sustainable development Archives - Europe House

Дали одржливата мода навистина е поскапа од брзата мода?

Едно од прашањата што најчесто ги добивам кога се разговара за одржливата мода е – Зошто се парчињата толку скапи? На прв поглед, објаснувањата и аргументите се повеќе од јасни, но кога ќе ја погледнеме подлабоко поголемата слика, неизбежно се поставува прашањето – Што е скапо? И дали одржливата мода навистина е поскапа од брзата мода?

Прво нешто што секогаш им го кажувам на луѓето кои само што тргнале на нивното одржливо модно патување е  – најодржливата облека е онаа што веќе ја имате во вашиот плакар! Ако сакате да додадете нешто во вашата гардероба или да ги размрдате комбинациите, сепак можете да го искористите максимумот од она што е веќе произведено. Позајмувајте или разменувајте со пријатели, разгледувајте низ вашите локални продавници за облека од втора рака или размислете за алтернативни начини, како изнајмување.

Но, што кога сакате нешто ново? Реалноста е дека термините како „свесно“, „еко“ или „одржливо“ не значат ништо сами по себе бидејќи термините не се регулирани од никаква трета страна. Тогаш, што значи „одржлива мода“? Одржливата мода во суштина се однесува на облека и додатоци што се произведуваат и/или до кои се пристапува на еколошки и општествено одговорен начин. Причината поради која зборот „пристапува“ е во дефиницијата за одржлива мода е бидејќи терминот не треба да се ограничува на правење или купување нови работи. Иако маркетинг кампањите за одржливост нè наведуваат да веруваме дека можеме да си го купиме патот до одржливост, тоа не е толку едноставно. Да, можеме да избереме да купуваме на поодржлив начин, но вклучувањето во одржливата мода не бара задолжително купување ништо ново.

Зошто евтината брза мода всушност скапо се плаќа?

Моделот за брза мода е изграден врз бесконечен циклус на прекумерно производство и прекумерна потрошувачка. Евтините цени од брендовите за брза мода се овозможени само затоа што овие брендови произведуваат во огромни количини. Иако компаниите не прават многу профит од секое парче облека, можат да профитираат стотици милиони, па дури и милијарди, бидејќи произведуваат толку многу. Дури и кога некои брендови за брза мода почнуваат да вклучуваат (мал) процент од рециклирани и органски материјали во нивните колекции, ова ниво на производство никогаш не може да биде одржливо. И, бидејќи брендовите за брза мода произведуваат во толку големи количини, можат да преговараат со фабриките за намалување на цените. Овие преговори ги потиснуваат платите на работниците и ги одржуваат безбедносните стандарди на работното место многу ниски.

Знам дека статистичките податоци не се најомиленото нешто за модните вљубеници, но дозволете да ви приложам неколку за да ја претставам појасно сликата за модната индустрија денес:

  • Се предвидува дека модната индустрија ќе истроши 25% до 30% од преостанатиот светски јаглероден буџет до 2050 година со сегашните стапки на раст.
  • 93 милијарди кубни метри вода и 98 милиони тони необновливи ресурси се експлоатираат секоја година за производство на текстил. Да, секоја година.
  • Облеката направена од синтетички влакна е одговорна за дури 35% од глобалното загадување со микропластика.
  • Текстилот е четвртата по големина „причина за притисок врз животната средина“ во ЕУ, според истражувањето на Европската агенција за животна средина.
  • Текстил во количина што ја собира во еден камион за ѓубре завршува на депонија или се согорува секоја секунда.

Дали бавната мода навистина е поскапа?

Едноставните, јасни, видливи и опипливи одговори на прашањето зошто една кошула, на пример, произведена по начелата на бавната, одржлива мода, е поскапа од кошула на бренд за брза мода, се следните:

  • Подобриот квалитет има повисока цена
  • Поскапо е да се произведува количински помалку
  • Одржливото работење значи праведни и фер плати за сите засегнати
  • Занаетчиските и рачни изработки бараат повеќе време и човечки вештини
  • Цената на органските, сертифицираните ткаенини, алтернативните и рециклирани материјали доаѓаат со висока цена

Тука доѓа на ред промената на нашата перспектива за она што е „скапо“. Навиките на купување се сменија многу низ годините, а голем удел во тоа играше достапноста на новата облека. Модата навистина беше статусен симбол во децениите пред индустриската револуција. Добро скроената облека беше идентитет на богатите. И иако правењето облека беше поевтино, купувањето облека од масовно производство стана поудобно. Модата беше исто така најисплатлив начин за учество во општеството.

Денес, брзата мода и социјалните мрежи нè натераа да веруваме дека е нормално да купуваме 52 микросезони годишно. Социјалните медиуми имаат огромна улога кога станува збор за прекумерната потрошувачка и културата на влијание. Тоа ја поттикнува стигмата околу повторното носење облека откако еднаш ќе се сподели на интернет. Што е уште полошо, овие ултрабрзи модни брендови ни го испраа мозокот да мислиме дека е во ред да носиме нешто еднаш, а потоа да го фрлиме затоа што не чинело доволно за да го цениме.

