https://www.euhouse.mk/blog/ Archives - Page 2 of 3 - Europe House

КОНЗЕРВИРАНИ МИГОВИ НА 2023 ГОДИНА

Додека часовникот отчукува полноќ и огнометот го осветлува небото, Новата година доаѓа во време на големи промени и најавува многу неочекувани почетоци. Меѓутоа, пред да се сосредоточиме на новите нешта што допрва ни ги носи 2024 година, убаво е да се навратиме на некои неодамнешни мигови од 2023 година или, со јазикот на Горан Стефановски, да ги отклучиме „конзервираните импресии“ на Старата година пред да почне Новата. Централно место на ова трансформативно патување е визионерското влијание на Europe House, чие присуство во повеќе македонски градови (Скопје, Велес, Битола, Крива Паланка и Струмица) иницираше ренесанса на идеи, настани и соработки меѓу македонските граѓани и пошироко.

Календарот на Europe House за 2024 година

Посветеноста на Europe House за негување на идната генерација е очигледна во нејзините напори за зајакнување на младите во нашата земја. Оттука, идејата зад „Млади европски амбасадори“ е поттикнување на младите да го кренат гласот каде што ќе има повеќе простор за културно и политичко изразување. Преку огромен број работилници, панел-дискусии, настани и културни размени, Europe House стана голема инспирација што ги насочува младите како да ги користат алатките и платформите за да ја (ре)обликуваат активно својата иднина и иднината на својата земја. Како резултат на тоа, сведоци сме на наплив на иновативни идеи кај нив и возобновено чувство за општествена промена.

Благодарение на Europe House, македонските градови доживеаја културно-уметничка поддршка за остварување на уметнички изложби, културни фестивали и заеднички проекти. Europe House го премостува јазот помеѓу традицијата и модерноста, дозволувајќи им на уметниците да истражуваат, да иновираат и да ги покажат своите таленти, како на локалните, така и на меѓународните платформи. Овој уметнички пејзаж е своерачен доказ дека креативноста цвета, а културните изрази продолжуваат да ги надминуваат границите во земјата.

Во делот на книжевно-културната сцена, Europe House организираше низа настани што ја слават македонската книжевна сцена, а дел од тие настани беа посветени на македонски автори како Кочо Рацин и Горан Стефановски. Гостите уживаа во поетските вечери и читања во „Поетска епизода“, а имаа можност да ги испробаат своите пишувачки способности на работилницата за експериментална поезија. Покрај тоа, македонската читателска сцена најмногу се прошири преку многубројните читателски дружења и книжевни гостувања во „Book club“.

Europe House беше дом на постојани изложби на нови автори и авторки од различни возрасти и градови од земјата, кои ја „шетаа“ територијата на земјата („На работ на зборовите“ и големата НФТ изложба во Europe House Битола), а последната изложба на „Yugo.logo“ во МКЦ ја комплетираше 2023 година и ги долови сите најубави моменти што не престанаа да циркулираат кај љубопитните посетители.

Забавата е секогаш добредојдена! Europe House реализираше вечери посветени на друштвени игри, гејминг сесии, шаховски работилници, како и работилници за рачни изработки (хеклање, правење накит итн.), цртање графити, а во лежерните попладневни часови се гледаа европски филмови. Пикник-викендот во паркот Гази Баба беше исклучителен и обележан со уште еден дводневен настан по повод Europe Day (Денот на Европа), кој вклучуваше разновидна музика, спортски активности, детски работилници и уживање во вкусна храна.

Europe House не ги заборави најмладите на нивниот посебен Светски ден на детето и одржа серијал работилници и настани низ целата земја. Покрај тоа, младите учествуваа во претстави („Љубопитното зајче“), кино-проекции, читачки клубови како Карван на читањето и музички работилници.

Големиот настан „Скопје на новата генерација“ ги обедини сите млади ентузијасти од полето на архитектурата и конкурсот покажа плодотворни проекти чијашто идејна реализација ќе го разубави градскиот изглед. Покрај тоа, уште еднаш го осветливме споменикот Стара скопска чаршија и нејзиниот мултикултурен и мултиетнички пејзаж што го капсулира сиот македонски етнос во историска и културна смисла.

Потем, Europe House стана дом на голем број зелени иницијативи со поттикнување партнерства, организирање на еколошки настани и работилници, чија главна цел е промоција на одржливи практики. Во свет што се бори со разновидните еколошки предизвици, посветеноста на нашата земја за одржливост добива значителен поттик од зелените иницијативи на Europe House. Оттука, ги охрабруваме заедниците да бидат еколошки одговорни со растечка свест за поголема еколошка заштита. Незаборавни се сите работилници за обновливи и одржливи ресурси, каде што тимски се соработуваше за регенерација и рециклажа на стари материјали, а посетителите научија како да пристапат во подобрувањето на позелена и еко-свесна околина.

Затоа и нашиот центар секогаш е топло отворен и ги поканува сите прогресивни иноватори на промени и креативци да донесат преку дијалог и дискусија позитивни трансформации во општеството и да инспирираат промени кон заедничка посветла иднина. На овој начин им се дава можност на граѓаните активно да учествуваат во обликувањето на иднината на нивната земја. Трансформативното влијание на Europe House е очигледно. Со залезот на старата година се чувствува прагот на новата година исполнета со оптимизам и здрав дух.

Сите настани поврзани со здравјето и спортот ги поттикнаа македонските граѓани сѐ повеќе да се ангажираат околу прашањето на индивидуалната и на колективната благосостојба. Се организираа тркачки маратони, извидници и кампови, јога-часови, а неколку недели беа посветени исклучиво на Спортската недела (Be active week), како и Европската недела на мобилност (European mobility week), потоа и Денот без автомобили, различни „вело-иницијативи“ за велосипедскиот активизам и алпинистички акции за активно качување на планини и физичка мобилност. Europe Housе во нашата земја се појавува како катализатор за секаков вид позитивни промени што опфаќаат зајакнување на идеите на младите, различни типови на еколошки и културни иновации, како и глобална еволуција.

„Unity in diversity“

Синтагмата Единство во различноста не претставува само обичен исказ туку тоа е и мото, односно жива реалност проткаена во духот на европската идеологија. Во 2000 година, Европската унија ја усвои синтагмата Обединети во различноста (латински: In varietate concordia) како официјално мото, што упатува на многуте земји-членки на Европската унија и нивните автентични разновидности во поглед на културата, јазикот, традицијата и светогледот.[1] Секоја нација ги носи своите уникатни традиции, одразувајќи го културниот калеидоскоп на европскиот континент.

Europe House беше домаќин на голем број настани што ги слават токму овие различности, промовирајќи разбирање, соработка и заемна почит меѓу луѓето од земјата. Затоа, нашите дискусии на тема „Mental Health talks“ се од огромна важност за освестувањето и поддршката на поединците кои се соочуваат со психички предизвици, како и за негување на поинформирани и поемпатични размисли.

Одржани беа голем број панел-дискусии, каде што се дискутираше за 16 дена активизам против родово базирано насилство, Светскиот ден на дислексијата, Светскиот ден за кревање на свеста за аутизмот, а се организираа и низа социјални донации на загрозени семејства, како и волонтерство за сите оние што сакаат да направат вистинска промена во земјата.

Откако ќе го прославиме влезот во 2024 година, со поглед нанапред, оставаме зад себе една година исполнета со културна и едукативна динамика. Со оглед на огромниот спектар активности, настани и иницијативи преку кои Europe House го инспирираше животот на македонските граѓани во текот на 2023 година, не е тешко да се заклучи дека и во новата година ќе продолжи со иста пареа да ги освојува нивните срца. Заедно со Europe House, уште еднаш сме потсетени на значењето на единство во различноста и на значењето на активното учество во општеството. Оваа новогодишна ноќ нека биде време за размислување, за подготовка на нови идеи и за поддршка на сите. Честита 2024 година!

 

Доротеа Огненовска

 

[1] Според официјалната интернет-страница на Европската унија, мотото го симболизира обединувањето на Европејците преку ЕУ, со цел постигнување мир и просперитет, истовремено збогатувајќи се со многу различни култури, традиции и јазици на континентот.

ИЗЛОЖБА НА „YUGO.LOGO“ – „ГРАФИЧКА ИДЕНТИФИКАЦИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА“

Во духот на новогодишните и божиќните празници, градот блеска во колоритноста на најразличните настани. Луѓето брзаат за да посетат колку што е можно повеќе продавници, да купат подарок за најблиските и да се подготват за пречекот на новогодишната ноќ. Europe House Скопје ја збогати 2023 година со еден голем и слоевит календар од настани и работилници што ја привлекоа публиката од милионскиот град. Последниот културен настан за 2023 година го одбележавме во Младинскиот културен центар на 14 декември во пријатна атмосфера со автентичен стил и заедно се збогуваме со една успешна година.

Посетителите на МКЦ земаа учество на големата компилациска изложба од преку 460 графички симболи од проектот „Yugo.logo“, дело на графичкиот дизајнер Огнен Ранковиќ. Оваа изложба не беше само визуелен приказ на балканските графички остварувања од полето на лого-уметноста туку и патување низ историјата на Југославија, со фокус на дизајнот и естетиката на времето. Таа југо-носталгија, мошне присутна и карактеристична за денешната публика, го отвори концептот и естетиката на овие симболи што се покажаа дека не се само обични графички елементи туку и потписи на времето, печат на една неминлива историска култура.

