Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате - Europe House

27 Мар

BACK

Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате

Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате

Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат

Пишува: Радмила Живановиќ, психолог-гешталт психотерапевт, Психотерапика

Менталното здравје е индивидуална и колективна одговорност. Она што го чувствувам лесно се прелева и влијае врз она што ќе го доживееш ти. Ние сме многу поповрзани отколку што можеби ќе дознаеме во овој краток живот… Многу попотребни и многу побитни. Менталното здравје како трансгенерациско патување го дефинира и озвучува полето во кое сите ние суштествуваме, чувствуваме, растеме, живееме и умираме. Тоа е цивилизациска придобивка на човечкиот род, но и на општествата во кои живееме, колективна инвестиција која се одржува и менува единствено низ системите на поддршка, валидизација и разбирање. Да се биде ментално здрав, значи да се пронајде начинот за неутрализација и процесирање на сите токсични деривати на живеењето: ниската самодоверба, чувството на немоќ, девалвацијата, очајот, невидливоста, пропаѓањето, зависта, срамот, вината. Затоа, менталното здравје бара многу повеќе меѓусебна доверба, стабилност, признание, можности и слобода да го правиме она што ни е најпотребно и она што е автентично наше. Сепак, малкумина успеваат да го искусат на овој начин во рамките на својот живот. Менталното здравје еродира и се фрагментизира под неодржливата и неиздржлива војна во арената на социјалните медиуми, под силното празнење на сите потиснати нагони, потреби и емоции. Сите сме дел од ова модерно ропство, од оваа егзибиција на некаквиси елити, од оваа поларизација на моите и твоите, на нашите и вашите. Едните – сиротите обременети со барањата да бидат постојано видени, слушнати и сакани, а другите – надмоќните спремни во секој момент да делат знаење, мудрост, вистина и благосостојба за другите. Но, секој длабоко несигурен за сопствените постигнувања, за сопствената сила и влијание, се чувствува како натрапник во сопствената реалност и на сопствениот успех.

Живееме во ера на длабока заспаност, по инерција се лепиме со сите содржини што ни даваат некаква смисла. Се движиме како кукла со тромото дрвено тело, која двапати ги осигурила конците на кукларот, а внатре сонува и дрско го чува само за себе тој наивен слободен свет. Механизмите на себеказнување, себеобвинување, деградирање, намалување и очајот се дел од нашето секојдневие. Ние не смееме да се израдуваме без да имаме милион причини, не смееме да се опуштиме и да бидеме задоволни без претходно на мал милиони начини да умреме во име на капитализмот и квазилиберализмот. Стануваме робови на сопствената празнина, која ја глорифицираме до тој степен што таа станува недостижна, а ние мали за да ја исполниме. Гладно гледаме во она што не сме наместо да погледнеме кај сме и кои сме.

Страв ни е да кажеме кои сме, страв ни е да кажеме и кои не сме. Во нас постојано орбитира стравот дека никој нема да сака да биде со нас, дека ќе бидеме исклучени, заборавени, оставени да си пресудиме самите, таа одамна искусена осаменост која ја еродира секоја клетка на жилавост. Тоа не е илузија. Ние навистина се плашиме да припаднеме, да се предадеме, да бидеме со некого, да растеме со некого. Не е секој непријател, но не е секој ниту пријател. Очајот и откажувањето демнеат хранети од тие постојани чувства на немоќ, заменливост, неважност, бесмисленост… Се сведовме на основни потреби, од кои едната, најсилната, е потребата да се заштитиме од животот.

За жал, ние немаме резервен живот! Овој живот ни е еден и единствен. Многумина зборуваат за човечката неповторливост, оригиналност, посебност и различност, а и многумина веруваат во можностите дека и покрај сè, успеваме да се разбереме, да се воодушевиме, да се промениме, да се вљубиме во другиот. Кога ќе погледнеш во сопствениот живот, што гледаш? Ајде сега погледни повторно, а што е она што избегнуваш да го видиш? Само преку прифаќање и разбирање на себеси, ќе стигнеме и до другиот. Енергијата на живеењето е ограничена, ние немаме неисцрпен извор. Добри сме сè додека пиеме од сопствениот извор, кога понекогаш им даваме и на другите да се напијат, кога понекогаш бараме и ние од нив. Многу полесна е живејачката кога имаме некој покрај нас, а кој не го сфаќаме за загарантиран, туку гледаме во неговата/нејзината одлука да го дели овој пат со нас. Животот секако се крши и не трае вечно и за многу од нас ќе зависи дали ќе одлучиме да останеме загледани во скршениот свет или, пак, ќе успееме да живееме со тој свет и да градиме со она што го имаме. Раната е простор за поврзување и разбирање, сила која нè осмислува и ни дава значење, како што животот е простор за значајни движења и чувствување и користење на силата и единственоста на секој од нас. Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате. Сè е тоа и за нас, луѓето!

Subscribe To our newsletter!