Дали одржливата облека треба да стане евтина?

Додека луксузната одржлива облека (која понекогаш е дури и рачно изработена) е прилично скапа, не сметам дека е неразумно некои брендови да наплаќаат 2.000 денари за маичка. Мојата логика е дека не можам (сега веќе и не сакам) да купам 5 маички од 2.000 денари, како што би ги купила кога би биле (и до 10 пати) поевтини, како оние во продавница за брза мода. Но, бидејќи свесно купувам една нова маичка годишно, маичка која знам дека добро ми стои, дека е квалитетна и ќе издржи многу перења, дека можам да ја комбинирам на многу начини, дека е од материјали пријатни за околината, дека сите луѓе во процесот на нејзиното производство биле фер платени и дека со нејзиното купување поддржувам локален бизнис, тогаш 2.000 денари за едно навистина добро парче облека ми звучи како паметен избор. Ова е мајндсетот на бавната мода што го усвоив и со кој општеството треба повеќе да се запознае.

Мојот одговор е: Не, облеката не треба да биде толку евтина како што е сега. Хипотетички, ако одржливите брендови станат евтини како „нормалните“, тогаш луѓето сè уште би ја купувале истата количина облека како што прават сега, и веројатно ќе ја фрлат по неколку носења бидејќи им станала здодевна. Правејќи ги работите толку евтини како што се сега, создаваме и поттикнуваме „општество на отфрлање“.

Ако нешто чини малку повеќе (како порано), луѓето повеќе би се грижеле за работите кои ги поседуваат. Затоа што сега, ако парчето облека е скинато или има неисправен патент, се чини полесно е да го купиме/нарачаме ново, отколку да го поправиме. Порано, без масовното производство што го имаме сега, облеката беше поскапа. Нашите баби и дедовци купуваа облека и ја носеа со децении. Но, сега не сакаме да бидеме „демоде“.

Иако одржливата облека треба да стане подостапна за повеќе луѓе, цените не треба да се спуштат на цените на брзата мода. Запомнете дека одржливоста не е сè или ништо. Направете што можете во рамките на вашите можности. Сигурна сум дека не ви требаат стотици парчиња облека во плакарот.

https://www.instagram.com/p/CUf2A77M5ZJ/

Да ја направиме одржливата мода поинклузивна

Се согласувам дека некои брендови се прескапи, па колку и да штеди некој, нема да може да си ги дозволи. Сега, овие брендови навистина треба да станат поевтини ако сакаме да ја направиме одржливата мода поинклузивна. Зголемената побарувачка е навистина единствениот начин да се направи етичката облека подостапна за повеќе луѓе.

Има една работа што многу луѓе ја забораваат. Кога нарачувате онлајн или одите во продавница за брза мода и купувате 10 производи на нив, трошите доста пари. Но, бидејќи сте купиле толку многу облека, секое парче не изгледа толку лошо. Дури кога ќе го погледнете подобро или ќе почнете да го носите и перете, излегуваат на површина сите маани и недостатоци.

Не заборавајте дека не се работи само за купување етички и одржливо изработена облека. Се работи за купување помалку и одржување на тоа што веќе го имаме. Затоа, наместо да имате гардероба исполнета со евтина облека (од која половина не ја ни носите), поседувајте помала колекција која е квалитетна и која навистина ја сакате.

Автор: Александра Спасеска (https://www.instagram.com/aleksandrina_vezilka/?hl=en)

Илустрација: Моника Стојановска (https://www.instagram.com/_moooki/?hl=en)

Иднината почнува сега: Што знам за одржливата мода?

Ја сакам модата, затоа и се грижам за секој нејзин аспект во мојот живот. Ако стигнавте до овој прилог, сигурно и вие ја сакате модата и сакате да научите како таа да продолжи да биде сѐ она што претставува за вас – индивидуалност, убавина, креативност без грижа на совест.

Се надевам дека не само што ќе се информираме за проблематичниот статус што модната индустрија го има моментално, туку исто така ќе ви понудам начини за збогатување на знаењето што е потребно за да процените дали една модна компанија или бренд навистина работи одржливо и етички.

Веројатно некогаш досега сте го слушнале или користеле терминот одржлива мода, но што значи тоа? Одржливата мода се однесува на облека што е дизајнирана, произведена, дистрибуирана и користена на начини што се еколошки.

Етичката мода, сроден поим, кој е исто така распространет во светот на освестените потрошувачи, се однесува на облеката направена на начини што ги ценат и вреднуваат социјалната заштита и работничките права. (Забелешка: За веганите, етичката мода може да се однесува и на избегнување кожа, влакна и други животински материјали во облеката.)

Бидејќи екологијата оди рака под рака со социјално правичните практики, сепак, етичката и одржливата мода се сложено поврзани.

