Женски водици и Битуше - последното село во кое се одржува овој мијачки обичај - Europe House

20 Јан

BACK

Женски водици и Битуше – последното село во кое се одржува овој мијачки обичај

Женски водици и Битуше – последното село во кое се одржува овој мијачки обичај

Битуше,  малото скриено село, вгнездено во живописното зеленило на Дешат, секоја година оживува со енергична и уникатна прослава на верскиот празник Водици или уште познат како Богојавление. Празникот го означува крајот на божиќната сезона и го одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Она што го прави празникот Водици во Битуше навистина посебен е доживувањето на целиот обичај од призма на жените, односно нивните песни и поворки, организација и водство одигруваат централна улога во неколкудневното празнување. Покрај верската манифестација, женската сила и единство го поттикнуваат духот на заедницата и ја покажуваат својата важност како столбови на заедницата. За време на Водици светлата во речиси сите куќи во Битуше се вклучени и ова е ретка традиција од верски карактер што ги собира сите битушани дома.

Кумстарките

По она што најмногу се разликува селото Битуше од другите села е прославувањето на женските Водици. Рано наутро целото село се буди и се подготвува за големиот ден. Кумстарките ги облекуваат своите традиционални стари носии и се главни на овој ден. Тие ја предводат поворката низ селото, чиј редослед е исто така точно определен (најпрво се позиционираат возрасните жени, а потоа и младите; мажените жени секогаш одат пред немажените). Жените пеат песни за мажите од нивните семејства, како и за свети Јован. Песните им се посветени на гурбетчиите за да дадат сеќавање на старото време кога мажите заминувале на печалба и единствени што останувале да се грижат за домовите и семејствата биле жените. На тој начин се воспеваат женската сила и истрајност и се потврдува нивната важност во зачувувањето на традицијата и културното богатство.

(„Св. Архангел Михаил“ — главната селска црква што се наоѓа сретсело под која наѕира планинскиот врв Крчин)

Поворката завршува во главната црква „Св. Архангел Михаил“ и кумстарките вртат онолку кругови „Јованово оро“ колку што има машки глави во куќата. Откако ќе заврши церемонијата, кумстарките одат во Културниот дом (поранешното училиште) каде што лебовите се сечат и се разделуваат и се служи мезе и ракија. Потоа се раздава софрата во двете куќи каде што е пренесено кумството и таму први јадат жените, додека мажите чекаат надвор.

Подготовките…

Водици е празничен настан за чие прославување подготовките почнуваат една година порано, на Танасовден (31 јануари), празник кога се одредува кумството и кумовите се зарекуваат дека следната година тие ќе го земат крстот. Причината за ова е бидејќи во минатото се случувало семејството од некоја куќа да ја нема можноста крстот да влезе во неговиот дом и поради тоа е направен компромис – крстот да го земат две куќи и да организираат адет според обичаите. Пренесувањето на кумството се спроведува според строго прецизен редослед, така што може да поминат и до 30-40 години пред крстот повторно да пристигне во истата фамилија.

Оттука почнува спремањето што трае низ текот на целата година. Кумовите собираат односно „таксаат“ жени и девојки или уште наречени кумстарки (најчесто на роднинска или пријателска основа) кои треба да бидат дел од нивното оро. Посериозните подготовки започнуваат вечерта спроти Василица, кога една девојка тргнува на полноќ да налее вода во две стомни од селските чешми. На враќање крши три дренови гранчиња што ги става во стомните за да симболизираат здравје. Во домот ја чекаат месарите кои пеат песна:

„Добре ми дојде, свети Јоване! – Добре те најдов еј нови куме!
Не уплаши се ток зарадви се, сам свети Јован заире носет,
заире носет бела пченица, бела пченица ведро ракија,
ведро ракија две ведра вино, две ведра вино крава јалова…“

Потоа продолжува замесувањето на лебовите и пиењето дренова ракија за одбележување на почетокот на празнувањето. Утредента млади невести и девојки наречени зовачки свечено облечени во носии го канат целото село да дојде „на кумство“.  Овој мал обичај го означува испраќањето на крстот од домовите на старите кумови (17 јануари) и преку свечена вечера започнува доаѓањето на новите кумови. Жените на кумовите се облечени во традиционална битушка носија и ги пречекуваат гостите од селото. Две жени во аголот на собата сучат врвка со која потоа ги подврзуваат крстот и босилекот пеејќи:

„Јадите, пите, веселите се, ова е софра свети Јованова.
Сам свети Јован заире носит. Носите го, носите го,
гравот од грашишќе, да го јадет, да го јадет,
овие чесни гости, чесни гости, чесни гости,
свети Јованови…“

Крстовите се носат во манастирот „Свети Јован Бигорски“ пеејќи ја песната „Со здравје свети Јоване“ и таму свештено лице ги става сите крстови во голем котел со вода и ги осветува. Во текот на ноќта (18 јануари) кумовите тргнуваат кон селото и влегуваат во домовите на селаните каде што се служи посна храна, а во вечерните часови жените приготвуваат костени за селаните и ги подготвуваат таблите со лебовите што ќе ги носат кумстарките. Тука е и обичајот на фрлање крст, свештеното лице го носи бакарното котле со крстот, босилекот и светената вода и се движи кон реката. Крстот се фрла во селската река, а по него скокаат млади момчиња од селото – тој што ќе го фати крстот се верува дека ќе има среќа низ целата година.

Деталите на битушката носија

Носиите во минатото биле специјална традиционална облека што се носела на различни празници, свадби, обичаи, адети итн. Во таа смисла, за секоја етапа од животот или за секој настан биле одредени соодветни женски носии: детска, девојчинска, невестинска и возрасна. Од особена важност е дизајнот на битушката носија која има нераскинлив дел од обредот и воопшто самиот празник Водици. Автентичните носии делат некои слични детали со мијачките носии од регионот, но сепак се разликуваат во слоевите, материјалот, креацијата и боите. Носиите истовремено претставувале и статусен симбол и се предавале од генерација на генерација во форма на семејно богатство, најмногу поради нивната вредност. Повеќеслојната носија се одликува со волнено здолниште и елек, памучна кошула, филигрански сребрени парички и петлици, колани, гајтани и богати шари извезени со срма кои треба да го симболизираат фолклорниот пејзаж на македонскиот живот. Потем, носијата тежи околу 25 килограми и се смета за една од најскапите во земјата.

Оваа убава традиција, која сплотува верски обред изведен преку оро и песна, фрлање на крстот во битушката река и други обичаи за овој православен празник, му даваат посебна карактеристичност на Водици со векови. Празникот Водици е прослава на женската сила, издржливост и вера во заедницата. Во 2019 година обичајот бил официјално прогласен за дел од нематеријалното културното наследство, меѓутоа битушани продолжуваат самоиницијативно да го празнуваат вклучувајќи ја традицијата на заедницата. Празнувањето на водичарските празници и зимски адети посветени на свети Јован во Битуше отсекогаш претставувале уникатна свеченост и не залудно е едно од последните мијачки села што го задржало традиционалниот многувековен празник во истата изворна форма како од минатото.

(Кумстарки во битушка народна носија)

Доротеа Огненовска

Фотографии: Томислав Георгиев за Делегација на Европска Унија

Subscribe To our newsletter!