Изложбата „Yugo.logo“ е нов автентичен проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ. Тој истакнува: „Симболите што ќе ги видиме се безвременски. Тие не само што ги прикажуваат времињата туку исто така служат и како инспирација за новите генерации“. Претходно, изложбата на „Yugo.logo“ беше поставена во просториите на Europe House Битола, на почетокот на есента, а сега се изложени во галеријата на МКЦ. Публиката имаше можност да ги разгледа и да ги апсорбира пораките што се кријат зад овие графички симболи и да ја промисли целокупната графичка сцена на просториите на Југославија – што вклучува голем број непознати автори, уметничка и креативна интенција и графичка прецизност. Покрај изложбените логоа, имаше и теориски текстуални концептуализации со впечатливи наслови: „Архиви и постдигитална состојба“ (Ирма Пушкаревиќ) и „Архив на сеќавање“ (Сања Ротер), а поставени беа и куси биографии на југословенските архитекти, уметници и дизајнери: Костадин Танчев-Динка (Валандово), Милан Вулпе (Дубровник), Иван Дворшак (Марибор) и Милош Ќириќ (Деспотство – Белград).

Логоата потекнуваат од пионерите на креативната екс-ју индустрија и зад секоја графичка реализација постои трага – името на авторот, компанијата што ја претставува логото и годината на креирање. Посетителите беа сведоци на една безвременска изложба, чија богата историја и дизајнерска еволуција на симболи датираат пред половина век. Настанот е најавен, пред сѐ, како истражување на графичката сцена во Југославија што ги открива и ги визуализира важните аспекти и придонеси на креативните уметници и дизајнери од тоа време. Затоа и проектот „Yugo.logo“ има цел да ги истражи, да ги дигитализира и да ги архивира овие знаци со цел да послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се оддаде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.

Едно интересно гледиште за логоата и знаците доаѓа од српскиот ликовен уметник и професор при Универзитетот за ликовни уметности во Белград, Милош Ќириќ, кој во својата книга „Графичка идентификација“ (1981) наведува:

„Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој е оригинал и се изработуваат од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика што ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и ја запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака“.

Концептот и естетиката на овој проект се потпис на едно време, чиј непрекинат развој и наратив се вешто сублимирани во принципот на знакот, односно логото. Знаците се плод создаден од пионерите на креативната индустрија, еден нов модернистички бран на визуелен идентитет. Во таа смисла, изложбата на „Yugo.logo“ не само што ја претстави богатата историја на дизајнот во Југославија туку и нè потсети дека графичките симболи се повеќе од слики – тие се дел од нашето културно наследство, идентитетот и историјата. Нивната непроценлива вредност служи како инспирација за новите генерација на креативци.

Изложбата на „Yugo.logo“ во МКЦ, покрај тоа што ја илустрираше графичката еволуција на дизајнот во Југославија, нѐ потсети и на значењето на графичките симболи како трајни записи на времето што изминува и на локалната креативност. Преку историските, културните и дизајнерските аспекти, публиката беше вовлечена во едно носталгично југо-патување. Логоата имаат повеќеслојна функција. Една од нив е да претставуваат историски доказ на времето и просторот, а преку оваа изложба тие се физички пример за важноста на дизајнот во обликувањето на идентитетот и културното наследство на регионот.

Доротеа Огненовска

Хана Корнети: Ајде да си дозволиме да се подетиниме

Разговараше: Наташа Атанасова

Замислете девојче кое има 11 години, а разбира можеби и повеќе од повеќето големи. И тоа девојче, замислете, раскажува толку заразно што без да трепнете чекате да видите каде ќе отиде и што ќе направи. Дали ќе замине на село со мајка ѝ иако е недела и е ден за корнфлекс и излежување, дали ќе го најдат селото Бабин Заб, дали вистина ама баш вистина запознава шумски трол кој се вика Папрат и кој му доаѓа како нејзина тролско-откачена верзија? И дали приказната на Папрат е за верување и авантурата на Илина за впуштање во неа и со неа…

Ама штом сте се зачитале, сфаќате дека нема назад од фантастичниот свет на Илина што го креира Хана Корнети во нејзиниот нов роман „Илина и шумските тролови“. Има само напред – со многу хумор и забава и со развој на настаните и на ликовите каков што… па, ќе треба да читате за да дознаете 🙂 А кога сте веќе тука, прочитајте го прво овој разговор со Хана, кој го направивме за уште повеќе да ве заскокоткаме!

Хана, како си? Како го доживуваш периодов на излегување од печат на твојата трета книга, прв роман, откако го пишуваше година и пол?

Да ти кажам право, Наташа, одлично сум! Омилен период ми е смислувањето, пишувањето и препишувањето на книгата, соработката со уредник, илустратор и „бета“ читатели. Помалку омилен период, особено кога демнат рокови, ми е лектура, спремање за печат и организирање промоција. Сега се радувам што главните обврски завршија со една прекрасна промоција со моите омилени луѓе и нови, убави ликови! Многу сум благодарна на сите што дојдоа и беа дел од приказната на „Илина“, и надвор од книгата и внатре во неа. Сега ќе си се одморам и ќе го следам самостојниот живот на книгата од зад завеса.

Фантастика за деца – жанровски тука припаѓа „Илина и шумските тролови“. Од каде поривот по збирката раскази „Млечни заби“ да пишуваш за деца?

Се мачев со пишувањето на еден доста посериозен роман кој ми се вртка во глава од 2015-та. Тешко ми одеше, мислам бидејќи немам созреано за да го напишам како што треба. Тој период сонував една сцена која ми остави силен впечаток и која потоа порасна во „Илина и шумските тролови“. Така што, немав конкретна намера да пишувам за деца, едноставно натаму ме однесе текот на настани. И драго ми е – токму ваквата книжевноста ја голтав како дете. А на другиот, посериозен роман со кој се мачевме, се надевам дека еден ден ќе му дојде времето.

Ликот на Илина е вистинска милина, лик на кој читателот паѓа уште на првите страници, а таа првична вљубеност постепено преминува во љубов и пол. Но, не е само Илина таков лик. Тука се и нејзината мајка Лидија, другарчињата Пепи и Ники, тролот Папрат, Вирџинија, Касандра… Што ти беше најважно при градењето на ликовите за да бидат уверливи?

Да ми се драги – да ги сакам сите, на свој, различен начин – да ги разбирам, дури и „негативците“. Пример, имав во порана верзија еден лик на негативец кој беше целосно непоистоветлив за мене. Беше карикатура за која немав најдено емпатија. И тоа веднаш се познаваше. Сѐ околу ликот ми чкрипеше, а и уредникот, Ведран Диздаревиќ, ми посочи дека ликот е нејасен, слаб, без вистинско место во книгата. Го заменив со лик кој ми е драг, за кој имам разбирање, за кој имам идеја и приказна, кој е слоевит. Лик кој едвај чекам да го развијам во следните две книги.

Во урбаните средини каде што денес живеат најголем дел од луѓето, сивилата на секојдневието знаат да ја засенат магијата. Твојата фантастична приказна сместена во урбан контекст е како прозорче низ кое може да се види магичното. Мислиш ли дека на светот му недостасуваат магија и фантазија?

Секако. Не мислам целосно да одлепиме, туку да гледаме на светот со малку повеќе фантазија, да си додаваме своја боја. Луѓето се плашат од фантазија, сонување. Особено во нашето поднебје, социо-културо-политички се имаме соочено со куп разочарувања, така што луѓето од инстинкт за самозаштита, се потпираат на скепса, песимизам, апатија. И тоа, за жал, е разбирливо. Мислам дека може да се оградиме од тие непријатни сегменти на некој начин (да си ги зачуваме живците) и да посонуваме во други насоки. То ест, да си дозволиме да се подетиниме. Луѓе тоа го прават низ општествени градини, цртање, читање, пишување, фоткање, шеткање, дури и муабети со комшии, не знам? Така може и да се делува – од внатре да ја шириме фантазијата кон надвор. А за да си дозволиш да фантазираш, треба и да се помириш со фактот дека никогаш нема да бидеш „кул“ според популарното мислење (ама па тоа те прави најкул).

За разлика од збирката раскази, каде што во преден план е експерименталноста и играњето со наративните постапки, во „Илина и шумските тролови“ особено доаѓа до израз твојот стил на раскажување. Јазикот ти е со младешки сленг, кој е толку свеж и постојано изненадува, што го држи вниманието и го прави читањето забавно. Зачинето со хуморот во секоја втора реченица – вистински десерт, каква што би требало да е секоја книга за деца, нели?

Сметам дека книгите за деца, особено денес кога толку различни медиуми и содржини се борат за нивното внимание, мора да се доволно забавни за да го задржат детското внимание. Раните години се битни за развивање врска со книжевноста, а читањето е битно за да пораснеме во побогати луѓе. Дури и ако сакаме новите генерации да читаат „посериозна“ литература како Балзак и Толстој, со тоа секако не може да се почне. За да се вљубат децата во книжевноста и да ја истражуваат, треба прво да се вљубат во книги во чии светови ќе посакаат да се изгубат, книги што ќе им ја обојат фантазијата, книги што ќе ги возбудуваат и радуваат.

И додека ја читав „Млечни заби“, и сега со „Илина“ имам впечаток дека детскиот поглед на свет ти е толку близок и дека детето во себе си го чуваш да не порасне. Каков е твојот однос со децата? Се дружиш ли со деца?

Пааа… мојот круг на пријатели е главно бездетен. Но тие неколку деца со кои повремено се дружам и имам чест да сведочам како растат – внук и внука од братучеди, деца на семејни пријатели, деца на сите три другарки што имаат деца – ми се многу драги. Секогаш сме имале супер дружба и фер другарство, дури и кога бев помлада и убедена дека „не ме бива со деца“. Финтата е, бар за мене, да ги сфаќам сериозно. Не дека не си играме или шегуваме, но гледам сериозно да ги слушам, и сериозно – нели, не во смисла намќоресто – да им одговарам на прашањата.

Едукативната димензија на литературата за деца е нешто што е задолжително. Со други зборови, секоја книга за деца има своја порака, а добра е онолку колку што ќе успее писателот таа порака што поненаметливо да им ја подвали на децата. Имаше ли дилеми за тоа каква порака/пораки сакаш да испратиш со „Илина“?