Ако сте слушнале за одржлива и етичка мода, тогаш сигурно знаете и за движењето Fashion Revolution, во кое учествуваат повеќе од 80 земји од целиот свет, меѓу кои и нашата. Јас сум дел од македонскиот тим на Fashion Revolution кој се приклучува кон движењето што верува во модна индустрија што ги вреднува подеднакво луѓето, околината, креативноста и профитот. Модната револуција почна, придружете ѝ се!

Се менува пејзажот на модниот свет

Непопустливата желба за економски раст во модната индустрија е огромен фактор. Капитализмот го одржува моторот „во живот“. Од гледна точка на производството, модната индустрија им дава работа на многу луѓе ширум светот (квалитетот на работното место е она што е дискутабилно). На потрошувачите, пак, им се продава мотото „купувај, си заслужи“. И ние купуваме, ли купуваме.

На глобално ниво, купуваме 80 милијарди парчиња облека секоја година (400% повеќе од пред две децении). Ова е делумно пропорционално со експлозијата на растот на населението (повеќе луѓе =

повеќе облека). Но, тоа во голема мера се должи и на прекумерната потрошувачка и неодржливите навики за купување култивирани со брзата мода. Луѓето низ целиот свет се стремат кон нивоа на потрошувачка на развиените земји. Во просек, купувачите купуваат 60% повеќе облека секоја година, што трае само половина отколку што траеше пред 15 години. И овој бизнис модел за раст оперира без оглед на социјалните и еколошките импликации.

Проблемот со брзата мода е што стигнавме до таа точка кога едно тренди кафе чини повеќе од маичка купена од бренд за брза мода. А тоа е голем проблем. Брзата мода во суштина ги претвори четирите сезони во 52, по една за секоја недела од годината. И тие се толку евтино направени, што не треба да ве изненади ако ви се појави дупче на парчето облека по само едно перење.

Иако намалувањето на потрошувачката апсолутно е едно од солидните решенија, менувањето на шопинг навиките не се доволни за да се елиминира негламурозната мрачна страна на модата, која се крие под целиот сатен и светки. Потребно е да развиеме подлабока свест за одржливоста, а најдобар начин за тоа е да се едуцираме.

Одржливоста како начин на живот

Одржливото живеење е практика на намалување на побарувачката за природни ресурси со тоа што ќе го замените она што го користите најдобро што можете. Понекогаш тоа може да значи да не изберете да консумирате производ што е направен со практики што не промовираат одржливост, а понекогаш значи да промените како ги правите работите за да започнете да станувате повеќе активен дел од циклусот на живот.

Сите знаеме дека климатските промени, глобалното затоплување, осиромашувањето на озонската обвивка и намалувањето на ресурсите се вистински и нивното влијание врз животот на луѓето и животните може да биде поразително. Тоа е можност за луѓето да усвојат активности за одржливо живеење што може да им помогне да го намалат влијанието врз животната средина со промена на нивниот животен стил. Одржливо живеење значи да разбереме како нашите избори влијаат на светот околу нас и да придонесеме кон наоѓање начини сите да живеат подобро и полесно.

Зошто е важно да се биде дел од промената?

Повеќето луѓе не стануваат наутро со намера да ѝ наштетат на животната средина – ниту да ѝ помогнат. Луѓето стануваат и си го живеат животот, ги задоволуваат нивните потреби и аспирации. Количината на работи што луѓето ги поседуваат (голем дел од тоа отпаѓа на облека) се зголеми во некои делови од светот, додека во други области многумина се мачат да ги задоволат основните потреби. Нашата иднина сега зависи од нашето однесување и како ќе избереме да живееме, работиме и играме како глобални потрошувачи – како ги менаџираме нашите домови, каква храна јадеме, како се дружиме, како се релаксираме, што купуваме и како се грижиме за нашата планета.

Луѓето не го менуваат однесувањето врз основа на она што треба да го направат. Не реагираат на податоци и статистички факти, ниту на негативни идни сценарија. Луѓето дејствуваат за да ги задоволат своите потреби и аспирации. Носат одлуки засновани врз цената, пристапноста, ефективноста и дополнителните критериуми како благосостојба или трендови. Одржливоста често не е одлучувачки критериум. Дури и луѓето кои сакаат да живеат поодржливо често немаат информации и пристап до достапни и пожелни производи и услуги. Но, не смееме да заборавиме дека за да се постигне одржливост подобро е милиони луѓе да го прават тоа несовршено, отколку далеку помал број да го прават тоа 100% совршено.

Од суштинско значење е да придонесуваме кон модна индустрија која функционира на одржлив начин. Нема едно решение за сите проблеми во модната индустрија. Како индустрија и култура, која се протега низ целиот свет, ќе треба да гледаме на намалувањето на потрошувачката како на првиот чекор кон одржливост. А за тоа, повеќе во следниот прилог.

Автор: Александра Спасеска

Илустрации: Моника Стојановска

Subscribe To our newsletter!