ЕУ & Северна Македонија

Политички односи

Земјата беше првата западнобалканска држава што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ, кој влезе во сила во април 2004 година. Целта на ДСА е трговијата да се либерализира за 95 % од извозот кон ЕУ.

Во 2004 година беше основан Мешовит парламентарен комитет на ЕУ и Поранешна Југословенска Република Македонија. Комитетот ги разгледува сите аспекти од односите меѓу двете страни, особено спроведувањето на ДСА.

Република Северна Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ во декември 2005 година.

Во февруари 2008 година, ЕУ го донесе Партнерството за пристапување за земјата, со што се ажурираше претходниот Договор за европско партнерство од јануари 2006 година.

Граѓаните на Република Северна Македонија добија право да патуваат без визи во Шенгенскиот простор во декември 2009 година.

Економски и трговски односи

ЕУ е главниот трговски партнер на Северна Македонија, со удел од 60 % од извозот на земјата и 48 % од увозот.

Извозот на земјата се фокусира на неколку производи, а помеѓу најзначајните се: легури на железо и никел, железо и челик, и текстилни производи.

Значајни производи што се увезуваат се сурова нафта, валано железо и челични производи и возила.

Поддршка за претпријатија

Дел од клучните програми и иницијативи на ЕУ насочени кон обезбедување поддршка за претпријатијата и поширокото стопанство се отворени за друштвата со седиште во Република Северна Македонија, вклучувајќи ги следниве:

Дијалог со граѓанското општество

Граѓанските организации може да помогнат во придвижувањето на реформите во земјите кандидатки за членство во ЕУ, како што е Република Северна Македонија. Нивната работа може да ги утврди чекорот и квалитетот на мерките за пристапување кон Заедницата – и генерираат јавна поддршка за пристапувањето.

Голем дел од одговорноста за зајакнување на улогата и влијанието на граѓанските организации лежи во поединечните земји. Секако, ЕУ има голема улога. Таа обезбедува финансиска помош за проектите на граѓанското општество преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Исто така, ЕУ ги поддржува акциите на граѓанското општество преку:

  • подобрување на координацијата со донаторите, и
  • работење за обезбедување безвизно патување за граѓаните на земјите кандидатки.

Финансиски инструмент за граѓанското општество (Civil Society Facility)

ЕУ го основаше Финансискиот инструмент за граѓанско општество во 2008 година за поддршка на развојот на граѓанското општество во Југоисточна Европа.

Основан во рамките на ИПА, инструментот нуди финансиска помош за граѓанските организации во Северна Македонија за тие да може:

  • да имаат поактивна улога во политичкиот процес;
  • да развиваат прекугранични проекти и мрежи;
  • да се запознаат подобро со европските прашања.

Финансискиот инструмент за граѓанското општество ги опфаќа и:

  • Програмата People2People, која се стреми да ја зајакне улогата на граѓанското општество во демократскиот процес.
  • Националната програма на ИПА (IPA National Programme), каде што се нуди дополнителна поддршка во области како што се учество во процесот на евроинтеграција и развој на партнерства и мрежи.

Понатаму, програмата на ИПА за повеќе корисници (IPA Multi-beneficiary Programme) е дизајнирана за да одговори на регионалните потреби, вклучувајќи ги оние на граѓанското општество.

Помош на ЕУ

Република Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ. За да ѝпомогне да ја постигне оваа цел, ЕУ обезбедува континуирана поддршка и финансиска помош за да може земјата да ги преземе потребните реформи.

Од 2007 година, Инструментот за претпристапна помош (ИПА) ѝ овозможува на земјата да се фокусира на спроведувањето промени во пет клучни области:

  • Градење институции,
  • Прекугранична соработка,
  • Регионален развој,
  • Човечки ресурси, и
  • Рурален развој.

Во периодот меѓу 2007 и 2013 година, ЕУ обезбеди помош за земјата во вредност од 622 милиони ЕУР преку ИПА. (Земјата, исто така, имаше корист од регионалната Програма на ИПА за повеќе корисници.)

ИПА II сега нуди слична помош меѓу 2014 и 2020 година преку доделување средства во износ од 664,2 милиони ЕУР.

Инструмент за техничка помош и размена на информации (TAIEX)

ЕУ, исто така, нуди поддршка преку инструментот TAIEX, кој им помага на партнерските земји да се запознаат, да ги применуваат и да ги извршуваат законите на ЕУ.

Преку TAIEX се финансира краткорочна техничка помош, совет и обука.

Помошта на TAIEX е отворена за:

  • државни службеници;
  • судство и органи за спроведување на законот;
  • парламентарни/законодавни тела и нивниот персонал;
  • професионални/трговски здруженија, групи на работници и на работодавачи;
  • преведувачи и прегледувачи на законски текстови.

Покрај тоа, Инструментот за помош на локалната администрација на ТAIEX (LAF) поддржува семинари за клучните европски политики што имаат влијание на локално ниво за избраните членови и постојаните функционери на локалните и регионалните власти.