Самиот тек на настаните и уште побитно, самиот развој на ликовите си ги донесоа соодветните „пораки“. На мене остана само да не ги затупам до степен да развијат обратен ефект кај читателите или, уште полошо, антипатија кон книгата. Ова не беше секогаш лесно, бидејќи кога станува збор за книга каде има и возрасни и деца, секако има мигови кога возрасните нешто ги подучуваат децата или кога децата сами растат преку настаните.

На крајот на „Илина и шумските тролови“ насетуваме дека крајот е всушност само едно издишување пред да продолжат авантурите на Илина и другарите во борбата против Сангруел. Ќе има продолженија? Колку, кога, како, што – сè што сакаш да ни откриеш 😀 .

Иако „Илина и шумските тролови“ може да се чита како целина сама за себе, замислена е како трилогија. Имам релативно груба слика за главните настани што треба да доминираат со главните настани во следните два дела и бар еден нов лик кој едвај чекам да го претставам во одреден контекст кој мислам дека е важен за децата. Освен тоа, во идните делови читателите подобро ќе го запознаат Инженерот, ќе дознаат повеќе за Сангруел, ќе одат на повеќе излети во Оранжеријата, ќе откријат повеќе за светот на вештерките… се надевам дека доволно кажав без нешто да издадам.

И „Млечни заби“ и „Илина и шумските тролови“ ги издаде во „Или-или“, кој може веќе да се каже дека е твој издавач. Каков ти е односот со „Или-или“ и што сметаш дека е клучно за врската помеѓу еден писател и еден издавач?

Им пријдов на „Или-Или“ прво бидејќи ми беа препорачани, второ бидејќи имав впечаток дека не би ми ги издале книгите ако не ги бендисуваат. Не мислам дека некој ќе ми направеше услуга ако ми издадеше книга за да ми направи „чест“. Од 2021-ва до сега, имаме супер соработка и вистина се радувам со изборот. Тоа што би рекла дека е клучно, е од двете страни да има почит, искрена и отворена комуникација, доверба и заедничка мисија: зошто сме овде? Колку што е убав процесот на создавање книги, толку е и фрагилен. Затоа се навистина важни добрите меѓучовечки односи. Тука спаѓа и односот со уредникот (за „Млечни заби“ Ненад Стевовиќ, за „Илина“ Ведран Диздаревиќ), илустраторот (за „Млечни заби“ Бојан Сенковски, за „Илина“ Александра Софрониеска) и бета читателите (Александра С., Ивана Марковска Доковска, Нина Милева, Матеј Тројачанец, Андреј Коларовски). Помага и да можете на пиво заедно да седнете и убаво да си поминете.

Насловна фотографија: Бојан Сенковски

20 НОЕМВРИ – СВЕТОТ ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО

Кога зборуваме за права на детето подразбираме збир на сите законски гаранции и принципи што обезбедуваат заштита во развојот и благосостојбата на секое дете во светот. Ова вклучува посочување дискриминација, право на задолжително образование, здравствена заштита и создавање на безбедна и стабилна околина за растење и созревање. Светскиот ден на детето се залага за подигнување на свеста за овие важни аспекти, како и за активностите што ги подобруваат условите за сите деца ширум светот. Светскиот ден на детето се прославува со основната цел да го насочи вниманието на јавноста кон сите обврски што општеството ги има кон децата, како и кон најзначајните предизвици со кои децата се соочуваат во секојдневниот живот.

Во свет во кој доминираат метежот и вревата на животот на возрасните, постои ден што ги надминува годините, културата и границите – ден посветен исклучиво на смеата, соништата и безграничната имагинација на нашите најмлади. Овој посебен ден го осветлува светот со веселиот дух на детството. Тоа е ден што ветува посветла иднина, каде што љубовта, емпатијата и сочувството заедно го играат танцот на детската невиност.

Меѓународен ден на децата – историски контекст

Почетоците на Светскиот ден на детето ги наоѓаме во периодот по Првата светска војна, сензитивен период каде што светот сѐ уште закрепнувал од крвавите настани на европската почва. Во 1925 година, Интернационалниот ден на детето по првпат беше прогласен во Женева за време на Светската конференција посветена на децата. Во втората половина на дваесеттиот век, поточно на 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја прифати и ја усвои Конвенцијата за правата на детето во која се заклучува дека сите деца на светот имаат права без оглед на тоа каде живеат, од каде потекнуваат, кој јазик го зборуваат, на која култура ѝ припаѓаат, дали се сиромашни, богати или дали имаат некоја здравствена попреченост. Зад оваа конвенција застанале сите 193 држави и основните постулати на кои се повикува конвенцијата, меѓу другото, се правото на живот и развој и правото на недискриминација. Овој комеморативен датум денес се слави секоја година во чест на сите деца.

Интересите на децата треба да бидат пред сите други

Иако се слави еднаш во годината (во некои земји и цела недела), децата не треба да бидат заборавени во преостанатите 364 дена од годината. Тие треба постојано да ги имаат зад себе овие права што ќе им бидат стожерни при донесувањето на какви било одлуки во животот. Ние, како возрасни, треба да ги почитуваме нивните желби и соништа и да ги поттикнеме да се развиваат во вистинска насока. Секогаш треба да бидеме искрени и отворени, без никакви предрасуди, бидејќи на децата им се потребни возрасни луѓе кои ќе им бидат водилка и извор на храброст и инспирација. Родителите треба да ги забележат добрите карактеристики кај своите деца и да ги негуваат и развиваат.

На овој ден, училиштата се претвораат во земји на чудата, украсени со живописни цртежи, пораки и слики, се организираат работилници и активности на кои интерактивно им се зема учество. Наставниците и учителите им раскажуваат различни приказни за убавините на животот, вредностите, пријателството, храброста, сочувствувањето, како и сите бесконечни можности што можат да бидат достигнати со соодветна поддршка и мотивација. Со други зборови, тоа е ден кога училниците не се само обични простории за учење туку стануваат и еден своевиден детски театар, каде што имагинацијата и соништа не престануваат да се испреплетуваат.

Детски права, но дали ги има секое дете?

Покрај сите радосни прослави, на овој ден се потсетуваме и на сите предизвици со кои се соочуваат многу деца ширум светот. Иако на хартија постојат, во реалниот живот свесни сме дека во некои земји децата немаат никакво право на глас ниту се третирани како рамноправни во заедницата. Светската организација УНИЦЕФ (меѓу која и УНИЦЕФ Македонија) се занимава со улогата на детето во општеството и ја нагласува потребата од заштита на децата од различни форми на моќ. Децата се дел од една сензитивно и лесно ранлива општествена категорија што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Тие се изложени на различни типови насилство и експлоатација од страна на возрасните, а покрај тоа во одредени земји голем број од децата се оставени на работ на егзистенцијална криза, немаат храна, чиста вода за пиење, топла облека, покрив над главата, некои од нив се подложни на различни болести и заболувања од нечистите услови во кои живеат, како и од недостатокот на социоекономските услови за здрав и активен живот.

Со одбележувањето на Светскиот ден на детето се овозможува гласот на децата да избие на површината во јавната и во приватната сфера и со тоа да се укаже на најголемите предизвици со кои се соочуваат децата во оваа епоха на живеење. Истовремено, Светскиот ден на детето може да се гледа како настан создаден за зближување на луѓето од заедницата, универзална нишка што се проткајува низ различни култури. Настан на кој луѓето ќе можат да ја покажат својата посветеност за благосостојбата и правата на секое дете. Овој ден повикува на размислување за длабоката одговорност што ја носиме во обликувањето на светот за генерациите што доаѓаат – одговорност што ги надминува границите и ја опфаќа заедничката судбина на нашето глобално семејство. Во нашата земја отворена е Првата детска амбасада – „Меѓаши“. „Меѓаши“ има отворена и нонстоп достапна телефонска СОС-линија (0800 1222) за деца и млади наменета за поддршка и помош на децата, младите и нивните семејства. Оваа телефонска линија служи како помош за децата на кои им е потребно психосоцијална поддршка и совет или, едноставно, потребно им е да разговараат за проблемите со кои се соочуваат, а за кои немаат кому да се обратат.

Сите ние, како дел од глобалниот цивилизациски развој, имаме обврска да придонесеме за нивен правилен психофизички развој, да ги воспитаме и да ги образуваме во духот на толеранцијата и прифаќањето на различностите, да ги научиме како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин на решавање на проблемите, со што ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите. Светскиот ден на детето служи како потсетување за потребата од колективна одговорност за обезбедување на здрава и сигурна благосостојба на децата. Почнувајќи од пристап до квалитетно образование и здравствена заштита до негување и креирање на здрави средини за раст и развој на децата, Светскиот ден на детето ја разгорува колективната свест да изгради свет каде што секое дете може еднакво да живее. Воспевајќи ја детската невиност и сензибилитет, меѓународниот ден на детето станува мост што ги поврзува генерациите, потсетник дека убавината на младоста не лежи само во нејзината минлива природа туку и во наследството што го носи напред низ генерациите што доаѓаат.

Секоја година Europe House организира настани, работилници и активности поврзани со овој ден. Оваа година, во просториите на Europe House Скопје се запознавме подетално со правата на децата и младите и на работилницата го споделивме истото мислење како и Комитетот на министри на Советот на Европа дека од особена важност е зајакнувањето и негувањето на овие права со цел подобро и побезгрижно детство, кое ќе резултира во создавање на здрави и емпатични индивидуи.

 

Доротеа Огненовска

Моника Илкова: Сакам да го шетам Скопје и по вистинската и по книжевната мапа

Разговараше: Наташа Атанасова

Месецов на 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, беше промовирана научната студија „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Сосема пригодно, имајќи ја предвид содржината на оваа книга, која хронолошки ги претставува најзначајните македонски дела во кои градот Скопје е издигнат до ниво на книжевен лик.

