ЕУ земји членки

Цели

Целите на Европската Унија се:

  • унапредување на мирот, нејзините вредности и благосостојбата на нејзините граѓани;
  • слобода, безбедност и правда без внатрешни граници;
  • одржлив развој врз основа на балансиран економски раст и стабилност на цени, висококонкурентна пазарна економија со редовно вработување и општествен напредок, и заштита на животната средина;
  • сузбивање на социјалното исклучување и дискриминација;
  • промовирање на научниот и технолошкиот напредок;
  • зајакнување на економската, општествената и територијалната кохезија и солидарност меѓу земјите членки на ЕУ;
  • почит на нејзината богата културна и јазична разноликост;
  • воспоставување економска и монетарна унија чија валута е еврото.

Вредности

Европските вредности се заеднички за сите земји членки на ЕУ во општество каде што преовладуваат инклузијата, толеранцијата, правдата и недискриминацијата. Овие вредности се составен дел од нашиот европски начин на живот:

  • Човечко достоинство
    Човечкото достоинство е неприкосновено. Тоа мора да се почитува, да се штити и да претставува вистинска основа на човековите права.
  • Слобода
    Слободата на движење им дава на граѓаните право да се движат и да живеат слободно во рамките на Унијата. Поединечните слободи, како што се почитување на приватниот живот, слободата на мислење, религија, здружување, изразување и информираност се заштитени со Повелбата за основните права на Европската Унија.
  • Демократија
    Функционирањето на ЕУ се темели врз репрезентативна демократија. Да се биде европски граѓанин значи да се уживаат политички права. Секој возрасен граѓанин на ЕУ има право да се кандидира и да гласа на изборите во Европскиот парламент. Граѓаните на ЕУ имаат право да се кандидираат и да гласаат во земјата каде што живеат или во земјата на потекло.
  • Еднаквост
    Еднаквоста се однесува на еднакви права за сите граѓани пред законот. Начелото на еднаквост меѓу мажите и жените се наоѓа во основата на сите европски политики и е основа за евроинтеграцијата. Тоа се применува во сите области. Начелото на еднаква плата за работа со еднаква вредност стана дел од Договорот од Рим во 1957 година. Иако нееднаквостите сè уште постојат, ЕУ направи значителен напредок.
  • Владеење на правото
    ЕУ се заснова врз владеењето на правото. Сè што прави ЕУ се темели врз спогодби, доброволно и демократски договорени од страна на земјите членки на ЕУ. Правото и правдата се поддржани од независно судство. Конечната јурисдикција за европските земји ја има Европскиот суд на правдата чии одлуки треба сите да ги почитуваат.
  • Човекови права
    Човековите права се заштитени со Повелбата за основните права на ЕУ. Тука спаѓаат правото на недискриминација врз основа на пол, раса или етничко потекло, религија или верување, попреченост, возраст или сексуална ориентација, правото на заштита на лични податоци и/или правото на пристап до правдата.

Овие цели и вредности ја сочинуваат основата на ЕУ и се поставени во Лисабонскиот договор и во Повелбата за основните права на Европската Унија.

Во 2012 година, ЕУ ја освои Нобеловата награда за мир за унапредување на каузите на мирот, помирувањето, демократијата и човековите права на Европа.