„Имам желба, имам проблем, сега треба да направам нешто“

Во навидум далечната 2016 година, еко-свесни граѓани на чело со Balkan River Defense се здружија со цел да ги заштитат балканските реки од непотребните хидроцентрали. Тие организираа симболична акција – 35 дневна тура со кајак низ 23 загрозени реки на Балканот, од Сава Бохињка во Словенија, до Вјоса во Албанија. Документарецот „Неоштетените“ ја следи еко турата од перспективата на Рок Розман – познат словенечки кајакар, поранешен олимпиец и човекот кој стои зад овој креативен еко протест. Негова е и идејата за филмот, а зад камерите се Миха Авгуштин, Рожле Брегар и Матиц Облак.

Балканот има најголем број слободни реки на континентот, поради што е познат и по симпатичниот надимак „синото срце на Европа.“ Но, како што Розман патува од држава во држава со својот кајак, поминувајќи разни бајковити пејсажи, така разговара со дел од локалните жители кои даваат подлабока и сирова перспектива за состојбата на природните реки. 50-минутниот документарец вади на површина една горка вистина – дека „европското сино срце“ се побавно чука. Алчноста и пасивноста на надлежните институции и непотребните хидроцентрали ги уништуваат овие диви реки, а со тоа го оштетуваат биодиверзитетот и животот на локалните населенија.  Храбро и без пардон, филмот го крши митот дека браните се добри за животната средина и освестува за загрижувачката бројка на планирани хидроцентрали на Балканот – проекти кои се нелегални и кои би биле строго забранети во земјите од каде доаѓаат нивните странски инвеститори.  

Снимајќи ги кајакарските авантури на Розман, „Неоштетените“ ги открива и скриените природни богатства на Балканот. Кинематографијата која изобилува со силни бои и забавени дронски снимки дава совршена можност да се види овој мистичен полуостров од поширок и пошарен агол. Но, контрастот меѓу кадрите од идиличните реки кои сè уште слободно течат и браните кои како цементни монструми го јадат пејсажот не може, а да не предизвика длабоко разочарување или гнев. А некако магично, и покрај сè, во документарецот преовладуваат оптимизам и добри вибрации. Ова најмногу се должи на позитивната енергија која ја носат активистите и на миксот од модерна и етно музика која преовладува во филмот.

Од друга страна, пак, фокусот врз дружбата може да го отргне гледачот од сржта на проблемот – заштита на дивите реки. Затоа како „маани“ на филмот би ги издвоила сувопарните интервјуа и недостатокот на темелно истражување. Обичните граѓанини и еколошки лаици би излегле многу позагрижени од киносалите доколку во документарецот се вклучат повеќе статистики и истражувања, како и посериозни интервјуа со жителите и релевантни експерти. 

Сепак, „Неоштетените“ има огромна историска и општествена важност за Балканот па, вреди да се погледне. Во него се дава уникатен приказ на еколошка ангажираност во време на длабока корупција и рамнодушност каде и покрај сè, активстите носат страст на лицата која инспирира. Пркоста и одлучноста на Розман, огласени преку мотото „Имам желба, имам проблем, сега треба да направам нешто“ се суштински за времето во кое живееме. Па, иако филмот не е врвно уметничко дело, тој е совршена лекција за храброст и креативна еколошка акција. 

Филипа Сара Попова, Гледај.мк

Дина Дума: За проблемите на младите треба отворено да се дискутира

Разговараше: Наташа Атанасова

За многумина од нас, кои сме родени во преддигиталната доба, не е баш јасно што значи да се биде млад во денешното дигитално општество. Освен ако немате тинејџер дома, можете само да си правите претпоставки. Минатата година, појавувањето на филмот „Сестри“ на сите ни даде можност да ѕирнеме во реалноста на младите денес, во која виртуелните случки можат да бидат прашање на живот или смрт.

Додека филмот деновиве освои уште една награда, за најдобар филм во категоријата од 11 до 19 години на Меѓународниот филмски јуниорски фестивал во Стокхолм, со Дина Дума разговаравме за прашањата што ги отвори и за она што како општество ни претстои за справувањето со проблемите со кои се соочуваат младите во нивните најранливи тинејџерски години.

Уште во 2017 година најавуваше дека го подготвуваш твојот прв долгометражен филм. Тежок ли беше патот до неговата реализација, имајќи предвид дека филмот е една од најскапите и најкомплексните уметности?

За да се создаде едно филмско дело најчесто е потребно околу пет години, посебно кога станува збор за дебитантски филм во земја каде што филмот и културата не се развиени. Од идеја до реализација и финален продукт патот е навистина непредвидлив. Сценариото за филмот го пишував од 2016 година, за кон крајот на 2019 година да се случи снимањето. Кога си дебитант не е едноставно да се стигне до буџет и најчесто филмовите на дебитантите во нашата земја се снимаат со ниски буџети. Но, од друга страна, во последните неколку години Агенцијата за филм поддржува дебитантски проекти, што не беше случај порано.

