Blog Archives - Page 3 of 7 - Europe House

Маја Стојковска, уметница што изработува накит: Кога електронскиот отпад добива втор живот

Маја веќе десет години активно работи со реупотреба на материјали, а нејзината последна колекција е целосно изработена од електронски отпад. Таа е една од инспративните млади луѓе вклучни во проектот Future of Europe на Europe House Skopje.

„Тоа што е ѓубре за еден човек е богатство за друг.“ Ова е мотото на младата уметница и дизајнерка на накит Маја Стојковска која им дава убавина, всушност втор живот на нештата што завршуваат на отпад. Откако памети, има интерес и љубов кон накитот. Се сеќава на првите обиди да направи ѓерданче со редење мониста или алка со моделирање во глина. Па следувале години и опити со различни материјали и техники. Дел од нив ги совладала самостојно, а дел и како чирак кај еден мајстор во Старата скопска чаршија.

Маја е една од инспративните млади луѓе вклучни во проектот  на Europe House Skopje, во чии рамки беше отворена изложба во East Gate Mall. Од младинските европски цели, таа ја одбра „Одржлива зелена Европа“. Свесна дека нашата планета има исцрпни ресурси таа е децидна дека нашата активност мора да ги почитува еколошките граници за да избегнеме последици што може да го загрозат целиот живот на планетата.

Маја веќе десет години активно работи со реупотреба на материјали, а нејзината последна колекција е целосно изработена од електронски отпад.

Уште при првите буричкања низ скопскиот бувјак, одредени стари, употребувани предмети ми го привлекуваа вниманието заради нивните текстури, форми и бои кои во мојот ум отсликуваа замисли за нов живот, со нова примена во светот. Така, почнав да ги собирам овие напуштени сирачиња од модерните домаќинства и да им давам привремено засолниште, додека не созреат во парчиња накит. – раскажува Маја.

Процесот на изработка е релативно долг и почнува со препознавање на суровини во предмети од „втора рака“, било тоа да се нешта на продажба на пазар, фрлени на улица, одмиени од бран на плажа или од која било причина да завршиле на отпад. Во нејзините очи се формира слика за нивната иднина. Оние за кои има појасна претстава во што би се претвориле, ги собира, ги складира и ги категоризира според боја, големина, форма или текстура. Голем дел од нив е потребно да бидат внимателно расчленети, исчистени и доведени до состојба во која ќе бидат безбедни за работа и користење.

Од овие предмети произлегува најголемиот дел од материјалите кои повторно ги употребувам, но на неконвенционален начин. Рачно ги оформувам и трансформирам во нови предмети и им доделувам нови улоги во нивното повторно постоење. Така, едно пластично делче од расипани слушалки може да се претвори во беџ или еден алуминиумски ладилник за компјутер може да стане обетка. – објасува Маја.

Од младинските европски цели таа ја одбра „Одржлива зелена Европа“. Маја смета дека неорганскиот тврд отпад содржи елементи токсични за почвата, воздухот и водите, особено кога е неправилно управуван и складиран. Според неа, самото управување со овој тип на отпад придонесува неверојатно висок процент на емисии на зелени гасови во атмосферата, што дополнително и наштетува на животната средина. Според Обединетите нации, секоја личност произведува околу 7,5 кг електронски отпад годишно или околу 57 милиони тони на светско ниво. Од сиот овој отпад само околу 17 отсто е правилно собран, обработен и рециклиран.

Со брзиот развој на технологијата и краткиот животен век на електронските производи, акумулацијата на електронски отпад е во пораст, но овој вид на отпад сè уште е недоволно актуелизиран како сериозен проблем. Низ мојата работа со електронски отпад како основна суровина за повторна употреба сакам да посочам кон тешкотиите при рециклирање и реупотреба на овој тип на отпад и да предложам начин на кој би можеле да трансформираме нешта кои имаат наследно негативно влијание врз животната средина во нешта кои се убави и корисни. – објаснува Маја.

Таа е децидна дека луѓето мора да се освестат и да сфатат дека нашата планета е конечна, дека нејзините ресурси не се неограничени и дека нашите активности треба да ги почитуваат границите на животната средина за да се избегнат или барем да се ублажат последиците кои би можеле да го загрозат целиот живот на Земјата. Концептот за реупотреба на материјали и циркуларниот пристап во создавањето на накит се само еден мал пример кој содржи огромен потенцијал ако се примени на повисоко ниво, да придонесе кон промена на перцепцијата за огромното влијание што отпадот го има во нашите животи и да поттикне кон одговорно однесување, приспособено кон одржлив развој и заштита на животната средина.

Учеството на изложбата Future of Europe за неа е позитивно искуство. Маја смета дека се потребни повеќе вакви настани каде млади креативни личности ќе може да се изразат на теми кои актуелизираат општествени проблеми, ќе имаат простор и време за размена на идеи и соработки со конкретни акции за подигнување на свеста кај граѓаните и државните институции, како и изнаоѓање соодветен одговор. Во моментот, покрај иницијативата со електронски отпад што во континуитет се надградува, Маја работи на уште две колекции.

Почнав проект за соработка со уметници, сликари и вајари: користам дел од нивните четки, палети со бои и други алати и материјали што повеќе не ги користат, а истовремено и со керамички плочки што во последните седум години ги собирам од бреговите на Охридското Езеро. – објаснува таа.

Ана Марија Павлова и Бојан Андонов од Штип ја создаваат првата градинка во природа кај нас

Ана Марија Павлова и Бојан Андонов од Штип се големи вљубеници во природата. Се трудат да ја чуваат, да поминуваат време што е можно повеќе на планина, но и таа љубов да ја пренесат на помладите и на децата. Токму една таква посета на градинка во природа во Литванија ги измотивирало да се обидат да ја направат и првата таква градинка и кај нас. Подоготовките се во тек, а ако биде сè според планот, Штип ќе ја добие првата градинка во природа во септември. Дваесетина деца најмногу би можеле да се примат.