„Книжевна мапа на Скопје“ е водич за книжевни туристи, на кои никогаш не им е доста од шетање низ улиците на градот. За оние кои сакаат да ги помирисаат скопската раззелената пролет, да се сетат на тешката летна омарнина и кога е надвор есенски зашарано или зимски замаглено. За оние кои се љубопитни да дознаат како се живеело по скопските улици во годините по Втората светска војна или како татнела земјата во 5:17 и го урнала за 20 секунди градот во 1963 година. Но и за оние свесните за сите неправди што ги трпел и трпи градот низ годините и во крикот на скопските поети го наоѓаат гласот што самите се воздржуваат да го испуштат.

„Книжевна мапа на Скопје“ е научна студија која се занимава со дела од македонската книжевност во кои градот Скопје има значајна улога. Од каде интересот за темата на градот? И зошто токму Скопје?

Просторот отсекогаш сум го чувствувала повеќе од само локација на која се случува нешто. И во книжевноста и надвор од неа. Чувствувањето на просторот ми беше предмет на интерес уште во периодот кога го пишував мојот дипломски труд, но тогаш стануваше збор за еден поинаков простор во литературата – домот. Периодот кога ги завршував магистерските студии, живеев на неколку адреси, на неколку авионски линии, со куфер во мојата Буба, помеѓу неколку градови (и села). Некако во тој период природно ми дојде да го проширам истражувањето за просторот, од домот, на градот. А зошто токму Скопје? Затоа што колку што постојат автори што пишувале за Скопје, толку различни чувствувања за овој град постојат. Заедничко за сите е само едно, љубовта кон него.

Колку време работеше на студијата и како изгледаше бирањето на авторите и делата што ќе влезат во неа?

Веројатно неколку месеци, ако се собере сѐ заедно. Со мене влечев по десетици книги каде и да одев. Со избор на автори почнав хронолошки и некаде на средината на списокот што го правев, сфатив дека е невозможно да ги сместам сите заслужни автори за оваа книжевна мапа на Скопје. Тоа ме стави во положба да мора да бирам, но ме израдува тоа што има многу повеќе отколку што знаев и очекував.  Јас истражував, а авторите уште пишуваа и сфатив дека оваа мапа е невозможно да се заврши со оваа студија, иако се обидов да опфатам што повеќе.

Книгата го истражува феноменот на урбофилијата, односно топлото чувствување на градот во македонската книжевност, гледано хронолошки. Како млада личност, дали доживувањето на Скопје на поновите генерации писатели ти е поблиско од она на постарите?

На поновите. Јас не сум скопјанка, иако Скопје по десетина години живеење стана адреса на мојата лична карта. Но Скопје е градот во кој вистински пораснав и се градев себеси уште пред неговото последно „(из)градување“. Дел сме од исти приказни на градот, затоа ми се поблиски доживувањата на поновите генерации, иако авторите од постарите генерации ми предизвикаа носталгија за време во кое никогаш не сум живеела.

Даблин го има Џојс, Лондон Дикенс, Москва Булгаков, Париз Бодлер и Кортасар, а Скопје?

Скопје ги има Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Јадранка Владова, Александар Прокопиев, Драги Михајловски, Томислав Османли,  Ана Голејшка, Иван Шопов, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска… листата е долга.

Книжевната мапа на Скопје од книгата на Моника Илкова

 

Како би ја дефинирала улогата на градот во македонската книжевност на 21. век?

Градот во голема мера ги одредува случувањата и го придвижува дејството, многу почесто, во поновата македонска книжевност, тој не е само локација, место на случување на настаните, туку скриен, независен лик.

Во книгата посебно место е отстапено за темата на ангажираноста, каде што заклучуваш дека кај авторите кои пишуваат за градот во изминатите 15 години се забележува поексплицитна ангажираност. Сметаш ли дека писателскиот глас денес е доволно гласен против неправдите што ги трпи неговиот град и неговите сограѓани?

Литературата во суштина е социјален производ, иако е создадена од индивидуалци. Оваа студија беше можност да прочитам речиси сѐ што е напишано последниве 15 години за Скопје и можам да кажам дека писателскиот глас е навистина гласен, што не значи и дека е слушнат (прочитан). Интересно е тоа што сите автори на различен начин го изразуваат својот бунт и протест: искрено и гласно, скриено, но јасно, преку сарказам, експлицитно и секогаш, позади тоа стои љубовта за Скопје.

Што претставува Скопје за тебе? И дали повеќе уживаш да живееш/престојуваш во него или да го читаш книжевно(ре)креираното Скопје? 😊

Скопје е мирис на липа во пролет и смог во зима, летна омарнина и есенска магла, симфонија од свирење на автомобили на семафор и џагор во градски парк, Скопје е сивилото на брутализмот и шаренилото на скопската чаршија. Не може еден град да е обичен, ако толку многу автори пишуваат за него. Сакам да го шетам и по вистинската и по книжевната мапа. Во книжевната ми е поудобно.

Иако е научна студија, твојата книга лесно може да се чита и во пошироки рамки отколку што обично се читаат книжевно-научните трудови. Го имаше ли ова на ум кога почна да се занимаваш со темава или отпосле го увиде таквиот потенцијал?

Од почетокот сакав да е лесно читлива и интересна за сите. Кога ја пишував, препрочитував и се прашував дали ова би им било интересно на моите родители, пријатели и, особено, на случаен минувач во книжарница. Не бев сигурна дали успеав во тоа сѐ до излегувањето на книгата, кога за неа покажаа интерес луѓе надвор од книжевните кругови. Особено ме израдува тоа што неколкумина ми рекоа дека веќе побарале дел од литературата и авторите за кои пишувам, што го сметам за мал успех на книгата.

Дали сметаш дека ја заокружи твојата научно-истражувачка книжевна мапа на Скопје или чувствуваш возбуда да продолжиш да ги исцртуваш нејзините детали?

Беше тешко да се стави точка на оваа мапа. Затоа што и за време на печатењето на книгата изглегоа нови улици и улички што заслужуваат да ги има во неа. Цело време чувствувам потреба да се извинам ако сум пропуштила барем да споменам некој автор што пишувал за Скопје, затоа што оваа книжевна мапа е заедничка, заедно ја исцртувавме и ја оставаме отворена.

СКОПСКА АРХИ(Е)ТЕКТУРА – ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД НА АРХИТЕКТУРАТА НА СКОПЈЕ

Темата посветена на и за градот е предмет на долгогодишен интерес во уметноста, архитектурата, книжевноста и филозофијата. Зошто градот има толку привлечна моќ за авторите? Покрај спацијалната димензија, градот во себе впива многу различни култури, народи, етникуми и религии, чии патишта се вкрстуваат во просторот на градскиот метеж. Постои нешто шармантно, речиси симпатично и специфично што се крие зад лицето на градот: стутканите и тесни улички, валканите сокаци, зелените паркови, забрзаните луѓе кои се туркаат едни со други низ просторот помеѓу цврстите архитектонски градби и малите конзервести, јавни транспортни средства. Вистина е дека Градот (со голема Г) е просторот каде што човекот се претопува во масата (буквално и метафорички); гледајќи одозгора, низ птичја перспектива, човекот е само матна точка во чудовишното и грандиозно бетонско ткиво.

Главна пошта, архитект Јанко Константинов, 1982.

СУГС Гимназија „Орце Николов“, Архитект: Александар Смилевски и Никола Богачев, 1970.

МРТ, архитект Кирил Ацевски, 1971-1983.

Скопје пред земјотресот

Архитектурата на Скопје поминала низ многу фази на развој. Скопје е урбан град каде што се испреплетуваат културните и историските нишки со оние на современоста. Ова се одразува и во архитектонските елементи на градот. Историјата на архитектурата во Скопје почнува со староримскиот период, кога градот бил познат под името Скупи. Во 1392 година градот паднал под османлиска власт и Скопје станало седиште на воениот и административен систем (санџак). Османлиите извршиле големо архитектонско влијание врз градот; граделе куќи, базилика, амами и мостови со уникатни детали и орнаменти. Еден од најпознатите споменици од овој период е Камениот мост, кој ги спојува Старата скопска чаршија и модерниот плоштад во центарот на градот. Со други зборови, мостот претставува меѓа на културната традиција со новото време – авангардата. Голем број од градбите од овој период не се зачувани денес, но оние градби од историско – културен карактер сѐ уште постојат и можат да се посетат во Старата скопска чаршија, како Сули ан, Капан ан, Даутпашиниот амам, Куршумли ан и Безистенот. Преостанатите османлиски градби опстануваат само во пишана форма (документи, слики, цртежи) или во усните приказни прераскажувани и зачувани преку спомените од старите генерации.

Понатаму, во 20 век, Скопје почнува да се обликува во духот на големите космополитски градови. Од овој период познати ни се градбите: Ристиќевата палата (1925), Народниот театар во Скопје (1927-1963) и Железничката станица во Скопје (1938-1963). А во периодот на СФРЈ, за краток временски период биле изградени голем број станбени, индустриски и административни објекти во естетиката на социјалистичкиот реализам со цел да згрижат и да се вдомат колку што е можно повеќе луѓе.

  Скопје радост ти ќе бидеш!
(Ре)конструкција на Градот на солидарноста

Скопје станува дел од светската современа архитектура по катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Во земјотресот животот го загубија над 1.000 жители, а речиси две третини од населението ги загубија своите домови. Голем број објекти биле уништени и срамнети со земја. Од тие причини, Обединетите нации и Владата на Југославија се обратија за помош во пронаоѓање на компетентен архитект, кој би го обновил градот. Јапонскиот архитект Кензо Танге, заедно со својот тим, победи на интернационалниот натпревар, на кој се натпреваруваат архитекти од целиот свет за наградата – Реконструкција на градот Скопје. Набргу по фаталниот земјотрес, Скопје го добило името „Градот на солидарноста“ и многу бргу низ медиумите и весниците се ширеше веста Градот на солидарноста ќе добие ново руво.