Во многу наврати кажуваш дека идејата за „Сестри“ ти е од вистински настан од твоите средношколски денови. Кога реши дека треба да ја ставиш на хартија и да ја преточиш во сценарио? Колку време траеше тој процес на пишување и допишување?

Уште кога дипломирав знаев дека мојот прв долгометражен игран филм ќе ја обработува токму оваа тема, инспирирана од вистински настани од моите средношколски денови. Кратко по дипломирањето почнав да го осмислувам филмот и приказната за филмот „Сестри“, а сценариото го развивав и пишував три години.

Какви подготовки му претходеа на снимањето на филмот, особено во поглед на дефинирањето на визуелниот јазик и работата со младите глумци кои не се глумци по професија?

За да се подготви еден филм за снимање потребни се околу девет месеци, некогаш и повеќе. За мене најважен беше кастингот како дел од процесот на подготовки, кој траеше околу 6 месеци. Беше важно да ги најдеме вистинските ликови кои ќе соодветствуваат на карактерите од филмот.

Откако кастингот заврши и девојките беа кастирани, започнавме со проби кои ми беа клучни во креирањето и финализирањето на приказната. Важно ми беше преку заеднички проби заедно со Миа и Антонија да ги најдеме и да ги креираме ликовите на Маја и Јана.  Уште додека го пишував сценариото знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот.

Во подготовките на филмот со кинематограферот Наум Доксевски се посветивме за да го пронајдеме визуелниот начин да ја раскажеме оваа приказна. За мене беше најважно камерата секогаш да го следи главниот лик и да ја долови емотивната состојба – камерата да ја следи актерската игра, а не обратно.

Откривањето на сексуалноста, желбата за припадност на група, бунтовноста, желбата за одење отаде границите и правењето опасни работи… „Сестри“ покажува како сите овие теми поврзани со тинејџерските години добиваат нова тежина и комплексност кога ќе се спојат со присуството на социјалните мрежи. Каде го гледаш безбедниот пат за сите генерации млади чиј живот денес може да се уништи со клик?

Новите генерации се родени со социјалните медиуми и за нив еден лајк може да значи сè и за да добијат еден „лајк“ или „фолоувер“ спремни се да отидат далеку. Тие се опседнати со тој свет, а ние постарите не обрнуваме доволно внимание на овој проблем, затоа што не сме ни свесни колку многу им значи и колку овој виртуелен свет е нивна реалност.

Драго ми е што „Сестри“ стана еден мост кој ги поврзува генерациите и ги отвара овие прашања, но за жал младите кај нас не се опремени со алатки и знаења за тоа како да се справат со врсничкото насилство и траумите кои остануваат. Дополнително, ни образовниот систем не е подготвен да се справи со овој проблем. Не само што не е подготвен, туку системот комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто придонесува за друштвеното исклучување на жртвите на врсничкото насилство и „slut-shaming“.

Проблемот со врсничкото насилство е нешто што го има од градинка па сè до домовите за стари лица. Но во тинејџерските години кога децата како ларви излегуваат од своите кожурци за да се претворат во пеперутки, тоа знае да им ги исече крилјата, па и да ги убие. Како е можно за оваа опасност да не се разговара и да не се бараат системски решенија?

Иако филмот предизвика реакции и испровоцира дискусија, сепак мојот впечаток е дека не допре до надлежните институции. Или можеби и допре, но повторно се молчи. За жал образовните институции не преземаат ништо за да се справат со овој проблем.

„Табуто е начин на живот навлезен длабоко во македонскиот менталитет“ – велиш во едно интервју. Како да излеземе од оваа наша перверзна комфорна зона?

За оваа промена ќе биде потребно време, но мислам дека првиот чекор до овие промени е отворена дискусија за проблемите, наместо стигматизирање и осуда.

Твојот нов проект, филм со работен наслов „Skateboarding is not for girls“ влезе во програмата „Резиденс“ на Канскиот филмски фестивал. Според насловот, би рекла дека продолжуваш да истражуваш слични теми како во „Сестри“…

Точно е, сè уште не сум спремна да го напуштам раскажувачкиот свет на тинејџерите. Сметам дека има уште што да се каже и придонесе на оваа тема. Не смеам да откривам премногу детали, во мај ќе биде ексклузивно презентиран пред филмските професионалци на Канскиот филмски фестивал.

Можеш ли да наброиш неколку филмови кои ти биле инспирација и кои би им ги препорачала на родителите на тинејџери да ги гледаат заедно со своите деца?

„Kids“, „Water Lilies“, „Skate kitchen“, „Hearthstone“, „Fish Tank“, „Never Rarely Sometimes Always“.

По целиот успех на „Сестри“, размислуваш ли што би сакала да постигнеш во иднина? Можеби не како освојување на некоја нова (поголема) награда, туку како влијание, промена на општеството, нешто што знаеш дека е реално достижно?

Со моите филмови сакам да провоцирам, сакам да отворам прашања кои не се досега дискутирани во нашето општество и се стигматизирани. Сметам дека ние уметниците ја имаме оваа обврска, особено кога живееме во релативно младо општество како нашето.

Subscribe To our newsletter!