и овие зборови се премногу. Зашто во добрата уметност, како и во животот на добриот и скромен човек, многу зборови се малку, а малку – доволно.

Насловна фотографија: Мики Јевтовиќ

Subscribe To our newsletter!