Новото урбанистичко решение на градот е резултат на спој помеѓу брутализмот и југословенската архитектонска естетика на 20 век. Дополнително, Танге внел во архитектонските нацрти и свои мотиви, директно инспирирани од правецот метаболизам – специфичен стил на национална архитектура во поствоена Јапонија. Потем, земјотресот во 1963 година не бил единствениот природен непријател на градот. И покрај сите човечки и елементарни непогоди, градот наоѓал начин да се врати назад во живот и секогаш одново се раѓал од урнатините како феникс. Планот на Скопје 1963 година се реализирал и градот повторно оживеал од урнатините. Влијанието на овој план се рефлектирал во урбанистичките, историските и културните аспекти на градот, а тука почнал и зародишот на книжевни дела посветени на градот. Дел од современите македонски автори[1] сериозно ѝ се посветуваат на темата за градот и активно ги поставуваат своите ликови во просторот на градот Скопје.

Обновата на градот по земјотресот стана колективен запис за животот на скопјани во повоениот период на Балканот. Модернистичкиот бран што ги донел новите води во југословенската архитектура се појави и во Скопје кога градот беше „преоблечен“ во футуристички стил, специфичен и уникатен за овие простори. Овој урбанистички експеримент стана реалност преку делото на Кензо Танге и други проминентни македонски архитекти.

Градот на модерноста 

Денес, Скопје продолжува да се гради и да се проширува. Се раѓаат нови населби, нови згради и објекти што константно го витализираат и го иновираат градскиот пејзаж. Градот е во постојана обнова поради зголемувањето на населението и на сѐ поголемиот интерес на луѓето да живеат во Скопје. Скопје има своја посебна поетика. Градот е дом на музеи и културни споменици што успеале да го капсулираат културното наследство на земјата. Имено, во времето на Југославија, во Скопје биле изградени голем број архитектонски објекти чија непроценлива вредност останува да биде дел од архитектонската традиција на градот сѐ до новиот 21 век.

Архитектурата на Скопје во 21 век станува сѐ повеќе еклектичка, односно позајмува примери од различни архитектонски правци и движења. Оттаму и неокласицистичката обнова на главниот плоштад е дискутабилна во контекст на културната и националната рамка од историјата на државата. Во современото Скопје, архитектурата продолжува да се развива со нови станбени и комерцијални комплекси што се издигнуваат низ скопските населби. Современата скопска архитектура се карактеризира со високи стаклени згради, модерни облици и патеки кон енергетска ефикасност. Одраз на ова се зградите на Македонскиот национален театар и Македонскиот научен институт, како и новите станбени и комерцијални комплекси во населбите Центар и Аеродром.

Градот просперира како модерен центар, каде што историјата и традицијата доаѓаат очи в очи со современоста и модерноста. Оваа разновидност го прави градот интересен и привлечен за посетители и туристи, кои сакаат да го доживеат Скопје од поинаква перспектива. Факт е дека во Скопје се вкрстуваат и се мешаат различни архитектонски стилови и сите негови зданија придонесуваат кон посебно естетско доживување на градот. Архитектурата на Скопје сѐ уште ја прославува славната минатост на градот и дозволува постојана обнова и реконструкција на нови објекти и споменици што капиларно го исполнуваат просторот на градскиот организам. Скопје – главниот град, на една мала, а сепак многу важна земја на Балканот е одличен локус, каде што може да се доживее разновидната архитектура од најстарите времиња, па сѐ до денес.

Денес, Скопје го препуштаме на новата генерација. За таа цел, Europe House распиша конкурс за млади архитекти, „Скопје на новата генерација“, по повод одбележување 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Ги поканивме младите архитекти и урбанисти да донесат свежи идеи што ќе го трансформираат Скопје во поинклузивен и попристапен град. Овој конкурс е многу повеќе од натпревар за најдобар дизајн – тој е мисија за ново оживување на градот. Изложбата од доставените трудови ќе се одржи на 13 ноември во Пошта Скопје, одбележувајќи го и четвртиот роденден на Europe House Skopje.

[1] Некои книжевни примери: Влада Урошевиќ со „Вкусот на праските“, Димитар Солев со „Зора зад аголот“, Иван Шопов со „Изгубените чевли на градот“, Калина Малеска со „Скопје во високата зона“, Горан Стефановски со „Диво месо“ и „Демонот од Дебар Маало“, Томас Османли со „Приказни од Скопје“, Лидија Димковска со „Резервен живот“, Владимир Јанковски со „Невидливи љубови“, Давор Стојановски со „Собирачи на пепел“, Васко Марковски со „Скопски улици“, Гане Тодоровски со „Скопјани“…

Алпинизам – страст, професија и хоби

Можеби не се сметаме за алпинисти или планинари, но барем еднаш во животот (макар случајно) сме посетиле некој алпинистички локалитет, како Матка, Демир Капија, Пелистер, Солунска Глава, Кораб, Титов Врв, Крчин, Дешат… Нашата земја, во поглед на своите релјефно-географски одлики, е претежно планинско-котлинска земја. Тоа значи дека околу 80% од територијата на државата се планини. Овој тип земјиште предизвикал алпинизмот да почне да се развива како спортска дисциплина, а со тоа подоцна и да се основа првата алпинистичка федерација во земјата. [1]

Најпрвин, што претставува алпинизмот? Алпинизмот е спортска активност на искачување на стрмни и високи планински врвови. Покрај оваа куса дефиниција, алпинизмот опфаќа различни техники на издржливост и изучување вештини за искачување, а истовремено се остварува длабока релација со природниот и животинскиот свет. Еден алпинист може да се соочи со многу предизвици. Патеките што се изодуваат не се секогаш едноставни, туку можат да се појават скалести и нерамни терени на големи надморски височини.

Алпинизмот кај нас – авантури на голема надморска височина

Во нашата земја, најпозната алпинистичка организација е Македонската алпинистичка федерација, во чија структура влегуваат сите друштва, клубови и членови кои се занимаваат со алпинизмот како физичка активност. Во Република Северна Македонија постојат повеќе алпинистички клубови што често организираат алпинистички активности на различни локации во земјата. Првите алпинистички искачувања во земјата, поконкретно во Демир Капија, се направени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Денес, Демир Капија е дел од светската мапа на алпинистички локалитети и секоја година се зголемува бројот на посетители од целиот свет. Алпинизмот е одличен пример за запознавање со културното, спортското и природното наследство на една земја. На македонската алпинистичка сцена се издвојуваат неколку познати имиња на алпинисти: Димитар Илиевски-Мурато, Владимир Андреевски, Борче Јовчевски, Слободан Јованоски, Иван Жежовски, кои успеале да остават долготраен печат и да останат пример за многу нови генерации алпинисти.

Група на македонски алпинисти пред тргнување на алпинистичка експедиција на Матерхорн во 1975 година, фотографирани на Железничката станица во Скопје (фото: Петар Митров)

Оние што никогаш не се искачиле на планина или не биле дел од некоја алпинистичка тура, а сакаат да го сторат тоа, се соочуваат со прашањето: „Сакам да планинарам, но не знам од каде да почнам?“ Одговорот е многу едноставен – за да почнете да планинарите треба да сте информирани за тоа што навистина претставува алпинизмот. Дали тоа е само обична спортска активност или хоби? Или, пак, можеби алпинизмот ќе разбуди нешто многу повеќе во вас и, доколку навлезете подетално, целосно ќе го преобликува вашиот животен стил.

Неколку совети за првото планинарење

Секој почеток си носи свои предизвици. Така и во алпинизмот, треба да сме свесни дека физичката подготвеност игра главна улога во целиот процес, а покрај тоа, важно е да се има ментална и психолошка подготвеност за тоа што ве очекува на патот кон високите надморски височини.

Без разлика дали сакате да го трансформирате алпинизмот како ново хоби или, пак, можеби ваша голема желба е да почнете професионално да се занимавате со алпинизмот, треба да се има предвид дека од особена важност е да се негува физичката активност во текот на целата година. Заминувањето на алпинистички патување може да биде возбудливо и мошне наградувачко искуство, но оние што се нови во светот на алпинизмот можат да се почувствуваат исплашено. Ако сте желни за планинарење, но не знаете од каде да почнете, алпинизмот можеби е совршен избор за вас. Накратко, можеме да се потсетиме за главните препораки и правила на алпинизмот, кои ќе ви помогнат да ги направите вашите први чекори во оваа возбудлива дисциплина:

Првиот чекор

Можете да почнете со читање книги, гледање на документарни филмови („Бунтот во долината“) и истражувања онлајн, со други зборови да почнете да ги разбирате основите на планинарењето, вклучувајќи ја опремата, безбедносните протоколи и физичките неопходни потреби за планинарењето на големи височини. Потоа, следниот чекор е да се информирате и да истражите дали во ваша близина постои локален алпинистички клуб. Придружете му се на клубот и станете дел од планинарската заедница во која многу често се организираат групни активности, планинарења, кампувања, обуки и работилници. Дружбата за време на планинарењето или заедничките средби во планинарските клубови можат да бидат одличен начин да се сознаат многу практични совети од искусни планинари, а истовремено овие средби стануваат сигурен простор каде што алпинистите можат да дискутираат и да споделуваат свои лични искуства со други истомисленици.

Вториот чекор

Она што го предлагаат искусните алпинисти е почетниците секогаш да почнуваат со лесни патеки. Сите почетоци се тешки. Затоа, не избрзувајте со предизвикувачки и напорни патеки, туку почнете со полесни патеки за пешачење или планинарење, особено патеки што одговараат на вашето моментално фитнес-ниво. Како ќе напредувате, ќе стекнувате искуство и самодоверба и ќе станувате поиздржливи, така и „тежината“ на планинарењето ќе се зголемува. Полека ќе имате можност да ги совладате техничките познавања што ви се неопходни за движење низ опасен терен: работа со јаже, поставување на безбедни алатки во (замрзната) карпа, спуштање со јаже, системи за извлекување, симнување со повреден искачувач, прва помош итн. Овие вештини се неопходни за секој што сака да влезе во посериозна планинарска авантура.