Ана Марија (25) и Бојан (24) се дел од изложбата Future of Europe, што е отворена во East Gate Mall во Скопје, а е дел од поголемиот проект „Европски младински цели“ (European Youth Goals), што го реализира Europe House Скопје.

Еднонеделното волонтирање во ваква градинка во Литванија беше нашиот прв контакт со овој концепт. Откако увидовме колку едноставно се одвиваат активностите и покрај секојдневните врнежи на дожд, сфативме дека Македонија има далеку подобри временски услови за ваков тип на градинка. – вели Андонов.

Веќе ја имаат прецизирано локацијата, а периодов ги градат и потребните реквизити. Следниот чекор е доопремување на местото и официјално отвoрање, додава Ана Марија.

Таа четири години студирала психологија во Литванија и преку интегрирање во општеството добила можност да волонтира во градинка во природа. Тоа го сторила по дипломирањето во 2020 година, а кога веќе биле примени со Бојан на програмата RISE, одлучиле и двајцата да одат таму и да стекнат искуство.

Сакавме да набљудуваме секој од своја перспектива, да видиме кои од идеите би можеле да ги примениме кај нас и како. – објаснува Ана Марија.

Од европските младински цели тие ја избраа „Самоодржувачка зелена Европа“ (#10 Sustainable Green Europe)

Оваа цел нас најдобро нè опишува, бидејќи честопати забораваме дека сме гости на природата и секогаш треба да се стремиме да ја оставиме во подобра состојба, отколку што сме ја нашле. Како млади можеме безрезервно да се дадеме кон градење зелен свет. – вели Ана Марија.

Оваа млада девојка е вклучена во проектите на платформата за ментално здравје ourmind.mk. Таму успева да го искористи стекнатото знаење во областа и постојано да се надградува како професионалец. Таа се води од мотото: „Почни од таму каде што си, сè што имаш е сè што ти треба за да направиш промена.“

Бојан, пак, е во последна година од студиите на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Како извидник е фокусиран на подобрување на програмата за деца и млади и нивно вклучување во активностите на општеството, со ставање акцент на природата. Вели, секогаш се водам од максимата „Направи добро дело, предизвикај насмевка.

Дамјан Давков: Најсреќен бев кога го освоив првиот сребрен медал на ИМО 2021, а имав 13 години

На прашањето што претставува математиката за него и што најмногу го фасцинира, младиот генијалец вели: „Едноставно, се чувствувам убаво кога решавам математички проблеми“.

Има само 14 години, а на последната Интернационална математичка олимпијада во Осло, Дамјан Давков од Штип се натпреваруваше и со ученици со полни 19 години. Ова чудо од дете и кога беше VII одделение на државните натпревари победуваше ученици од втора година средно. Дамјан е најмладиот олимписки медалист по математика во Европа.

Тој беше еден од 12-те млади вклучени во изложбата „Future of Europe“, што Europe House Скопје ја организира во East Gate Mall. Секој учесник избира по една или две европски младински цели, според кои се води во своите постапки и во остварувањето на своите цели. Дамјан го избра квалитетното образование, зашто како што вели „тоа е многу важно“.

На прашањето што претставува математиката за него и што најмногу го фасцинира, тој вели:

Не можам да одговорам на ова прашање. Едноставно, се чувствувам убаво кога решавам математички проблеми.

Дамјан во последната учебна година го заврши основното образование во штипското училиште „Ванчо Прќе“. Одлучи да го продолжи средното образование во Математичко-информатичката гимназија во Скопје каде во септември ќе биде прва година.

Дамјан не е голем муабетџија. Најдобро се изразува преку бројките, а сака кратки и прецизни одговори.

Размислувам различно од другите и сè е во логиката и во начинот на размислување. – смета Давков.

Се радува на сите свои успеси, но еден натпревар посебно ќе го памети.

– Најсреќен бев кога го освоив првиот сребрен медал на минатогодишната Интернационална математичка олимпијада ИМО 2021, бидејќи по 11 години Македонија доби сребро, а јас имав 13 години. – вели Дамјан и додава дека е среќен кога често успева да ги победи и поголемите ученици од него.

Тој го повтори ланскиот успех и годинава на ИМО, што се одржа во Осло, Норвешка. Си поминал убаво и немал трема во врска со својот пласман.

Нема некој посебен сон што би сакал да му се оствари. Во своето слободно време сака да чита и книги, а нема еден конкретен жанр на кој му се посветува.

Вљора Речица, истражувачка: Родова еднаквост за сите!

Како жена, на еден или на друг начин сум се соочила со слични предизвици и посакувам иднината за младите девојки да биде поинаква. Лично сум добила многу од менторство и од поддршката од различни жени во текот на мојата кариера и сакам истото да го направам за други девојки и жени, вели младата, инспиративна Вљора. 

 

Родовата еднаквост е нешто што работи со најголем елан. Ако треба да се опише себеси со еден збор, без размислување вели – неуморна. Вљора Речица е млада истражувачка, активистка, се бори за правата на жените и еднаквост за сите во општеството. Таа е една од основачките на Женската менторска мрежа „Стела“, активна е во иницијативата #споделиавторка, раководителка на еден центрите во рамките на Институтот за демократија. Вљора е дел од проектот Future of Europe претставен во „Ист Гејт Мол“ во Скопје, што го организира Europe House Скопје.

– Искрено, мило ми е што можев да ја пренесам мојата порака на толку видливо место и тоа беше можно само преку проектот Future of Europe – објаснува Вљора.

Преку работата со мрежата „Стела“, таа најмногу се фокусира на подобрување на пристапот до високо образование и економско зајакнување за жени и девојки. Заедно со колешките од „Стела“ ги поврзуваат жените и работат на креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство. 