Третиот чекор

Инвестирајте во квалитетна опрема за планинарење, како што се чизми, облека, ранци и опрема за кампување. Облеката што ја носите за време на планинарењето треба да биде мека, топла и удобна. Тоа значи дека треба да облечете патики што ќе бидат разгазени и ќе ви ги заштитуваат стапалата, како и ветровка или јакна што ќе ве штити од непредвидливото време. Понатаму, проверете дали знаете како правилно да ја користите и да ја одржувате вашата опрема и за таа цел консултирајте се со искусни планинари или специјалисти кои ќе можат да ви помогнат да го направите вистинскиот избор во одбирањето на соодветната опрема.

Четвртиот чекор

Научете ги вештините за навигација. Умешноста во читањето мапи, користењето компас и навигацијата со помош на ГПС-уреди или на ѕвездите е од клучно значење за алпинизмот. Вештините за навигација ќе ви помогнат да не се изгубите во дивината.

Петтиот чекор

Планинарењето бара добра физичка подготвеност и секое дополнително вежбање, вклучувајќи и кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и флексибилност, може да помогне во градењето издржливост што ќе помогне алпинистот да се справи при планинарењето на големи височини. Вклучете кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и вежби за флексибилност во вашата рутина. Фокусирајте се на градење издржливост и сила за да се соочите со безмилосноста на планинарењето на голема височина.

Шестиот чекор

Бидете безбедни. Секогаш кога планинарите или се впуштате во некоја алпинистичка авантура, дајте ѝ приоритет на безбедноста. Тоа значи дека секој алпинист треба да биде свесен за временските услови, потенцијалните опасности и ризикот со секое искачување. Затоа, научете како да ги препознаете и навремено да реагирате на немилосрдните ситуации, како болест, лизгачки терени, снег, дожд и слично.

Седмиот чекор

Сивилото и брзината на градовите знаат да создадат чувство на анксиозност и фрустрација. А алпинизмот е одлична шанса за бегство од градската средина и наоѓање прибежиште во природата. Затоа, почитувајте ги природата и околината. Не оставајте траги, отпадоци, ѓубре, не уништувајте ги тревата, дрвјата и не загадувајте ги реките и живеалиштата на животните. Со други зборови, бидете свесни за екосистемот.

Осмиот чекор

И како за крај – слушајте го вашиот водич! Секогаш бидете во близина на водичот и почитувајте ги неговите препораки. Да се најде вистински ментор кој има големо искуство и познавање од алпинизмот може да биде од непроценлива важност за вашите алпинистички почетоци.

Можеме да заклучиме дека алпинизмот е напорна, но благородна физичка дисциплина. Денес може да се потврди дека алпинизмот станува сè попривлечен и поатрактивен за луѓето. Интересот расте затоа што здравиот начин на живот и физичката подготвеност што ја бара алпинизмот се примамливи за луѓето. Без разлика дали на алпинизмот се гледа како на спорт, професија или хоби, забележливи се придобивките од оваа дисциплина, бидејќи истовремено е комбинација од авантуризам, зголемување самодоверба и развој на емпатија кон природата и околината. Исто така, докажано е дека редовното планинарење позитивно влијае врз психофизичката состојба кај практикантите.

Europe House Скопје, во соработка со членовите на Алпинистичкиот клуб Скопје[2], минатиот месец организираше алпинистичка авантура на Матка по повод Европската недела на спортот (BeActive – Sport week) со цел запознавање со алпинистичките активности и планинарењето на карпи. Алпинизмот е волшебно патешествие што нуди средба со неверојатни видици, физички предизвици, запознавање со луѓе кои делат исти или слични интереси, а го враќа и човекот назад кон природата. Почетокот може да изгледа застрашувачки, но со правилно водство, подготовка и трпение, можете безбедно и самоуверено да се впуштите во оваа возбудлива авантура. Затоа, облечете ги планинарските чизми и почнете го вашето алпинистичко патување уште денеска!

 

[1]Фотографиите се преземени од профилот на Македонската алпинистичка федерација, како и од профилот на Europe House.

[2] Алпинистичкиот клуб Скопје е оформен во февруари 2019 година и има визија да вроди интерес во алпинизмот кај нови вљубеници во планините, како и да ги воведе во активниот здрав и спортски начин на живот без разлика на возраста.

#EuropeanWeekOfSport #BeActive

Доротеа Огненовска

Бранко Прља: Авторските права се преценети, а улогата на уметникот е да инспирира

Разговараше: Наташа Атанасова

Бранко Прља е ултраплоден автор за кого треба многу повеќе да се знае и во широките читателски кругови. Иако низ годините го гледавме како шета низ жанровите, константа беше неговата љубов кон уметноста, науката и технологијата, која се чини дека кулминираше со издавањето на првата македонска графичка новела илустрирана со вештачка интелигенција. Станува збор за адаптација во стрип-варијанта на неговиот (според мене најдобар) роман „3 минути и 53 секунди“. Освен што е уметник, Бранко е и посветен уредник и новинар (Арно.мк), како и активист во областа на екологијата. Човек кој неуморно вложува и ѝ (се) дава на нашата заедница за општо добро. И вистински избор за соговорник во рубриката #КуќаЦелСвет, реализирана во соработка со „Europe House – Скопје“.

Во изминативе 20 години, од објавувањето на твојата прва книга, секоја година објавуваш барем уште по една. Дали станува збор за пребујна инспирација или за челична самодисциплина?

Поголем дел од книгите на Бранко Прља

Годинава е 20-годишнина од мојата прва објавена книга и по тој повод правев пресметки дека имам издадено 40 книги (први изданија) досега. Можеби тоа се чини многу, но малку е во споредба со еден домашен автор како Александар Кујунџиски, кој за 45 години издаваштво има објавено 140 книги!

Мојата дисциплина се состои во едноставно правило: секоја година правам листа на книги кои ќе ги објавам и проекти со кои ќе се занимавам и се држам до распоредот. Некогаш роковите кои си ги наметнувам не ми одат во прилог зашто, како и сите, морам да заработувам независно од тоа и постојано се соочувам со „земски“ проблеми. Некогаш самиот себеси си правам премногу притисок за да ги остварам „задачите“. Немам издавач или договор кој ми стои над глава за да ги правам овие нешта, не заработувам од книгите, ниту сум славен. Едноставно, ако сум си задал задача да направам нешто што е во основа збогатување на културата на една нација, сметам дека морам да го направам. Тоа е нешто едноставно посилно од мене, некој внатрешен порив кој го имам од детството. Уште рано открив дека го имам она што го нарекуваат „бујна фантазија“ и таа едноставно не ми дава мир. Книгите се само начин да ја канализирам да ме остави на раат, инаку не можам да функционирам нормално во реалноста.

Низ годините се шеташе низ повеќе жанрови, како раскази, измислени вести, едукативна проза, дистописки романи… Како доаѓаше до тоа да си кликнете со секој од овие жанрови во одредени периоди и потоа да се разидете?

Кога се зафаќам со некоја тематика ја црпам до крај. Притоа читам, истражувам, дознавам сè што можам за тоа и станувам здодевен и на себеси и на другите. На пример, ако сум сега заинтересиран за вештачката интелигенција, тоа е единственото на што мислам и за што знам да зборувам со луѓето, ништо друго не ми е интересно. „Кликот“ доаѓа од нешто што сум прочитал, видел, слушнал… и тогаш веднаш знам дека тоа ќе биде следната сфера на интерес. Во тоа навистина уживам и најчесто по долго истражување, наеднаш го филтрирам она што сум го научил во една креативна експлозија која не можам да ја контролирам, ниту се обидувам многу да ја насочувам, едноставно се препуштам. Тоа е мојот процес кој досега функционираше.

Кога ќе ја исцрпам темата и некоја друга стане фокус на интересот, тогаш сосема ја заменува. Така било со литературните жанрови и со експериментите кои сум ги правел во нив, едноставно си ги тестирав сопствените граници и можности. Тоа за мене е некој вид предизвик кој „морам“ да го направам ако сакам да имам мир во животот. Кога ќе почувствувам дека немам што повеќе да дадам во таа област, едноставно ја напуштам.

Графичка новела „3 минути и 53 секунди“

За време на Саемот на книгата годинава ја издаде првата македонска графичка новела направена со помош на вештачка интелигенција „3 минути и 53 секунди“. Со оглед на тоа што книгава се појави околу една година од почетокот на масовизираната употреба на ВИ благодарение на платформите со „open AI“, го сметаш ли ова за свој подвиг?

Графичката новела за која зборуваш требаше да биде завршена до декември 2022 година, тоа беше дел од моите годишни планови кој (не) се оствари на интересен начин. На почетокот на годината си зададов план дека ќе направам стрип, но не знаев како. Читав секакви стрипови, барав инспирации, истражував. Бидејќи имам завршено графички дизајн, повремено цртам и сакав да го нацртам сам, но немав доволно искуство со стрипови. Потоа сакав да ја ангажирам ќерка ми, Нина Прља, која исто така супер црта и имаме објавено книги заедно, но тоа беше преголем залак за неа. Кога генеративната вештачка интелигенција стана општо достапна бев воодушевен од можностите и почнав да експериментирам. На крај се зафатив со новелата 3’53’’ како експеримент кој сосема ме обзема. Но, процесот траеше подолго отколку што очекував и не успеав да го остварам планот и да ја издадам графичката новела до Нова година, која излезе за Саемот 2023 година. Дали ова е подвиг не знам, веројатно не е зашто може да го направи секој. Сепак, за мене ова беше битна работа преку која стекнав нови вештини и ја сфатив вредноста на вештачката интелигенција.

Каков беше процесот на претворање на новелата во стрип? И зошто реши токму „3 минути и 53 секунди“ да ја адаптираш? Дали ти се чинеше најподатлива за премин во друг жанр или во прашање беше емотивна приврзаност?

Лично за мене процесот беше многу интересен. Доста време потрошив да го дефинирам визуелниот стил. Направив многу експерименти и се решив за некоја погенеричка комбинација на повеќе стилови за да не се копира одреден стрип цртач или уметник. Книгата е конципирана како музички албум, каде поглавјата се насловени според песни. Самите поглавја треба да се прочитаат брзо и во еден здив, едноставно приказната да те носи како што те „вози“ една песна. Кога ги визуализирав, секое поглавје прво го кадрирав и го делев на сцени, фактички правев некој вид сториборд. Потоа го адаптирав текстот и пристапував кон изработување на илустрациите. Во финалната верзија се избрани околу 300 илустрации, но беа генерирани минимум 10 пати по толку. Голем дел од нив ги досредуваше ќерка ми која ја ангажирав за асистент. Тогаш AI правеше доста грешки, особено во рацете на ликовите или кај групни сцени, кои сега веќе не ги прави. Дизајнот и текстот се мои, сликите како производ на AI немаат копирајт.

Ја избрав оваа книга зашто уште од нејзиното создавање имав желба таа да биде визуализирана. За неа и нејзиниот наследник („1 час и 30 минути“, која е на тема филмови и е конципирана како сценарио) имав коментари од извесни пријатели и театарски актери дека тие книги би функционирале одлично како филм. На пример, романот „Јелгава ’94“ од младиот Јанис Јоневс од Летонија, како роман за историјата на метал музиката од средината на 90-тите години, бил филмуван во 2019 година. Тој роман наликува на мојот по многу нешта. За жал, кај нас нема интерес за филмување домашни романи како што било често во македонската кинематографија од минатиот век пред осамостојувањето. Во последните 30-тина години во Македонија режисерите најчесто биле и сценаристи, па веројатно јас со помош на AI ќе треба да го режирам мојот филм. Шега на страна, така направив со графичката новела, како и со секој друг мој проект, наместо да чекам на другите, сам ја визуализирав 3’53’’. Можно е со развојот на вештачката интелигенција наскоро овој проект да стане и анимиран.

Ако не се лажам, сите твои книги ги имаш и сам дизајнирано 😊. Од една страна тоа е привилегија, да можеш книгата да ја обликуваш целосно според твој вкус, но од друга страна, те јаде ли црвот како би било да ги видиш своите дела илустрирани/замислени од друг ум?

Да, тоа е точно и не само тоа. Од пред некоја година го усовршив процесот на создавање една книга од почеток до крај. Значи, концепт, пишување, дизајнирање, печатење, сечење, сортирање, бигување и коричење! Со помош и поддршка на Небојша Гелевски – Бане и колегите од неговото студио ја испечатив и графичката новела. Единствено што ми недостига за да бидам сосема автономен е најбитното – маркетинг, но ќе биде и тоа еден ден. Тоа е една од моите големи маани, кога ќе завршам со една книга веќе мислам на друга и го занемарувам најбитното – дека таа треба и да стигне до читателите.

Во врска со илустрациите, како што споменав, имам соработувано со ќерка ми, а неколку книги од серијалот „Досие“ (2009-2011, на тема наука) се илустрирани од одличниот (и уште еден хиперпродуктивен) автор Владимир Лукаш, кој ми дозволи да ги користам неговите илустрации и тие супер се вклопија во овој проект. Во врска со самиот дизајн не знам дали би дозволил на друг да ми ги чепка кружниците!

Со ВИ и графичкиот дизајн си играш цело време. Прекрасни се портретите на македонските културни великани во различни стилови на Арно.мк, каде што го објаснуваш и начинот на кој си стигнал до нив, како поттик за откривање на можностите на ВИ. Какви се твоите ставови во однос на главните етички дилеми поврзани со авторството и авторските права кога станува збор за ВИ, со муабетите „ВИ ќе ни ги земе работните места“ и сл.?

Реакцијата на мојата графичка новела според романот 3’53’’ од македонската стрипска/илустраторска сцена (консументи и создавачи) воопшто не беше позитивна. Всушност, тие на некој начин ги испразнија сите свои лични незадоволства од АИ на мене и тоа го доживеав прилично емотивно. Ми беше криво особено заради тоа што отсекогаш сум се застапувал за домашната сцена, сум ја промовирал, сум соработувал со домашни автори на кои сум сакал да им дадам повеќе глас итн. На Арно.мк имавме и серијал текстови за различни домашни креативци „од маргините“, а како некој пораснат (и одгледан) на списанието „Маргина“ и како дел од целата приказна на културниот центар „Точка“, локалната сцена отсекогаш ми била битна. Судирот со домашната сцена за мене беше неочекуван. На АИ гледам како на демократска алатка која им овозможува на сите да создадат нешто интересно, да го надградат она што го знаат или можат со нешто повеќе. Тоа е особено важно за земја како нашата која нема многу можности, а голем дел од креативците и интелектуалците се заминати. Мислев дека и другите ќе бидат воодушевени од оваа можност за домашната сцена, но грешев.

Од друга страна, можеби ќе бидам грешно сфатен, но мислам дека авторските права се преценети и сметам дека тоа е дел од западно-консумеристичката култура. Ниту едно дело не го сметам само за мое, туку за производ на средината во која сум живеел, луѓето кои влијаеле на мене, моите родители, пријатели, илјадниците уметници, научници, великани кои ме обликувале. Затоа, уште пред неколку години ги дадов сите мои дела за бесплатно преземање. Мислам дека улогата на уметникот е да инспирира.

Но, не очекувам секој да го дели мојот став. Ја разбирам и другата страна. Мојата баба била уметник, сестра ми е професионален уметник, ќерка ми целиот живот ја одгледав во таа насока и верував (пред појавувањето на GenAI) дека ќе биде илустратор. Ако живееш од твојата уметност секако не сакаш некој да ти ја краде и да профитира од неа. Затоа би било идеално сите лични стилови да се заштитат. Фирмите кои ги создаваат AI моделите и при тоа користеле дела на уметници (писатели, сликари…), треба да даваат процент на уметниците чии стилови ќе бидат користени комерцијално. Корисниците и така им плаќаат месечен надомест.

Во врска со тоа дека AI ќе ни ги земе работните места, одговорот е да. Ова како графички дизајнер го чувствувам директно, но мислам дека во човековата природа е да се адаптира. Тие кои не разбрале досега, набргу ќе сфатат дека вистинскиот излез од оваа ситуација е да ја вклопиме AI во тоа што го правиме и да го направиме поинтересно, побрзо и подобро, наместо да се бориме против вештачката интелигенција или да одбиваме да ја користиме. Можеме на неа да гледаме како на новиот подобрен колаж или семплување, кои се легитимни правци и пракси во уметноста.

Порталот за наука, уметност и арни работи на Бранко Прља и Владимир Карер, Арно.мк

Ти си од оние луѓе кои секојдневно работат на промена на светот – и преку уметноста, и преку твоите многубројни активистички иницијативи. Од каде ја црпиш вербата дека сепак може да се дојде до промени, и покрај тоа што кај нас секое занимавање со институциите што не си ја бркаат работата делува како борба со ветерници?

Битно ми е она што го правам да има корист и во секојдневниот живот. Мислам дека со „Дај, не фрлај“ направивме една многу корисна алатка која ја користат многу луѓе, а притоа не ни знаат дека со тоа ѝ помагаат на екологијата. Кога сакаме да направиме некоја општа промена на добро, мораме да тргнеме од прашањето што им треба практично и секојдневно на луѓето.

Лично верувам дека е многу битно креативците да се ангажираат во полето на активизмот. Премногу сме непрактични да се инволвираме во политиката, но затоа можеме индиректно со нашата креативност да влијаеме на нештата. Уште одамна, кога од работата во чисто културна сфера, преминав во маркетинг, зборував дека во маркетингот се наоѓаат најпаметните креативци кои имаат знаење да ги претворат идеите во конкретни нешта кои ќе ги натераат луѓето на акција. Зошто тоа да биде во функција на зголемување продажба на одреден бренд автомобил, а не на идејата дека е подобро да се вози велосипед?

Институциите во земјите како нашата просто не знаат каде да се свртат од бројни злоупотреби. Како народ немаме многу одговорност едни кон други, но тоа се гради постапно. Секој еко-проект кој го водам го почнав од помислата дека треба да ја градиме свесноста. Тука се депониите кои нè трујат, ѓубрето во кое сме затрупани, загадувањето и пресушувањето на реките… да не набројувам, има толку многу проблеми, а толку малку заинтересираност и кај институциите и кај луѓето. Честопати за институциите вредностите за кои се залагаме како креативци и активисти се научна фантастика. Затоа ни останува нам да бидеме упорни додека не ги оствариме и тоа го сфаќам многу сериозно, како лична обврска и одговорност.

Последниот стрип за Скопје: „Дризла Скорне го дрибла“

Во таа насока се и мрачно-саркастичните стрипови за градот Скорне (прв, втор, трет), најновото од твојата ВИ игротека – твој крик против лудилото на нашето време во нашиот главен град. Ќе видиме ли светлина на крајот од тунелот на темава?

Роден сум во Сараево, но Скопје е градот на моите предци и мојот град кој го сакам, со сите негови недостатоци, мутации и превирања. Запознав еден град кој ме воодушеви со широките булевари, големите дрвореди, богатото минато и алтернативната култура, градбите на брутализмот и на Кензо Танге. За жал, ништо од тоа веќе не постои или е засенето. Скопје е станато град-чудовиште без идеја и иднина. Градот треба да се шири, зашто тоа е симбол на проширување на видиците и гледањето напред. Не треба да го уништиме и она малку вредно што останало и да изградиме „постаро и поубаво“. Граѓаните на Босна немаа избор, но ние имавме. Ми се чини дека Скопје е сирак кој го оставија не само тие кои заминаа, туку и ние кои останавме тука. Не се боревме доволно за нашиот дом и затоа тој сега е таков каков што е – бездушен и деморализиран.