– Низ различните проекти и активности, организацијата цели да придонесе кон дискусија на државно ниво за општествените и структурни пречки со кои мораме колективно да се соочиме за да ги поддржиме жените и девојките во нивното идно себеостварување. Нашиот тим цврсто верува во важноста на поддршката и заедништвото при развивањето на нашите потенцијали и во концептот на женска солидарност преку менторство – вели Вљора.

Таа ја објаснува иницијативата #соделиавторка која почнала со порака на инстаграм, се префрлила на групна мејл порака, па почнале да се собираат предлог-книги во еден голем драјв кој треба да прерасне во веб-страница. Вљора објаснува дека #споделиавторка се бори за промени во реалноста преку доближување на женското творештво и феминистичка литература до жени и девојки низ целата држава. Пристапот до информации, до литература чија цел е да ги покаже сите страни од живеењето, особено низ феминистичка призма, со авторки што ги инспирираат се само еден аспект на иницијативата.

– Почнавме во 2020 година со собирање и градење дигитална феминистичка библиотека, низ колаборативен процес. Првиот пакет од 30 книги го однесовме во март 2021 во јавната библиотека во Битола. Оттогаш бевме во Струга, Делчево, Пирок, Тетово, Кичево, ромската организација „Лачо Диве“, три училишни библиотеки во Чаир и останати места. Досега имаме донирано над 1.000 книги, на македноски, албански, босански, ромски и на англиски јазик. Целиот процес на истражување, поврзување нѐ научи на нови форми на солидарност – објаснува Вљора.

Последната донација за #споделиавторка дошла од Лондон, па на одделот за родови студии се собрале педесетина нови книги спремни за следната дестинација. Тие се благодарни на цела толпа луѓе што вложиле време, труд и трпение за полека да почне да се гради читачка култура на женско творештво и феминистичка теорија. 

– Идејата која Сара Миленковска, моја другарка и ко-основачка на „Стела“ ја започна со моја поддршка, е сопственост на секој што учествувал и ни помогнал да придонесеме до зголемување на феминистичка литература во јавните библиотеки низ Македонија – децидна е Вљора.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Од европските младински цели, таа ја избра еднаквоста на сите родови. Според Вљора, економското и општествено зајакнување на жените и девојчињата останува важен предизвик низ целиот свет. И нашата земја се соочува со предизвици во постигнувањето на родова еднаквост. Пристапот до високо образование и квалитетни работни места е особено голем предизвик за девојките и жените во земјата, кој е уште понагласен помеѓу жените и девојките во руралните средини и/или оние кои припаѓаат на малцинските заедници. Вљора го цитира Државниот завод за статистика чии бројки покажуваат дека голем дел од жените не се активни во пазарот на трудот, што очекувано значи дека голем број на жени се финансиски зависни од партнерите и нивните семејства. Дополнително, само 28 отсто од жените во земјава поседуваат имот, што уште толку придонесува кон влошување на состојбата на жените во нашето општество. Ова се само неколку од проблемите со кои се соочуваат жените во секојдневниот живот, а списокот на предизвици е многу подолог. 

– Како жена, на еден или на друг начин сум се соочила со слични предизвици и посакувам иднината за младите девојки да биде поинаква. Токму поради тоа се вклучив во „Стела“ како ко-основчка. Лично сум добила многу од менторство и од поддршката од различни жени во текот на мојата кариера и сакам истото да го направам за други девојки и жени. „Стела“ ми ја даде таа можност – вели Вљора.

Таа во моментот работи како истражувачка и раководителка на еден центрите во рамки на Институтот за демократија (ИДСЦС). Нејзиниот истражувачки фокус е на процесите на демократизавија, популизам, изборни реформи итн. 

– Во последно време исто така активно работам за промовирање на жени во политика и поактивно вклучување на жените на лидерски позиции – завршува Вљора.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Павел Милановски: Секогаш треба да сме искрени и слободно да кажеме што мислиме

Заедно со уште 11-мина млади, Павел е дел од изложбата Future of Europe, што е поставена во East Gate Mall во Скопје, како дел од поголемиот проект „Европски младински цели“

 

Павел Милановски е млад ликовен уметник и минатата година ја освои првата награда на глобалниот натпревар на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) за постер кој им оддава чест на земјоделците како херои на храната, во голема конкуренција. „Да се почитува храната значи да се почитуваат производителите на храна и природните ресурси во нашата животна средина. Земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот“ – ова се зборовите на 16-годишниот Павел од Куманово.

Фармерот со плашт на грбот и со вила во раката, како на зајдисонце ги надгледува своите ниви со богат род од зеленчук и овошје бил земјоделецот Томе од кумановското село Доброшане, роднина на Павел каде неговите родители редовно купувале храна. 

– Често го посетувавме на село кога бев мал. Тој макотрпно работи, а производите најчесто ги продава за многу ниски цени. Земјоделците се потценети во општеството. За да го изградам овој став ми помогна сликата што ја имам во главата за макотрпната и недоволно ценета работа на земјоделецот, кој својот живот го поминал во работата за да обезбеди здрава храна за луѓето – вели Павел

Заедно со уште 11-мина млади, Павел е дел од изложбата Future of Europe, што е поставена во East Gate Mall во Скопје, како дел од поголемиот проект „Европски младински цели“.

Со уметност се изразува најдобро. Од септемрви ќе учи во втора година во  ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје. 

– Најдобро се изразувам преку сликањето, кое што може да биде на традиционален начин или на компјутерски. Моментално работам на мојата втора самостојна изложба, која сакам да биде поуспешна од минатата и да остави подлабок впечаток на посетителите. Првата ја реализирав на отворено во Куманово, за втората уште не се знае – вели Павел.

Од европските младински цели тој ги избира менталното здравје и добросостојбата. 

– Најдобро се чувствувам кога правилно размислувам и донесувам одлука за какво било прашање од секојдневниот живот. Кога јас, а и други мои врсници ќе наидеме на каква било препрека, секогаш треба да побараме помош од своите родители, повозрасни лица, а доколку е потребно и од медицинско лице. Секогаш треба да сме отворени, искрени и слободно да го кажеме тоа што го мислиме, но и да го прифатиме од друга страна она што е важно за да се изградиме во вистински личности – вели Милановски. 

Васко Марковски: Во Скопје можеш да излезеш по јогурт и да се вљубиш во Јапонка

Разговара: Наташа Атанасова

Васко Марковски. Туристички водич, поет, преведувач, фотограф, репортер, музичар. Ама и „дегустатор на автобуси, на денови, на разговори, на пенкала и тефтери, на незнајни молитви, на фотогенични маала, на свирачки комбинации, на нови сетинзи, на надмината омраза, на сезонски преобразби“ и на што ли уште не.

Неодамна излезе од печат новата збирка поезија на Васко, „Скопски улици“, во која за првпат го читаме и во други поетски форми освен хаику. Едноставно и непретенциозно, со вистинска мајсторија на зборот, а често и со хумор (и на своја сметка) Васко ни ги претставува и својот светоглед, и својот градоглед.

Одлична работа си направил со новата збирка, Васко. Со денови им праќам песни на блиските и ги „заразувам“ со поезија 😊. Во колкав период ти се создавани и како одеше процесот на забележување и запишување?

 

Најголема радост е кога книгата ќе искомуницира со поширока публика. „Скопски улици“ беше комплексен материјал собиран десетина години. Секогаш кога запишував нешто, си бележев некои тагови, циклуси. Кога осетив дека се формира ракопис, сфатив дека има два носечки блока – едно надворешно и едно внатрешно патување низ градот. Внатрешното патување е поглавјето „Светилник“, каде што е видлив христијанскиот поглед, вртењето на бројаницата низ градов и премерувањето на работите низ таа призма, самиот со себе. Надворешното се очевидните работи низ градот, но видени на некој детски заигран начин. Со време, сфатив дека сакам да имам книга „Скопски улици“. Веројатно зашто сум уличар 🙂 – и со работата, и со љубопитноста.

Мериш улици 😊.

И пеш, а и возев нон-стоп, со години, со децата… на училиште, по тренинзи… И така, почнаа да се формираат купчиња, ама додека да најдам време да исселектирам и изорганизирам сè, збирката се одлагаше и одлагаше. Во меѓувреме ги објавивме „Урбани легенди“ и „Непозната Македонија“, па дојдоа на ред поетските ракописи.

„Бегемот“ главно објавуваше проза, немаше поетски изданија, а ќеф ми беше да ја продолжиме соработката. Кога го виде ракописот, Филип полека се загреа и реши ова да биде нивно прво поетско издание.

И ми беше битно кој ќе ја прочита прв книгата освен мене, кој ќе направи осврт. Ептен ми е ќеиф што е тоа Николина Андова Шопова, затоа што кога влегував во поезијата и Нина тогаш влегуваше во поезијата и ми се виде близок нејзиниот сензибилитет. И кога го прочитав освртот, викам: Уууу, да не е многу 😊.

 

Во збирката фасцинира како успеваш да ја препознаеш поезијата во секојдневието, како на пример во „Поздрав од карши“.

 

Таа песна е од периодот кога го преведував Орхан Вели и кога редовно одев во Универзитетската библиотека. Тогаш бев бомбардиран со поезија и поетското сетило ми беше изострено. А за препознавањето на поезијата – пред претходната „Корпоративно утро“, којашто е хаику, претходеше Хаику-дневникот што го правев кога го имав порталот dobrivesti.mk . Tогаш си зададов предизвик – секој ден по едно хаику. Во две третини од подвигот успеав да го направам тоа, а многу ситуации што ги препознавав ги фотографирав и си велев ќе ги реконструирам во стихови кога ќе најдам време. И тоа е готов ракопис, следен за објавување како поезија.

 

 

 

Хаикуто, кое обично се врзува за природата, кај тебе и во „Корпоративно утро“ и во „Скопски улици“ е повеќе за урбаното…

Да, главно е „социјала“, инспирирано од општеството.

А, сепак, навиваш за домаќинот во натпреварот Природа – Општество 😊

 

Во „Корпоративно утро“ сумата е „животот низ една корпорација“ и „лицемерието на корпоративниот живот“ во една таква, приемчива форма, како хаику. Во „Скопски улици“ хаикуто се провлекува и во низ други циклуси, со тоа што последниот блок е само хаику, како трет столб на книгата, насловен „Друга диоптрија“. И тоа беше некоја хаику-фаза, ама настаната по претходниве два периода.

А она што го спомена, вечното дерби Природа – Општество, да! Види ги маџирмаалските песни… Многу од работите што за мене биле убавина на Скопје, исчезнуваат. Не велам дека не доаѓаат други убавини на градот. Некогаш знам да речам: Скопје е денес град во кој можеш да излезеш по јогурт и да се вљубиш во Јапонка. И со туризмот го гледам тоа сè повеќе и повеќе, ама најголема попареност осеќам од тоа што општеството ја надвладува природата. Сè помалку зеленило, сè помалку контакт со земја. Сега да сакаш да скршиш еден орев, немаш камен кај да најдеш.

 

 

Кои песни од збирката ти се омилени тебе?

Имам многу омилени, ама еве, првата, отворачката, ептен ја сакам, со стоте занаети, „Во мрежата на пајакот заигран“. Исто и „Разгледница од читалната“. И песната со филмовите во фотостудио, „Лажна мобилизација“. Влатко Мартиновски во освртот за „Корпоративно утро“ вели дека една убава работа таму е хуморот на сопствена сметка и се обидувам да го негувам тоа. Пошегувај се со себе, кажи им на луѓето дека е во ред и да си признаеш слабост, така ќе напредуваме.