На различни начини се обидувам да влијаам на подобрување на некои нешта (пред сè во полето на културата и екологијата) во Скопје и Македонија, во нешто сум имал успех, но тоа е капка во морето. Има уште многу да се направи и би требало сите кои знаеме како да ги смениме нештата или да ги инспирираме другите, да одвојуваме од своето време за да го направиме тоа. Не треба да бараме ништо за возврат – ќе ни се врати со подобар живот за сите. Се разбира има и луѓе кои го прават тоа, како На точак. Има и други, што е добро, сепак тие се малцинство.

Бранко Прља е Берт Стајн е Исак Сима. Или не е? 😊 Што значи за тебе пишувањето под псевдоним?

Да, сите тие се мои псевдоними. Првпат го искористив псевдонимот Берт Стајн кога конкурирав за наградата „Роман на годината“. Тоа беше прва награда за која сум конкурирал воопшто. Веќе бев автор со речиси 20 дела и не сакав тоа да биде фактор во изборот. Но, кога ми се јавија дека сум влегол во финалето малку ме измамија со тоа дека наградата мора да се додели на реален човек, па им го открив името, што веднаш (не по моја желба) го пренесоа во јавноста. Сепак, со тој псевдоним продолжив да пишувам дела кои ми се чинеше дека повеќе припаѓаат на тој аспект од мене. Како Берт Стајн имам објавено четири дела и неколку стотини текстови на Арно.мк на тема култура, филм, музика, уметност… а, како Исак Сима имам објавено две дела и педесетина текстови. Тука веројатно влегува оној муабет за „бујна фантазија“, едноставно потребни ми се повеќе потписи за разни нешта кои ги правам.

Верувам дека секој од нас има повеќе аспекти од својата личност и тие се одразени во овие мои псевдоними. На пример, Берт Стајн е поуспешен писател од Бранко Прља, а вториот е подобар активист. Псевдонимите се во духот на дадаистичката традиција чии автори ги почитувам и сакам, и ги открив преку нашиот Никола Гелевски, кој и самиот има неколку псевдоними од кои најпознатиот е Пандалф Вулкански.

Како би се чувствувал ако ти кажам дека прашањава не ги составив јас, туку ChatGPT? 🙂

Интересно прашање. Прво би те прашал дали сугестијата за прашањево ти ја дал ChatGPT? 😊 Веројатно би се чувствувал измамен кога би знаел дека прашањата се во целост на ChatGPT. Но, кога би знаел дека е користен како асистент за составување на прашањата тогаш би било сосема во ред. Сите користиме компјутери, интернет, различни извори на знаење и референци, производ сме на сè она што сме го читале, учеле, слушале… Вештачката интелигенција само ни помага полесно и побрзо да пристапиме до овие информации и да ги инкорпорираме во нашето искуство. Тоа нè прави попродуктивни, побрзи, подобри, не гледам ништо лошо во тоа, напротив сметам дека AI (ако не го уништи светот), тогаш ќе ги премести средствата за производство во рацете на секој човек кој има пристап до технологијата. За првпат во историјата на човештвото експертските знаења и вештини ќе бидат во рацете на пролетеријатот, а светот ќе биде вистинско поле за културен натпревар и соработка помеѓу сите народи на светот. Звучи добро, нели.

Сепак, како заклучок, не слушајте ме мене во врска со вештачката интелигенција. Наместо тоа, послушајте некое предавање или поткаст со Gary Marcus, Nick Bostrom, Raymond Kurzweil, Andrew Ng, Andrej Karpathy, Ben Goertzel, Demis Hassabis, Ilya Sutskever, Ian Goodfellow (сите ги има интервјуирано Lex Friedman, поткастер и истражувач), како и стотиците други генијалци, истражувачи и експерти во полето на AI.

ВЕЛЕС – ГРАД НА АРХИТЕКТУРНА ЕЛЕГАНЦИЈА И ПРОСТОРНА УНИКАТНОСТ

Велес – вистинскa дестинација за сите љубители на архитектурата и културата. Секој агол на Велес, секоја улица, сокаче или зграда е последица на умешна градителска вештина и уметнички споj, каде што се остварува хармонична синергија помеѓу старото, традиционално и новото, модерно време. Стариот дел на градот дава одеци на древните времиња со своите камени куќи, дрвени балкони и автентични улички. Овие градби го креираат раскажувачкиот наратив на градот и се задолжителен елемент од неговата културна традиција.

Градот се распространува по долината на реката Вардар во Велешката Клисура на одлична географска положба, што е причина Велес да биде крстопат на меѓународни и железнички патишта, односно еден од поглавните наши транзитни центри со светот. Постоењето на градот Велес го детектираме уште во вториот век пр.н.е., кога градот функционирал како античка населба источно од она што денес претставува современ и модерен Велес. Велес добива повеќе имиња низ текот на историјата. Некогаш бил познат како Вила Зора, некогаш како Ќупурли, меѓу кои е и најпознатото име „Титов Велес“[1], а за време на преселбата на Словените на Балканот градот го добива името „В лес“, со значење „в шума“, поради густите шуми што се наоѓале во околината на градот. Според славистичките антрополози, ридовите по текот на Вардар биле населени од сточари, кои верувале во богот на стадата Велес и оттука можеме да претпоставиме дека и македонскиот град добива именување според еден од боговите на словенската митологија.[2]

Шетајќи низ улиците на Велес, ќе се запознаеме со богатството на архитектурното наследство на градот – од величествените цркви и манастири, како Свети Пантелејмон и Богородица, до живописните градби зачинети со неоренесансни и неокласични елементи. Уличките, сите тесни и широки, си носат своја специфична убавина и забележливо е дека се изградени со однапред испланирана инфраструктура и дизајн. Градот го почитува своето историско наследство и го восприема како извор на инспирација за новите генерации. Секој камен и секоја линија на архитектурата во Велес сведочи за векови на преоди и интересни приказни што го сочинуваат наративното ткиво на градскиот етос.

Уште од античкиот период се забележува архитектурниот потенцијал на градот Велес. Територијата на Велес и околината влегувале во составот на пајонската држава и тука бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора[3]. Исто така, не можеме а да не го споменеме древниот римско-пајонски град Стоби, за кој ни е познато дека заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период, поради неговата географска поставеност, каде што минувале главните патишта што ги сврзувале областите Дунав со средоземните земји од античкиот период. Подоцна, во периодот на 18 век била изградена Саат-кулата и со својата специфична архитектура и камена градба станала амблемот на градот Велес.

Фотографија на Велес од раниот дваесетти век

Во минатиот век, Велес бил дом на многу први почетоци, меѓу кои и првиот македонски театар, изградена била првата гимназија и првото музичко училиште, како и првиот музеј. Сепак, Велес со својата архитектура не му капитулира на минатото, туку доживува модернистичка трансформација и во последната декада градот добива нова урбанистичка димензија со уникатните и модерни архитектонски градби. Новите згради и куќи, со својата современа елеганција и авангарден дизајн, го обележуваат преминот во 21 век, а оваа синтеза на старото и новото, на класичното и модерното, го прави Велес еден од најинтересните и најуникатните градови во регионот.

Уште неколку интересни градби што го спојуваат традиционалното и новото време

Спомен-костурница на загинатите борци во НОВ од Велес и од велешката околина

Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ – интересна и мошне современа градба за љубителите на театарот и културата

Народниот музеј – објект со специфична градска архитектура што го чини градот Велес поинаков од сите други градови. Во центарот на градот, музејот е седиште на велешката историја и култура. Музејот располага со вредни експонати од историско, археолошко и етнолошко значење. Во музејот може да се погледне етнолошкото одделение во кое се изложени раскошни градски и селски носии, како и ентериери преуредени да ѝ прилегаат на старата велешка архитектура.

Велес е познат и како Градот на Рацин. Денес, во негова чест е реставрирана и отворена како музеј за посета „Спомен-куќата на Кочо Рацин“ со оригинални ракописи и други спомени од неговиот живот и неговото дело.

Старите бисери на Велес

Специфичната градска архитектура најмногу може да се долови преку комплексот на куќи, т.н. „Варналиите“. Комплексот „Варналиите“ претставува комплекс на архитектонски градби градени кон крајот на 19 век и поради нивното културно и историско наследство тие се третираат како куќи-споменици и се под заштита на државата.

Тука спаѓаат куќите на Паунови, Тренчови и Прнарови (фото горе), изградени во 1868 година, потоа куќата на Шукареви изградена во 1927 година и куќата на Ѓоргови (фото долу) изградени во 1930 година во центарот на Велес според европскиот модел на градска куќа од тој временски период.

Како што потврдивме, градот е карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура за која сведочи неколкувековната историска традиција. Велес, градот на архитектурна елеганција и уникатност, покажува дека минатото и иднината можат да се испреплетат и да добијат автентичен изглед. Од една страна, ги имаме црквите, античкиот Стоби, комплексот куќи со специфична модерна архитектура, а од друга страна, топлата атмосфера, полните кафулињата и рестораните, каде што се слуша џагорот на велешани, кои уживаат во дружење и разговори, го исполнуваат духот на градот. Не пропуштајте ја можноста да го истражите овој прекрасен град и да се изгубите во неговата архитектурна прегратка!

Доротеа Огненовска 

[1] Македонската режисерка Теона Стругар Митевска ќе направи филм именуван според овој град – „Јас сум од Титов Велес“ (2008).

[2] Едно од поважните божества од словенската митологија. Велес бил бог на земјата, облаците, водите и подземниот свет.

[4] Во овој театар настапила првата глумица, учителката Тенка А. Коларова, со популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“ во 1875 година.

Subscribe To our newsletter!