И циклусот „Зер“ е тука, пишуван во период на протести и револуции, кога секој се обидува на свој начин да те вовлече во својот кампус на антагонизам. Не се наоѓам ни во едното, ни во другото. Како што вели Данило Киш во една изјава: „Немој да бидеш ни со власт, ни со опозиција. Тие се горе, ти си долу“.

А сега, кога сме сведоци на политички негирања на сè што сме, не ти врие однатре, па да посакаш да направиш нешто, некако да протестираш?

А, бе, како нема да ти врие, ако не друго, горчина носиш. Ама, знаеш како, јас понекогаш сум скептик дали имаме критична маса за какви било конструктивни промени. Како генерација, ние сме во искушение во коешто никогаш не сме биле и во какво не биле ни генерациите пред нас, но не гледам дека протестирањето е секогаш продуктивен начин. На пример, на плоштад делат лименки кока-кола на топлово. Каде ќе завршат тие лименки подоцна? На Камени мост, згмечени ваму-таму… а корпи за отпадоци на дваесет чекори понатаму, има, ќе најдеш. Не ни е виновен никој друг за тоа, самите сме си виновни. Чувството за припадност и придонесување кон општеството коешто веруваш дека го градиш, се гради низ најбанални примери.

Си велам, секој може, со какви што сака пропаганди, да ни дојде. Јас знам кој сум, што сум. Можеме да дискутираме за сè, ама разговорот се води ако има продуктивна атмосфера, ако сме спремни обострано да се чуеме едни со други, да видиме како изгледа тоа што го бараш од мене и од мојава страна, дали тоа го нарушува моето достоинството или не. Но, некои од тие теми кои најбрутално го засегаат достоинството на човекот можам да ги отфрлам без око да ми трепне. Дури и да сум во заблуда, од твоја точка на гледање, во тоа што сум – кој си ти да ми го оспоруваш правото да бидам тоа што сум?!

Но, како да го кренеме гласот, како да се спротиставиме во ситуацијава?

Последниве десетина години се водам од една мисла во врска со тоа како да бидеме патриоти и многу ме радува што неодамна Никола Ристановски го кажа истото во едно интервју: највозвишена форма на патриотизам е да бидеш што подобар и подобар во она што е твоја работа. Кога си посветен на својата професија – конструктивен ти е духот, инспиративен си за луѓето околу тебе и ги охрабруваш и тие и да го изнајдат најубавото во себе и да го хранат, да го негуваат. Да си бидеме убав пример едни на други, тоа е патриотизмот. Тоа е, мислам, тоа што треба да го правиме. Од народната мудрост на ум ми паѓа поговорката „Кучињата лаат, карванот врви“. Наше е дали ќе бидеме кучињата што лаат додека карванот врви, или карванот што врви додека кучиња го лаат низ местата низ кои поминува. Или една друга, што ми е поомилена, со убава хаику слика: „Тивка вода, брег рони“. Или, што би рекле гуруата на корпоративноста: „Биди толку добар, што нема да можат да те игнорираат“.

Но, да не биде дека живеам во капсула. Носителите на државни функции знаат и подвали да ни направат, тоа сме го искусиле многу пати. Така што, прашање е дали живееме во спомен дека имаме капацитет за создавање нација или сè уште го имаме тој капацитет.

Да се вратиме на градот, на Скопје. Присутен е низ целата збирка, исто како и твојата приврзаност кон него, која на крајот „кулминира“ со едно интересно хаику: „Граду мој, аман веќе и од тебе и од тие што те сакаат“.

Како и за државата, загрижени сме, како да ѝ помогнеме? Загрозена е. Ама многу пати од преголема љубов правиш неконструктивни работи. Градот… мислам, јасно ни е, се случија драматични промени, ама сфатив една работа кога се исподеси сето тоа со Скопје 2014, дека покорисно е и за градот и за мене да почнеме да живееме во мир еден со друг. И јас ќе му помогнам и тој ќе ми помогне. Во една изјава на прашањето „Што би направил со Скопје 2014“ еден пријател рече: „Би засадил бршлен да ползи по зградиве“. Ете ти, убава идеја – не уриваш, разубавуваш и ќе го вратиш балансот на природата. Моето конечно мислење за тоа што се случи, не е само црно или само бело. Порано никој не доаѓаше тука, едно петнаесетина години ние бевме како во затвор, кој никој не ти кажал дека ти се случува. Имаш визен режим, не можеш никаде да отидеш, освен во соседните земји коишто во меѓувреме не се станати членки на ЕУ, а овде па ќе дојде некој којшто те гледа како егзотика, како дел од третиот свет, за да заокружи уште една земја на списокот со земји што ги посетил. Скопје веќе не е тоа. Далеку е од тоа. Види го „Трип адвајзор“ и ќе видиш какви сè луѓе зборуваат восхитено за Скопје. Денес имаме многу интелигентни посетители на градот и ние не можеме ги лажеме. Доаѓаат добро информирани и со свои очи ги проценуваат работите.

Интересни се и твоите „реплики“ на маркетинг-пораките, оние еднонасочните по билбордите низ градот, на кои обично човек нема каде да им го каже тоа што го мисли. Со кои други загадувачи на урбаниот простор би сакал да се „пресметаш“ и како?

Мислам дека секој од нас понекогаш сака да им одговори на билбордите и на рекламите што ни се обраќаат. Има разни начини како да го направиме тоа. Да се јавиш на телевизиска емисија со отворена телефонска линија, да напишеш нешто на социјалните мрежи, да најдеш соговорник за мрчење додека чекаш автобус. Набљудувајќи се во такви ситуации, сфаќам дека најчесто сме импулсивни и би било подобро да ја одложиме реакцијата, да си дадеме можност да ја премериме и откако ќе спласне жестината кога сме испровоцирани. Низ циклусите што ги бележам низ годиниве, забележувам еден што сум го наслоувил „Премолчени статуси“. Така што има, и средби со билбордите и поплаки што не можеме да видиме ѕвезди од светлечките реклами насекаде околу нас, и што сè потешко можеш да фатиш радио на средни бранови од фреквенциите на разните уреди, околу нас. Општеството ќе се погрижи да ти побели брадата поскоро. 🙂

Како што спомена, „Светилник“ е циклус во кој силно е присутна духовноста и твојата вера. Што е за тебе Бог, Васко?

Одговорот на ова прашање е и многу тежок, но и многу лесен. Тоа го кажува Символот на верата:

 

Тоа е алфа и омега на тоа што е за мене Бог. Е, сега, во нашево време е комплицирано да бидеш христијанин. Добро, низ сите векови би можеле да го кажат тоа. Во времето на претходното општество кај нас луѓето се подбиваа со вероисповедта, затоа што таква беше идеологијата. Од друга страна, потоа дојдоа други видови влијанија, коишто цело време ти викаат „Нема бог“. И сега, во таква ситуација, и да насетиш нешто од светлината на Бог и да го споделиш со другите, лесно се наоѓаш на страната на нешто таму: „Ај, бе, бајки кажуваат“. Јас лично сум имал ситуации во животот кои ме довеле до тоа да почувствувам, да видам дека има интеракција меѓу мене и Бог. Едното е кога на прагот зад полнолетството се барав себеси – каде одам и некако на крајот патот ме доведе до желбата да посакам да се крштевам, кога имав 20 години. Па се оддалечив некое време, за по некои патишта пак да дојдам во животна ситуација кога ја осетив жедта за Бог. И тогаш почнав да го практикувам со полн капацитет православното живеење, со светотаинско живеење, што значи дневно молитвено правило, одење на литургии, исповед, пост… Сè што опфаќа. Кога почнуваш да го практикуваш тоа како духовна дисциплина, почнуваш да се чистиш себеси од сето тоа што те отклонува од патот. Има една песна: Сфаќам дека прогледувам кога ќе сфатам дека сè уште, често, заблагодарувам на погрешна адреса. Човек ќе ти направи нешто, ќе му речеш благодарам, а всушност на Бога му благодариш. Јас давам кон Бога, живеам послушно кон тоа што ми го кажал дека е патот на спасението, ама Бог знае да наградува многукратно.

На местата каде што правописно би требало да се најде една или три точки, кај тебе и во оваа книга си ги има твоите две.. Какво значење има за тебе овој твој интерпункциски знак?

Две точки хоризонтални, тоа ми е како авторски печат. Некогаш три точки ми е премногу формално или кога не знаеш што да кажеш. А ова ми е, како што велеше татко ми „периз на уста“. Се воздржуваш да не кажеш премногу. Има уште да се зборува, ама доста е.

Со дечките од „Бегемот“ имате плодна соработка. Сите три книги досега, „Урбани легенди“, „Непозната Македонија“ и „Скопски улици“, се одлично спакувани. Какви ти се плановите за понатаму?

„Урбани легенди“ е распродадена и се токмиме за второ издание. „Непозната Македонија“ уште е во продажба. Не знам колку е измаркетирана, макар што реакциите од луѓе што ја купиле, што ја виделе – велат дека им се допаѓа, дека им недостасувало такво нешто. И, што ме радува, ќефлиски е спакувана. Обично таквите книги се во визуелни клишеа, со фотографија од Канео или такво нешто. Кога размислував за изгледот на корицата, најпрвин си реков, на Наталија Лукомска, авторката на корицата, за атер, зашто е од Полска, ќе ѝ го пратам препознатливиот кадар со Козле-Бозле, како со бовчата на рамо, по долго патешествие се враќа дома, во Прчево. На крајот, пак такво нешто испадна, но со нејзиниот препознатлив шарм. Многу сум радосен и со изгледот на „Скопски улици“, како сето тоа излезе графички… Па кога видов и букмаркер J знаеш, букмаркер со твое име! – веќе се осеќаш писател 😊.

Во меѓувреме, се подготвуваме да го објавиме вториот дел од репортажите, под наслов „Патување од другиот џеб“, како алузија на „Раскази од другиот џеб“ од Карел Чапек, драгиот пријател од полиците од времињата кога студирав (турски со) чешки јазик и книжевност. Подготвен за објавување е и Хаику-дневникот. Веќе две години работам и на една биографија, на една многу инспиративна не многу позната личност од Македонија и си велам кога ќе завршам со тоа: само туризам и бавча – на ништо друго не се нафаќам. Добро… превод на сликовници од турски – Турците имаат одлична продукција… и, избор на раскази и поезија од турски, ама без рокови, за свој ќеф.

 

Насловна фотографија: Наташа Атанасова

 

 

Ангела Стојановска, актерка: „Аудиција сега“ е притисокот, а ќе видиме каде ќе пукне

Ангела Стојановска е сè освен вообичаена актерка. Дипломирала како првенка на генерација, активна е во финансии и сметководство, преку иницијативата „Аудиција сега“ се бори за правата на невработените актери, а „Самоглас“ е прва платформа за аудиокниги на македонски јазик. Ангела е дел од изложбата „Future of Europe“ на Europe House Скопје.

Верува дека светот навистина може да биде поубаво место за живеење и се труди секој ден колку може да придонесе за тоа. Ангела Стојановска е сè освен вообичаена актерка. Дипломирала како првенка на генерација, активна е во финансии и сметководство, преку иницијативата „Аудиција сега“ се бори за правата на невработените актери, а „Самоглас“ е прва платформа за аудиокниги на македонски јазик. Ангела е дел од изложбата „Future of Europe“ на Europe House Скопје. Заради нејзината сестраност, таа избра две европски младински цели што ја опишуваат како личност – инклузивни општетства и квалитетно вработување за сите.

Мислам дека во најголем дел од времето, мојата и борбата на моите колеги е насочена кон креирање на инклузивни општества, се разбира преку „Самоглас“. Во однос на актерството, во последно време сум фокусирана на квалитетно вработување за сите – вели таа.

 

Ангела се смета себеси за неверојатно тврдоглава и упорна личност.

– Некои би рекле дека сум досадна и знам да „замарам“, ама јас внимателно ги одбрав првите два збора. Доволно е само некој да ми каже дека нешто е „невозможно“. – вели низ смеа.

Од друга страна е свесна дека како и многу нејзини колешки и колеги од театарскиот свет, можат целосно да се дадат во сè што ќе посакаат.

Имаме еден чуден талент да совладуваме работи кои не се ни толку блиски до нашата струка. Веројатно, најголемата битка во правењето на светот подобро место за живеење е да не се откажеме во сите помали битки. – вели Ангела.

Таа е сестрана личност. Дипломирана актерка е, но има работно искуство во различни дејности. Ја интересира раководење со финансии, а со „Самоглас“ е посветена на инклузијата. Ангела вели дека многумина мислат дека лаже кога ќе им каже дека помага во сметководство. Веќе е вклучена во Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ на позиција поврзана со финансии.

Во однос на „Самоглас“, јас и моите колеги актери Христијан Поп-Симонов и  Васко Костовски сè уште не можеме да поверуваме дека платформата е нашето дете. Ме радува, нè радува и ни дава сила да продолжиме да ја развиваме. Во моментов работиме на целосно оптимизирање на платформата за слепите и слабовидни лица, воведуваме систем за донации, започнуваме со подкасти и ги даваме сите напори за да обезбедиме финансиски средства за работење на драмски текстови во аудиоформат. – објаснува неуморната Ангела.

Гласна е и кога станува збор за обесправените актери. Со иницијативата „Аудиција сега“ се обидува да ги менува нештата. Вели дека нејзините родители се горди на неа, но истовремено премногу ги нервира нејзината „наивност и неразумност“. Ама нешто не ѝ дава само да се жали, сè дури не почувствува дека направила сè што може да направи.

Веројатно, ова е единственото нешто што ме држи во оваа земја – фактот дека немам почувствувано дека сум направила сè што е во рамките на мојата моќ. – вели Ангела.

Во „Аудиција сега“ има режисери, драматурзи и продуценти, иако актерите се најбројни. Ангела раскажува анегдота минатата година, кога еден наш театар распишал јавен оглас за вработување.

Се „нацртавме“ 60-ина луѓе на аудицијата и по две недели тој конкурс се затвори. Ама во време кога независните уметници немаа како да заработат пари за преживување, затворање на работни места е луксуз од невидени размери. Да не го ни споменувам актуелново и најавено кратење на буџетите од 31 отсто на веќе одобрени проекти, на проекти кое веќе се реализираат или се завршени. Се надевам дека погрешно сум разбрала и дека другите корисници и невработените чинители на театарската сцена нема да бидат дотепани преку овие одлуки. „Аудиција сега“ е притисокот, а ќе видиме каде ќе пукне. – вели Ангела.

Таа сметаш дека инклузивното општество и квалитетното вработување за сите се особено важни европски младински начела и дека двете работи се взаемно поврзани. Во однос на инклузивноста, таа својот придонес во најголема мера го дава преку „Самоглас“, ама сосема е свесна дека државата е назад на секое поле.

„Една од моите омилени професорки Ана Стојаноска, на факултет зборуваше за тоа како многу често сме изненадени и восхитени од нешто што треба да е сосема нормално. Во оваа фаза од мојот живот сум презаситена од изненадувањето од нормалата. А за квалитетното вработување – како актерка која била студент на генерација и која континуирано активно работи во театарската сфера па и надвор од неа, ни јас самата не можам да сфатам како сум невработена во струката. Јас, моите колеги, младите општо, немаме еднакви можности за вработување. Ако некако ги добиеме, тоа е само почеток на борбата. Генерациите на нашите родители верувам дека дале сè од себе. Ама ако сме искрени – не создале подобри услови за живеење. Да се надеваме дека мојата генерација нема да се вплетка во сопствената себичност. Преживувањето само по себе навистина не е доволно“ – децидна е оваа млада инспиративна жена.

Анди Исмаили почнал самоуко да учи на „Јутјуб“, а на 14 години е двократен светски шампион во модерен балет

Има 14 години и кога почнувал пред неколку години да навлегува во тајните на модерниот балет следејќи ѕвезди на „Јутјуб“, не ни сонувал дека еден ден и тој ќе може да игра на голема сцена. Гостиварчанецот Анди Исмаили е двократен светски шампион во модерен балет, а годинава во декември посакува и трет пат да ја има златната статуетка.

Анди беше дел од изложбата „Future of Europe“, што ја организира Europe House од Скопје, како дел од проектот „Европски младински цели“. Неговиот портрет изработен од Зоран Кардула и работите во кои верува се истакнати на пано во East Gate Скопје.

Почнувајќи од името современ танц, сакав нешто ново, нешто друго, нешто поразлично од тоа што прават другите. Почнав на „Јутјуб“ да ги следам познатите модерни балетани и тоа ми изгледаше многу интересно. Така добив желба и јас да почнам да вежбам. Додека вежбав секој ден по дома, почнав да се вљубувам во оваа уметност уште повеќе. – вели деветтодделенецот во ОУ „Гоце Делчев“.

Родителите го увиделе талентот и го поддржале Анди и тој почнал да танцува во iDance Studio. Анди вели дека им е многу благодарен за целиот труд и енергија што го вложуваат во него.

Ја користам оваа прилика да ги поздравам моите тренери Вуки Незири и Сарита Селмани.

Кога во 2018 година прв пат учествувал на светско превенство во Полска, го освоил петтото место. Веќе наредните две години стана светски шампион. Не му е секогаш едноставно, затоа што кај нас малку машки се во светот на современиот танц. Но вели дека денес не му е важно колку медали има на број, туку каков впечаток ќе остави кај публиката, како ќе се претстави.

Анди по природа е перфекционист и не се откажува дури нешто не го направи тој да биде задоволен.

Кога танцувам се чувствувам најмногу свој. Сакам мојот сон да стане реалност, сакам и во иднина да се занимавам со танц, но никогаш не се знае.– вели тој.

Од европските младински цели тој најмногу се залага во нашето општество да се обезбеди полова еднаквост и родово-сензитивни пристапи во сите области од животот на една млада личност.

Морам да напоменам дека за мене е многу важна поддршка од моите родители и што секогаш знаат да се жртвуваат за мене. Имам поддршка од некои другари и пријатели, но за жал, има и такви што не ме разбираат и ми прават булинг. – признава Анди.

Сонува некогаш да игра на филм во Холивуд, каде би можел да танцува.

Photos by: Dancegraphy by Tomasz Ginter

Викторија, Магдалена и Емилија од „Преплет“: Секој треба да има универзален пристап до квалитетно образование

Денес постојат многу начини на кои што може да се дојде до информација па дури и да се научи некоја вештина. Неформалното образование е сè позастапено и тоа е одлично сè додека сериозно се пристапува кон него, велат младите инспиративни жени кои се дел од проектот „Future of Europe“.

Поттикнати од идејата да создадат концептуална продавница и дизајн студио што ќе прерасне во инспиративно место што ќе нè потсетува дека малите работи го прават моментот голем,  Викторија Ланговска Хајредин и Магдалена Аврамовска во 2013 година го основале студиото со впечатливо име – „Преплет“. Сакале да создадат место каде секој ќе може да го пронајде совршениот и уникатен подарок за себе или за некој близок. Пет години подоцна како  дизајнер/проект менаџер во работата им се приклучува и Емилија Ланговска. Овие три млади и успешни жени се креативни, истрајни, незапирливи. Предводени од мотото „Малите нешта го прваат моментот голем“, тие сметаат дека квалитетното учење е една од клучните младински европски цели.

– Секој треба да има универзален пристап до квалитетно образование. Така младите ќе се развијат во одговорни личности и преку нивното вклучување во општествените движења ќе се пронајдат себеси обезбедувајќи сопствен и просперитет на општеството во кое се наоѓаат – велат тие.

Викторија е дипломиран дизајнер на ентериер, Магдалена е дипломиран графички дизајнер, а Емилија е магистер по архитектура и дизајн.

– „Преплет“ како идеја се роди уште во студентските денови кога јас и Магдалена започнавме заедно да изработуваме плетен накит и други модни додатоци. Преплетувањето на конците ни беше асоцијација на сите идеи, техники и креации кои се спојуваат, преплетуваат во едно и формираат најразлични производи. Оттаму и произлезе името „Преплет“ – раскажува Викторија.

 

Во изминатите години низ студиото поминале илјадници креативни пораки и фрази, без разлика дали потоа биле аплицирани на производи, споделени на социјални мрежи или, пак, разменети со најразлични соработници. Производите на рафтовите постојано се менуваат, а ќе видите постери, шолји, нотеси, тефтери, перничиња, тематски комплети, торби, лампи и уште многу други нешта. Според Магдалена, секој производ носи одредена порака која соодветно ја вметнуваат и од дизајнерски и од симболичен аспект. Тоа е нивниот препознатлив знак кој го имаат уште од почетокот кога почнале да го градат брендот.

 

– Секој што поседува производ на „Преплет“ се поврзува со пораката на свој, индивидуален начин и со тоа производите имаат многу поголемо значење и симболика. Токму затоа пораките ни се главниот двигател при креирањето на производите и приказната која ја градиме со секоја колекција – објаснува Магдалена.

 

Студиото „Преплет“ е дел од проектот Future of Europe што Europe House Скопје го организира во „Ист Гејт Мол“. Младите инспиративни жени се благодарни што добиле уште една можност да ја презентираат својата работа во која имаат вложено огромна љубов и труд. За проектот тие го избраа токму квалитетното учење (Quality learning) како една од младинските европски цели. Тие сметаат дека со квалитетно учење се прошируваат видиците и се отвораат хоризонтите. Колку поквалитно и темелно се пристапува на одреден проблем, толку појасна слика може да се направи за тоа што би требало да се промени и на кој начин да се постигне тоа.

 

– „Со ова сознание секогаш сме еден чекор поблиску до целта. Денес постојат многу начиниза да да се дојде до информација па дури и да се научи некоја вештина. Неформалното образование е сè позастапено и тоа е одлично сè додека сериозно се пристапува кон него.“ – дополнува Емилија.

 

Изминатите години почнале да соработуваат и со други помали креативни студија и дизајнери. Така се овозможува пласман и на нивните производи, од друга страна се надополнува целосното искуство на купувачите. Во последниот период се фокусирани на нивниот најнов проект – „Подаромат“.

 

Овој проект го започнавме пред неколку месеци и вклучува брза и лесна продажба на нашите производи и пакувања во посебни машини кои го носат името „Подаромат“. Целта ни е да поставиме „Подаромати“ на повеќе локации и на крајниот купувач покрај решавање на проблем, да му овозможиме лесно и забавно искуство – вели Викторија.

Subscribe To our newsletter!